Листата на симптоми на коронавирусот непрекинато се шири | Свет | DW | 11.05.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Листата на симптоми на коронавирусот непрекинато се шири

Се чини дека секоја недела листата на симптоми на коронавирусот се издолжува. Она што почна со температура, настинка и главоболки за брзо време се претвори во каталог од симптоми кои ги погаѓаат повеќето човечки органи.

Новиот коронавирус може да го турне имунолошкиот систем кон прекумерна реакција, предизвикувајќи неконтролиран напад на патогените и на организмот.

„Повеќето вируси предизвикуваат болест на два начина. Тие може да го оштетат ткивото таму каде што се реплицира вирусот, или можат да предизвикаат штета како страничен ефект врз имунолошкиот систем кој се бори со болеста“, објаснува Џереми Росман, предавач по вирологија на Универзитетот во Кент.

Лекарите се сомневаат дека Ковид-19 е виновен и за хоспитализацијата на преку 100 деца и адолесценти последниве недели во Њујорк, Лондон и Париз дијагностицирани со нарушување слично на синдромот на токсички шок кој ги напаѓа ѕидовите на крвните садови и може да предизвика треска, повраќање и во екстремни случаи и откажување на органите.

Три смртни случаи во Њујорк му се припишуваат на овој синдром, а сомнежот е дека има уште два други.

Кај возрасните, во бројни медицински студии Ковид-19 се поврзува со други симптоми како што се удари, оштетување на срце и отекување на мозокот.

Истражувачите од уролошкиот оддел на Медицинскиот универзитет Нанжинг опишуваат пациенти со тешки уринарни компликации и акутни повреди на бубрезите. Тие забележале и „драматични промени“ во машките сексуални хормони.
„Откако ќе се опорават од Ковид-19, младите луѓе кои се заинтересирани да имаат деца треба да се консултираат за нивната плодност“, советуваат овие научници.

Список кој постојано се шири

Дали тоа значи дека Ковид-19 предизвикува уникатно широк спектар на симптоми? Не мора да значи, велат виролозите и други експерти.

„Доколку е вообичаена болест, тогаш дури и ретките компликации ќе се случуваа често“, вели Бабак Џавид, консултант за инфективни болести во Универзитетската болница во Кембриџ.

Ширум светот потврдени се 4,1 милиони случаи на коронавирус, но вистинската бројка- имајќи ги предвид и неоткриените и асимптоматските случаи- „веројатно е десетици, можеби и стотици милиони“, вели тој.

„Оттука, доколку кај еден од илјада или дури и кај еден од 10 илјади се јават компликации, тоа се сепак илјадници луѓе“.

Дел од ретките симптоми кои се поврзуваат со коронавирусот исто така се јавуваат и кај инфлуенцата, која убива стотици илјади луѓе во светот секоја година, вели Џавид. Но со една клучна разлика: „Во споредба со инфлуенцата, поголема е веројатноста сериозно да се разболите и да умрете“.

Општите лекари најчесто се првите кои се соочуваат со болеста.
„На почетокот, ни рекоа да внимаваме на главоболки, треска и кашлица“, се присетува Силви Моној, семеен лекар во централен Париз.
„Потоа додадоа и течење од нос и гребење во грло. Потоа уште и дигестивни проблеми, вклучително и болки во стомак и тешка дијареа“.

Infografik Coronavirus typische Symptome MK

Листата продолжи да се зголемува: кожни лезии, невролошки проблеми, остри болки во градите, губење на чувството за мирис и вкус.

„Почнавме да мислиме дека треба на се да се сомневаме“, вели Моној. Некои пациенти биле толку исплашени, раскажува таа, што се криеле во аголот на нејзината канцеларија, и не сакале ништо да допираат и да се доближуваат до неа.

Интерен извештај на американскиот Центар за контрола на болести (ЦДЦ) во кој се анализираат симптомите на 2,591 пациент заразен со коронавирусот, наведува бројни детали во таа насока. Три-четвртини од пациентите имале треска, повишена температура и кашлале, а речиси исто толку чувствувале и недостаток на здив. Ова се убедливо најчестите симптоми на Ковид-19.

Ретки симптоми

Околу една третина се жалеле на болки во мускулите, додека 28 отсто имале дијареа, а една четвртина наузеа или повраќање. Околу 18 проценти имале главоболки, додека 10 до 15 отсто имале болки во градите или стомакот, им течел носот, ги гребело грлото и се чувствувале конфузно. Помалку од еден отсто имале други симптоми како напади, осипи и конјунктивитис. До крајот на април ЦДЦ наведуваше само три симптоми на својата интернет-страница: кашлица, треска и недостаток на здив. Ажурираната страница вклучува уште неколку: студ, мускулни болки, главоболки и губење на чувството за мирис и вкус. Иако губењето на мирисот и вкусот се забележува кај само 3,5 отсто од пациентите, експертите велат дека тие симптоми се најчести кај полесните случаи на болеста.

Уште еден кластер на симптоми кој ретко се наоѓа кај болни од грип доаѓа од крвните садови. Срцеви проблеми, тромбоза, емболија на белите дробови и оштетувања на мозокот се откриени кај некои пациенти поврзани со крвните садови.

„Кога некој е многу болен од Ковид-19, можно е да има проблем со крвните садови, и се чини дека тоа е многу, многу почесто одошто со други вирални инфекции“, вели Џавид.

Третиот кластер на необични симптоми ги вклучува кожните осипи. Најголемо внимание досега привлече состојбата на псевдо-смрзнатини или „Ковид прсти“. Некои фотографии на социјалните мрежи покажуваат прсти на нозете кои делуваат како да смрзнале. Но и овој симптом, како и губењето на чувство на мирис и вкус, се поврзува со бенигните форми на вирусот.

DW.COM

Реклама