Македонија влегува во изборна треска | Македонија | DW | 25.09.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Македонија

Македонија влегува во изборна треска

Од денеска почнува изборната кампања за локалните избори на 15 октомври. Кандидатите за градоначалници потпишаа Кодекс за фер-избори, набљудувачите го засилуваат мониторингот врз партиите, а АВМУ врз медиумите.

Од ноќеска по полноќ (25 септември) започна изборната кампања за шестите локални избори во независна Македонија, кои ќе се одржат на 15 октомври. Кампањата ќе заврши на 13 октомври, а изборите ќе се спроведат на 3.480 избирачки места во 80 општини и во Градот Скопје. Вториот круг од изборите ќе се одржи две недели подоцна, на 29 октомври. Изборната кампања за вториот круг завршува на 27 октомври, во 24 часот. Листи со кандидати за градоначалници и за советници имаат поднесено 19 партии и коалиции, а 64 се од групи избирачи.

Локалните избори, според изјавите на политичарите, веќе се третираат како неформален референдум за правецот во кој оди Македонија, односно, за определба на гласачите меѓу политиките на двете најголеми партии - СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Во предвечерјето на изборната кампања, таквите очекувања ги истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во тв-интервју.

„По победата на локалните избори, логично е ВМРО-ДПМНЕ да бара и да добие предвремени парламентарни избори и да започне една нова ера во Македонија, да се стави прекин на ова помрачување што ѝ се случи на државата со доаѓањето на СДСМ“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. Тој и на завчерашната конвенција во пресрет на локалните избори најави „нова ера“ за земјата, со фокус на економијата, екологијата и владеењето на правото.

„Граѓаните ќе ја потврдат победата и ќе стават крај на неговата криминална ера“, му одговорија социјалдемократите.

„Никола Груевски е губитник и тоа им е јасно на сите, па дури и на неговите сопартијци и затоа никој повеќе не стравува од неговото сеење закани, поделби и омраза. Македонија го надмина Груевски“, порачаа од СДСМ.

Кодекс за фер-избори

И покрај вербалните престрелки, од партиите и нивните кандидати за градоначалници и општински советници се очекува фер-изборен процес. За таа цел, кандидатите за градоначалници вчера потпишаа Кодекс за одржување слободни и демократски избори, преку кој се обврзуваа дека ќе ја почитуваат законската регулатива за време на организирањето и спроведувањето на изборите. Со Кодексот се предвидува партиите да не вршат притисок врз вработените во јавната и државната администрација, ниту преку други институции финансирани од буџетот на државата.

Во таа насока, изборниот процес будно ќе го следат и од мисијата на ОБСЕ/ОДИХР во Македонија.

„Постои сеопфатна законска рамка, но се разбира дека и од луѓето кои учествуваат во изборите - властите, општините, Државната изборна комисија, ќе зависи како таа рамка тие ќе ја спроведуваат. И тоа е она што ние ќе го набљудуваме“, рече шефица на оваа мисија, Одри Гловер, во интервју за РСЕ.

Изборите ќе бидат набљудувани и од акредитирани граѓански организации. Една од нив, „Цивил“, денеска во 11 часот  во Клубот на новинарите организира двочасовна конференција „Слободни избори за слободно општество“. На конференцијата ќе се обрати германскиот амбасадор во Македонија, Томас Герберих, а „Цивил“ ќе ги презентира наодите од досегашниот мониторинг на настаните и процесите во изборен контекст. За своите наоди и препораки за изборниот процес ќе говорат експерти и претставници на институциите и на граѓанското општество, во обид да дадат одговор на прашањето: Што претходеше, што треба да се направи и кои се ризиците пред нас, во контекст на локалните избори во Република Македонија?

Под мониторинг и медиумите

Партиите не се единствените чие однесување ќе биде мониторирано за време на изборниот процес. Важна алка во обезбедувањето фер-третман на учесниците во изборната трка - се медиумите. Во согласност со одредбите од Изборниот законик што се применуваат за време на изборната кампања, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) ќе врши мониторинг на изборното медиумско претставување. Во овој период од изборниот процес, радиодифузерите ќе треба да ги почитуваат обврските за известување на правичен, избалансиран и непристрасен начин во својата вкупна програма, а на учесниците во кампањата да им овозможат подеднакви услови за пристап. Известувањето за редовните активности на државните органи и институции, органите на општините и на градот Скопје, не смее да биде во функција на изборно медиумско претставување на ниту еден политички субјект. За периодот на изборната кампања Агенцијата ќе објави по два поединечни извештаи.

Според аналитичарите, овие избори, ќе покажат дали созрева изборната, односно политичка култура во Македонија, и дали гласачите ќе бидат фокусирани на оценување на (на)реализираните ветувања на локалните власти. Истражувањето на тимот на БИРН -Македонија „Општини под лупа“, спроведено врз основа на сите буџети и завршни сметки од 2013 до 2016 година, покажа дека градоначалниците не оствариле ниту половина од планираните капитални проекти. Од планираните 762,6 милиони евра за капитални инвестиции биле инвестирани вкупно 356,4 милиони евра, што е 46,7% од планираното. 

На последните локални избори одржани во 2013 година, најмногу градоначалници - 56, имаше партијата ВМРО ДПМНЕ, ДУИ 14, СДСМ  4, ДПА 2 и уште неколку од помалите партии и независни градоначалници.

 

DW.COM

Реклама