Македонската дипломатија како проточен бојлер | Северна Македонија | DW | 22.07.2014

Посети ја новата страница на DW

Погледнете ја бета-верзијата на dw.com. Сѐ уште не сме готови! Вашето мислење може да ни помогне да ја направиме подобра!

  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Македонската дипломатија како проточен бојлер

Дефектите во кадровската политика во дипломатијата и празните македонски амбасади во важни светски центри, носат уште една пропуштена дипломатска година, предупредуваат поранешни амбасадори.

Во што се претвори македонската дипломатија - во детска градинка, во полигон за експерименти, во проточен бојлер или во сето тоа заедно? Која е причината што дипломати од кариера се повлекуваат од амбасадорските функции? Повлекувањето на професионалниот дипломат, Ненад Колев, од амбасадорската функција во Германија, по втор пат за пет месеци го актуелизираше ова прашање. Пред него, во февруари годинава дипломатот од кариера, Никола Димитров, го одби амбасадорското место во Москва. Во меѓувреме, повлечени се и агреманите за Загреб и Отава, па во Хрватска останува досегашната амбасадорка, а за Канада ќе се бара нов кандидат. Многу амбасади зјаат празни, но фактот што два врвни дипломатски центри - Берлин и Москва се без амбасадори од Македонија, се чини дека не ги загрижи државните функционери со ингеренции во надворешната политика. Двата случаја засега се третираат како „изолирани“ и од „лични причини“.

Повикајте го следниот!

Oд кабинетот на претседателот изјавија дека „ја прифаќаат одлуката на Колев да се откаже од амбасадорската функција во Берлин, а во најскоро време ќе бидат почнати консултации за избор на нов амбасадор“. Дали е тоа доволно и издржано објаснување? Според искусни дипломати, ваквиот одговор не може да го покрие сомнежот дека македонската дипломатија се соочува со сериозни проблеми.

Mazedonien Deutschland EU Flaggen AA 12.03.2014 Berlin

Македонија без амбасадор во Берлин

Ѓорѓи Мисајловски, дипломат од кариера и член на Дипломатскиот совет на СДСМ, е изненаден од неодговорноста и леснотијата со која се поминува преку ваквите случаи.

„Запрепастува несериозноста во изборот на амбасадори и во кохабитацијата на линија претседател - премиер - МНР. Амбасадор кој веќе добил агреман за должност во Берлин дава оставка. Причините не се важни! Амбасадорот бил избран на јавен конкурс, демек, демократски. Се јавиле над 200 кандидати. Македонија врие од потенцијални амбасадори. Толку не би се јавиле и во Стејт Департментот за амбасадор на САД во Берлин. Но, она што загрижува, е тоа што Македонија во наредните шест месеци или цела година ќе нема амбасадор во Берлин. Долго време земјава нема амбасадор и во Москва. Лошо е што вршителот на работите во Москва на Фејсбук се фали дека добил покана директно од Кабинетот на претседателот Путин за некакво меропријатие. Во меѓувреме ја напушта амбасадата и оди 'ласт минут' на одмор на Карибите. Ете, тоа е вистинската слика за нашата дипломатија“, вели Мисајловски.

Секој може!

Во последниве години во дипломатијата сѐ повеќе влегуваат некомпетентни и неедуцирани лица, и тоа преку „вратите“ на јавен конкурс, кој оваа професија ја направи лесно достапна. Колку за илустрација, на минатогодишнот конкурс за 19 амбасадорски и три конзулски места се пријавија 700 кандидати. Од нив, 110 аплицираа за амбасадорското место во Белград, а не беше помал интересот за Подгорица и за конзулското во Венеција. Голем број кандидати годинава се пријавени и на конкурсот за пет амбасадорски, едно конзулско и за местата на осум воени аташеа. Со измените на Законот за надворешни работи во 2006 година, беше одредено дека две третини од дипломатските претставници на земјата мора да бидат дипломати од кариера, а една третина беше оставена за политички решенија. Денес изборот на амбасадори повеќе се одвива според обратен квантум, па професионалните дипломати најчесто остануваат дома, а и дел од назначените - се откажуваат од функцијата.

„Дали професионалците од МНР се срамат од аматерските политики на Никола Груевски и Никола Попоски“, праша опозицискиот СДСМ и ги наброи сите дипломатски скандали во изминатите години.

„Лани, од приватни причини, екс амбасадорот на Чешка, Игор Илиевски, бегаше во Полска. Почесниот конзул во Перу, Дејан Атанасовски, нападна граѓани и полицајци. Преку австралиските медиуми светот дозна за приватните излети на екс амбасадорот во Австралија, Перо Стојановски. Конзулот во Чикаго, Јовица Палашевски, се степал на паркинг и нападнал службено лице“, набројуваше портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов.

Außenministerium Mazedonien in Skopje

МНР

Но, дипломатите потсетуваат и на други недоследности и скандали: именувањето на „цвеќарка“ за амбасадорка во Вашингтон, физички пресметки меѓу амбасадор и вработени во амбасадите во Виена и во Хаг, сообраќајни инциденти предизвикани од амбасадори под дејство на алкохол, поради што еден е и повлечен од функцијата. Според дипломатски извори, дел од амбасадорите паралелно со функциите туркале и приватни бизниси. За ваквите состојби кои го нарушуваат имиџот на Македонија, масовно се говори во дипломатските кулоари, но со оглед дека изостануваат санкции и повикување на одговорноста, посредно се испраќа порака дека „тоа може да помине“.

Значајно е да се одбележи и дека повеќе амбасадори по завршувањето на функцијата останаа во земјите каде ја извршуваа функцијата: Во Холандија се вработија Милијана Даневска и Никола Димитров, Перо Стојановски остана во Австралија, а на работа во странство останува и дел од дипломатскиот персонал.

Политички критериуми

Поранешниот амбасадор, Димитар Мирчев, денешните состојби и проблеми во дипломатијата ги лоцира во токму во кадровската политика.

„Навистина, последниве години има повеќе инциденти и 'случаи' во нашата дипломатија. Ги има и во други дипломатии, но кај нас некако станува хронично и дури - чудно. Не верувам дека се работи за случаи на поединци, карактери, лични интереси и слично. Во прашање е кадровската политика во дипломатијата. Наспроти сите напори да ја професионализираме и да ја демократизираме, односно да ја направиме транспарентна, нешто не ни успева. Сметам дека се работи за сериозни дефекти во таа кадровска или персонална политика, посебно за повисоките дипломатски звања. Немаме утврдена политика на едукација, регрутација, селекција, избор и оценување на дипломатите. Претпоставувам дека преовладуваат политичките критериуми, додека дипломатијата е, сепак, професионална дејност. И патем, не ми јасно како по сите овие 'инциденти или случаи', никој не презема некоја одговорност. Тоа, пак, е основно правило во дипломатијата и надворешната политика“, потсетува Мирчев.

Додека одговорноста изостанува, а последиците се множат, прашањето е - кои ќе бидат ефектите од ваквата дипломатска политика, односно од ваквата политика во дипломатијата?

Мисајловски е дециден во одговорот: „Не може да се очекува датум за преговори со ЕУ до крајот на годината, ниту покана за прием во НАТО. Не ја артикулиравме нова политичка оска во Европа во суптилните односи меѓу Москва и Берлин. Со соседите суштинските проблем не се решаваат. Во меѓународните организации сме анемични и недоволно конзистентни. Дипломатската 2014 година практично е завршена“.

Поврзана содржина