1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Фотографија: DW

Македонија, Србија и БиХ баш и не се сигурни земји

Саша Бојиќ / Александар Методијев
13 септември 2014

Нацрт-законот предложен од германската влада, а со кој Македонија, Србија и Босна и Херцеговина се прогласуваат за т.н. сигурни земји, организациите за човекови права и заштита на беглаци го сметаат за крајно некоректен.

https://p.dw.com/p/1DBjW

Денеска (13.09.) во Штудгарт се одржуваат демонстрации на организациите за човекови права, поради новиот нацрт-закон, кој го предложи германската влада, а со кој Македонија, Србија и Босна и Херцеговина се прогласуваат за сигурни земји. Тоа би значело дека барањата на граѓаните од тие земји за азил во Германија можат да бидат одбиени по брза постапка како „очигледно неосновани“. Со тоа ќе бидат погодени пред се’ Ромите, кои владата во Берлин ги смета за економски бегалци, односно луѓето кои само бараат спас од лоѓите услови за живот. Тоа поедноставување владеачките политичари постојано се обидуваат да и’ го наметнат на јавноста како аргумент во прилог на новиот закон.

Борци за човекови права против новиот закон

Организациите за човекови права и заштита на бегалците сметаат дека тој закон е крајно некоректен. Организацијата „Про азил“ објави информации за ситуацијата на Ромите во Македонија, Србија и Босна и Херцеговина, кои се изнесени во извештаите на Комисијата за човековите права на Советот на Европа, Министерството за надворешни работи на САД, ОБСЕ, Европската комисија, Европската комисија против расизам и нетолеранција, како и бројни организации и медиуми.

Тие извештаи директно им противречат на образложенијата на германската влада за причините за прогласување на споменатите земји за сигурни. Германската влада за Ромите постојано зборува како за „економски бегалци“. Но, постои проблем со тврдењата дека сиромаштијата која ја загрозува егзистенцијата не може да се прифати како причина за бегство. Бидејќи, според членот девет од насоките на ЕУ за доделување статус на бегалец, дискриминацијата и сегрегацијата можат да се третираат како прогон.

„Амнести интернешнал“: Трите земји да не се прогласат за сигурни!

Ако Ромите немаат пристап до чиста вода за пиење, образование и медицинска нега, ако нивните населби присилно се празнат, ако тие се осудени на тежок живот надвор од нормалниот систем на државна грижа, сите тие фактори имаат сеопфатно и кулулативно дејство, кое и тоа како може да се третира како прогон. Со таа оценка се согласува и организацијата „Амнести интернешнал“, која германската влада на крајот на февруари годинава ја замоли да се изјасни за нацртот на новите законски амандмани за барателите на азил од Македонија, Србија и Босна и Херцеговина. „Амнести“ во својот одговор изнесува низа податоци за катастрофалната положба на Ромите во тие земји, што го нарекува „посебен вид на прогон“. За организацијата е неприфатливо тоа што германската влада се обидува како критериум за разгледување на барањата за азил да го земе само „политичкиот прогон“.

Flüchtlingskind in Ingelheim 27.09.2013
Фотографија: picture-alliance/dpa/Fredrik von Erichsen

На крајот на својата изјава „Амнести интернешнал“ бара од властите во Берлин да не ги прогласуваат споменатите три земји за сигурни, нагласувајќи дека начелно го отфрлува концептот на „сигурни држави“. Организацијата бара секое барање за азил да се разгледа поединечно, во постапка која мора да биде фер и ефикасна, и укажува дека тоа барање произлегува од меѓународното право. Тоа што „претпоставката за сигурност“ води кон одбивање на барањето за азил како „очигледно неосновано“, води и кон различен третман на бегалците, кој според членот 3 од Женевската конвензија за бегалци е забранет!

Судот на страна на барателите на азил

Посебна тежина во сето ова има и ставот на германското правосудство. На почетокот на годината двајца Роми, кои претходно принудно се вратени од Германија во Србија, во судот во Штутгарт поднесоа тужба против германската држава. Во пресудата соопштена во април судот им даде за право, преку детална анализа на дискриминацијата на Ромите во Србија и констатацијата дека дури и во српскиот кривичен законик вградено тешко кршење на човековите права на припадниците на тој народ. Судот смета дека третманот на Ромите во Србија има тежина на прогон.

Новите амандмани се веќе прифатени во германскиот парламент - Бундестагот, ама за тие да стапат на сила мора да бидат одобрени и во Советот на германските сојузни покраини - Бундесратот. Клучна улога во тоа имаат Зелените, кои категорички го отфрлаат новиот занон. Додека во сојузниот парламент тие се во опозиција и не можеа таму да го спречат гласањето за предлог-законот, во Бундесратот имаат големо влијание, бидејќи учествуваат во власта во мнозинството од 16 парламенти на германските федерални единици. Во моментов политичарите на владеачките демохристијани и социјалдемократи се обидуваат да ја убедат Партијата на зелените да го промени својот цврст став - а, во политичката трговија тоа се прави со можни отстапки. Во Бундесратот гласањето е на 19 септември.

Прескокни го блокот Поврзани теми

Поврзани теми

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Димитар Апасиев, лидер на Левица

Колку многу агенти

Mazedonien Ljupco Popovski
Љупчо Поповски
Прескокни го блокот Повеќе теми
Врати се на почетната страница