Либерализам против популизам – 2:0 | Информации и анализи за Балкан | DW | 30.04.2022
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Балкан

Либерализам против популизам – 2:0

Поразот на популистите на изборите во Франција и Словенија донесе олеснување во Европа. Триумфот на демократските сили во Словенија е важен за регионот и особено за Македонија. Пишува Љупчо Поповски

Неделата, 24 април, беше специјален ден и за Европа, и за регионов, а во одредена мера и за Македонија. Либерализмот ја доби изборната пресметка против популизмот на две гласања – во Франција и Словенија. Емануел Макрон ја доби по вторпат изборната пресметка против крајната десничарка Марин Ле Пен, што беше очекувано. Тоа предизвика воздишка на олеснување низ цела Европа, особено сега, за време на руската агресија на Украина.

Големиот пораз на Јанез Јанша на изборите во Словенија беше во значајна мера неочекуван. Анкетите пред изборите предвидуваа тесна трка меѓу неговата Словенечка демократска партија (СДС) и Движење Слобода на технократот со политичко искуство Роберт Голоб. Триумфот на партијата на Голоб, формирана пред само неколку месеци, во јануари годинава, ги изненади сите. А изгледа најмногу Јанша, што се виде во неговата резигнираност за време на изјавата во изборната ноќ.

Неколку работи се важни од оваа победа на либерализмот над популизмот. Првата може да изгледа генерално помалку впечатлива, но е многу важна. СДС на Јанша е членка на Европската народна партија (ЕПП). Со овој пораз ЕПП (без оглед што има најмногу пратеници во Европскиот парламент), во Европскиот совет, каде што се членовите на државите и владите и каде што се одлучува за сите клучни работи во ЕУ, се сведе само на шест претставници. И што е уште поважно, меѓу нив не се премиерите на силни европски земји. Само да ги наброиме – Австрија, Грција, Хрватска, Словачка, Кипар и Латвија. Од нив, само Австрија има поголема политичка специфична тежина.

Mazedonien Ljupco Popovski

Љупчо Поповски

Централната левица, социјалдемократи и социјалисти, води седум влади. Меѓу нив се трите нордиски земји – Финска, Шведска и Данска – потоа клучната земја во ЕУ, Германија, двете држави на Иберискиот Полуостров, Шпанија и Португалија, како и Малта. Либералите од европската групација Обнови ја Европа има шест лидери во Европскиот совет. Во нивните редови се две исклучително важни земји – Франција и Холандија. Некои од лидерите, како претседателите на Романија и Литванија, се независни, а некои допрва треба да се приклучат кон некоја политичка афилијација, како бугарскиот премиер Кирил Петков, кој официјално уште нема политичка партија (Продолжуваме со промената сега е само политичка групација). Словенецот Роберт Голоб треба да ја формира владата на почетокот на јуни. Неговото Движење Слобода е централно-левичарско, со зелени, либерални и силни проевропски идеи и допрва ќе треба да се приклучи на една од европските политички групации.

Сето ова значи дека за Европската народна партија, со децении навикната да ја наметнува нејзината политичка агенда во Европскиот совет, доаѓаат комплицирани времиња на масата каде што се одлучува за сите најважни европски работи. И тоа е добро, затоа што ЕПП поради својата идеолошка растегливост замижуваше кон драматичните илиберални чекори што ги правеше пред сите други Виктор Орбан во Унгарија, а по него и Јанез Јанша. Тоа прогледување низ прсти сега ѝ се враќа како бумеранг на ЕПП.

Јанша поразен, Орбан целосно осамен

Партијата на Орбан, Фидес, ја напушти ЕПП пред да биде конечно избркана, а Јанша поради големото мнозинство што го освоија опозициските партии на изборите речиси сосема сигурно ќе биде четири години во опозиција. Треба да ги земеме предвид и поразите на двајца други популисти на крајот од минатата година - Бојко Борисов во Бугарија (неговата партија исто така е членка на ЕПП) и на Андреј Бабиш во Чешка. Тоа значи дека оваа половина година беше тешко време за европските популисти. Иако тоа не важи за лидерот на оваа неформална групација – Виктор Орбан, како и за неговиот српски побратим Александар Вучиќ. Нивната власт е толку цврста и моќна што дезинтегрираната опозиција нема никакви шанси да ги порази во догледно време.

Политиката знае да подготвува парадокси. Орбан имаше неверојатен триумф на изборите на почетокот на април, а сега, наместо неговата позиција да се засили во Европа, тој остана целосно осамен. Барем меѓу оние што се на власт. Јанша, човекот што го нарекуваат „малиот Орбан“ поради исклучителната идеолошка блискост, од јуни веќе нема да командува со владата. Тогаш кој му останува на Орбан во ЕУ?

Ungarn Wahl 2022 | Viktor Orban

Виктор Орбан остана осамен во Европа

Во основа, никој. Со години негов главен сојузник беше владејачката партија во Полска, Право и правда, иако припаѓаа на две различни политички групации во ЕУ. Инвазија на Русија врз Украина ги промени пријателствата. Полска е исклучително чувствителна на руската агресија, не само поради тоа што има огромна граница со Украина и што прими над два милиони бегалци, туку и поради страдањата од Русите во историјата. Особено во оние 150 години кога Полска беше поделена од Русија и Германија, сѐ до 1918 година. Антипутиновскиот сентимент е доминатен во полското општество, без оглед дали се работи за власта или опозицијата. Горките спомени од Втората светска војна поврзани со Советскиот Сојуз и во годините потоа, се дел од тој сентимент.

Орбан ја осуди руската инвазија, се приклучи на европските санкции, за потоа да ја искористи војната да се претстави како спасител на унгарската нација, кој ќе ја зачува државата надвор од воениот пламен. Се обврза дека нема да ѝ испорача оружје на Украина (иако прими повеќе стотици илјади украински бегалци), а за возврат доби ветување од Путин, неколку недели пред почетокот на инвазијата, дека за Унгарија ќе има најевтин гас. На Орбан не му пречат сеќавањата на 1956 година, кога советските тенкови ја задушија демократската револуција во Будимпешта. И на тоа може да се замижи заради сегашниот интерес.

Познатата Вишеградска група по изборите во Чешка стана друштво на 2+2, а по големото заладување на односите меѓу Варшава и Будимпешта, таа во нејзиниот оригинален формат, кој стана пример за новите демократии, речиси престана да постои. Соодносот 3+1 не е веќе валиден за нејзиното функционирање. Неодамна беше откажан договорениот состанок на министрите за одбрана на четирите земји, затоа што тие веќе нема што да разговараат меѓу себе, кога три земји ѝ даваат воена помош на Украина, а четвртата не сака ни да чуе за тоа.

Орбан веќе нема каде да се сврти за да побара пријатели, па на 22 април, два дена пред изборите во Словенија, каде неговиот сојузник Јанша се бореше за политичкиот живот, замина во Рим. Орбан имаше традиција првата посета на странска земја по секоја победа на изборите од 2010 година да биде Полска. Сега таму е непожелен гостин. Па замина на дружба со оние со коишто сега може да се разбере – пред сите, крајниот десничар и популист, Матео Салвини, лидерот на италијанската Лига. Како да не се случува руската агресија тие разговараа за борбата против илегалната имиграција, потребата да се намалат даноците за семејствата и бизнисите и, како што рече Салвини, „да работат на европска централно-десничарска алтернатива на социјалистите во одбрана на вредностите и корените на Западот“. Тоа е дел од проектот кој полека го туркаат Орбан и Салвини и кој започна во јули 2021 година кога претставниците на крајната десница од 16 европски земји потпишаа документ „десничарските партии“ да ги здружат силите за реформа на ЕУ. Во јануари 2022-ра крајно десничарските и националистички партии се собраа во Мадрид под домаќинство на шпанската Вокс за да подготват „патоказ за патриотска Европа“.

Ungarn I Treffen zwischen Viktor Orban und seinem polnischen Kollegen Mateusz Morawiecki

Орбан имаше традиција првата посета на странска земја по секоја победа на изборите да биде Полска, сега таму е непожелен гостин (фото: Унгарскиот премиер Орбан и полскиот премиер Моравјецки)

Во таков развој на настаните, македонското ВМРО-ДПМНЕ го пречека поразот на нејзината идеолошки и политички исклучително блиска партија, СДС на Јанша. Не треба многу да се копа по архивите, тоа е достапно речиси секаде – вмровските функционери гордо објавуваа фотографии за средби со Јанша, како да се дел од своевиден аџилак. Не само лидерот на партијата, туку и првиот ешалон околу него – фотографиите на кои се со Јанша беа прашање на партиски престиж. Не е само идеологијата во прашање, туку има и други многу важни врски. Значајни пари, како што покажаа повеќе истражувања, наменети за силни провмровски медиуми, го поминуваа патот од нивното извориште во Унгарија преку Словенија за да стигнат во Македонија. Никој во државава не се обиде да го запре тој пат, иако имаше толку многу посредни и непосредни докази.

„Маршал Твито“

Имаше многу црни шеги во Скопје дека во ВМРО-ДПМНЕ прогласиле стогодишна жалост по тешкиот и мрачен пораз на Јанша. Можеби жалоста не е стогодишна, но е вистинска. Пред две години Јанез Јанша успеа да ја собори центристичката влада на Марјан Шарец со тоа што намами од неа коалициски партнери и наместо да се оди на избори, како што сите очекуваа, тој со пребегнатите владини партнери успеа да формира нов кабинет. ВМРО-ДПМНЕ се обиде да го направи истиот маневар овде ланскиот ноември, но не успеа (иако беше убедено дека целата работа е веќе завршена) и тоа им ја пече душата и денес.

Сега би требало да читаат повеќе и да анализираат подлабоко за да им стане појасно она што за многумина во регионот, а и во Европа (да не зборуваме за Словенија) беше видливо – како Јанез Јанша самиот придонесе за својот голем пораз. Тоа би можело да биде вмровска поука, а и показател дека популизмот и желбата за општа контрола не се семоќни. Што би можеле да откријат – зошто Словенците гласаа против популистите и довербата ѝ ја дадоа на сосем нова партија?

„Ние имаме чист мандат да ја обновиме слободата“, рече Роберт Голоб во победничката видео изјава вечерта на изборите од својот дом, каде што беше изолиран поради инфекцијата со Ковид-19.

Parlamentswahl in Slowenien

Во изминатите две години, владата на Јанша беше широко критикувана за демократско назадување

Како беше „украдена“ таа слобода? И од кого? Неподелено мислење во најголемиот дел од словенечката јавност (тоа го покажа и резултатот од изборите) е дека таа кражба беше направена од „Маршал Твито“, како што го нарекуваат Јанша поради неговата неуморна употреба на Твитер. Оваа социјална мрежа, исто како и на Трамп, му служеше за постојани навреди, омаловажувања и оцрнувања на оние што ги сметаше за свои противници – граѓанскиот сектор, политичките ривали, новинарите, па и судиите. Алузија со „Маршал“ е јасна – таа се однесува на Тито.

Во изминатите две години, владата на Јанша беше широко критикувана за демократско назадување. Тој ги ограничи слободите на медиумите, се мешаше во судските работи и ги нагризуваше граѓанските слободи. Критичарите го нарекоа неговото владеење - орбанизација на словенечката политика. Веројатно големата загриженост за правецот по кој се движи земјата помогна Словенците да се мобилизираат и масовно да излезат да гласаат во голем број, охрабрени од опозициските партии и групите на граѓанското општество. Излезноста беше 70 отсто, ниво што не е забележано дури од раните денови на демократијата во средината на 1990-тите.

- повеќе од авторот: Што навистина сака Бугарија

Јанша е на чело на Словенечката демократска партија уште од 1993, неверојатни 29 години. За тоа време беше три пати премиер – од 2004 до 2008, од 2012 до 2013 и сега од 2020 до 2022. Во 2014 година кусо време беше во затвор поради корупциска афера. За време на војната во Словенија со ЈНА во прелудиумот на распадот на Југославија, тој беше словенечки министер за одбрана.

Wahlen in Slowenien

Плакат во Љубљана, 21.04.2022

Ова е импресивна биографија. И за што? За Словенците да се борат за својата демократија. Изборниот манифест на Голоб беше насловен „Ние го заслужуваме тоа“ и во него се пледираше за обврски кон модерната држава на благосостојба, енергетската транзиција и отворено и слободно општество. А клучниот фокус беше насочен кон заштита на уставните институции и јакнењето на довербата во нив. Сето она што го поткопа Јанез Јанша.

- повеќе од авторот: Како во холивудски филм, што би рекол Никола Груевски

И за време на Југославија и по неа, Словенија на пошироките простори се сметаше за општество со високи демократски стандарди. Не случајно таа влезе во ЕУ уште во 2004 година. Но и нејзиниот случај, како и оние на Унгарија и Полска, покажува колку е тенка линијата на лизгање на демократијата на авторитарни патишта. Словенија се избори да ја врати вербата во неа. Тоа е извонредна поука за сите што гледаат образец во неа.