„Македониум“: една слика - илјада зборови! | Македонија | DW | 03.08.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

„Македониум“: една слика - илјада зборови!

И дождот кој вчера обилно му го „честиташе“ празникот на Крушево, откри дека тој многу побрзо влегува во споменикот „Македониум“, отколку оние што треба да ги санираат последиците од него

Една слика - илјада зборови! Оваа омилена реченица на поранешниот премиер и актуелен лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, вчера блесна во сиот „сјај“. Фотографијата што ја објави СДСМ од положувањето цвеќе во чест на празникот Илинден, откри во колку лоша состојба е внатрешноста на споменикот „Македониум“ („Илинден“). Протекувањето низ витражните прозорци по секој дожд, оставило јасни цртежи на ѕидовите, чија форма се менува во зависност од количеството на влага и насоките во кои се шири мувлата.

Даница Павловска, пранешна претседателка на Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ) вели дека е недозволиво и неодговорно споменикот да се остави, па дури и празнично да се прикаже во таква состојба.

„Подготовката на вакви манифестации не треба да биде фокусирана само на поставување на сценографија за говорниот сегмент, туку и на подготовка на целиот простор кој сведочи за значењето на она што се прославува. Дури и во случај да не е дефиниран режимот на заштита на толку значајно споменично обележје, по овој повод требаше да се има однос кон него како кон многу висока вредност, бидејќи и тој е сегмент од вкупната 'сценографија'“, укажува Павловска.

За жителите на Крушево, грдите внатрешни слики од споменикот не се новост.

„Вака е со години. Додека се фрлаат пари за нови споменици, постојните и најзначајните се препуштени на пропаѓање. И нормално дека сега сите се изненадени, бидејќи овде доаѓаат од Илинден на Илинден. A деновиве во градот има луѓе од цела Европа, заради претстојното предевропско првенство во змајарство. Многу од нив веќе го посетија споменикот и се разочараа од состојбата. Еден од гостите ми вели: 'Многу убаво изгледа градот кога летаме и го гледаме од горе. Но, не изгледа добро кога ќе слетаме долу'“, раскажува крушевчанецот К.М.

Реконструкцијата во тек

За волја на вистината, споменичниот комплекс „Македониум“, реално не може да се смета заборавен од надлежните институции, бидејќи минатата година веќе започна да се оградува платото околу него. До декември беа изградени 720 метри ограда, од вкупно планираната должина од 980 метри, по што беше најавена и реконструкција на споменичниот комплекс за кој е надлежен Завод за заштита на спомениците на културата и музеј- Прилеп.

„Се надевам дека по добивање на конзерваторско одобрение од Управата за заштита на културното наследство, ќе може да се објави и тендер со цел следната година (2016 -н.з.) да почне реконструкцијата на овој многу вреден и значаен споменик на културата“, изјави министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска во декември лани.

Вчера Министерството за култура реагираше на медиумските информации и критики за негрижата за спомениците.

„Потсетуваме дека реконстукцијата на споменикот ’Македониум’ во Крушево е проект кој се наоѓа во Програмата на Владата на РМ и на Министерството за култура и во моментов на терен течат активностите за негова екстериерна реконструкција, по што ќе се пристапи и кон целосна обнова на внатерешноста на овој многу значаен објект. Потсетуваме дека годинава заврши поставувањето на потпорните и оградните ѕидови околу споменикот. Целата реконструкција на споменикот кој е симбол на Илинден ќе заврши во текот на 2017 година“, информираа од Министерството за култура.

Во Заводот и музеј од Прилеп каде „тече проектот за целосна реконструкција на споменикот“ работите најверојатно се одвиваат многу бавно, штом од декември лани до август годинава не успеале барем да ја отстранат мувлата од ѕидовите на споменикот.

А дождот кој вчера обилно му го „честиташе“ празникот на Крушево, уште еднаш покажа дека тој многу побрзо влегува во споменикот, отколку оние што треба да ги санираат последиците од него.

Mazedonien Nationalfeiertag - Ilinden

Вечниот пламен

Ништо околу „Македониум“ денес не оди ни брзо ни лесно, а таква „судбина“ споменикот имал и за време на неговата изградба, што преку сведоштва е опишано во делото на Кит Браун, „Минатото под прашање; Модерна Македонија и неизвесностите на нацијата“. Првото прашање била локацијата за споменикот. „Денешните жители на Крушево паметат дека требало да се натпреваруваат со Битола за тоа кој ќе го добие правото да биде домаќин на проектот. Имало разни реакции, а една од нив била: 'Додека Крушево гореше, во Битола танцуваа со конзулите'. (..) Сепак, се чини дека најзначајниот поединечен фактор бил моќниот маченички имиџ на Крушево“, пишува Браун.

Во 1968 година биле повикани архитекти и скулптори да достават свои предлог-решенија за изградба на споменик во Крушево. Од осум предлози, листата била сведена на три: „Оган“ од Фега Косир, архитект од Љубљана, проект на Тихомир Арсовски, Боро Митриќевски и Кире Рецески од Скопје под шифра „10123“ и „Македониум“ од сопружничкиот тим Јордан Грабул, скулптор и Искра Грабул, архитект, и двајцата од Прилеп. Прво било соопштено дека првата награда не е доделена, а предлогот под шифра „10123“ ја добил третата. Но, на 6 мај 1970 година, Собранието на Република Македонија донело одлука да се гради „Македониум“. Споменикот свечено бил откриен на 2 август 1974 година.

„Бошко Станковски одржал говор, а следниот ден неговите зборови, според обичајот во тоа време, биле во целост објавени во скопскиот дневен весник 'Нова Македонија'. Во уводните забелешки ниту еднаш не се спомнал проектот на споменикот. Не се спомнати ни уметниците, Јордан и Искра Грабул, и тие немале никаква значајна улога во церемонијата на откривањето“, нотира Браун.

Хронологија на изградбата во тие четири години била полна со сведоштва за застои и интервенции од историчари и политичари.

„Искра Грабул во 1993 година отворено го искажа чувството на фрустрација поради компромисите што таа и Јордан биле принудени да ги направат. (...) Еден од тие нејзини пишани одговори од тој период, кој преживеал во архивата на Јордан Грабул, е краток преглед на нејзините и Јордановите приговори против вклучувањето комеморативен вечен пламен во главната градба на меморијалниот комплекс. Тие тврделе дека да се вклучи пламен значи да се обелодени дека не постои некој автохтон или современ симбол што е попригоден за таа намена. Тоа, според нив, ќе претставувало „признание на уметничкиот неуспех“. Во поглед на тоа биле поразени: кога споменикот бил отворен во 1974 година, дел од него претставувал и вечниот пламен“.

Таа интервенција недвосмислено го сугерира прашањето - за што сведочи вечниот пламен денес: за единството, за истрајноста или за неодговорноста?

Реклама