Критичарот на Кремљ не смее да се кандидира на претседателските избори | Свет | DW | 08.02.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Критичарот на Кремљ не смее да се кандидира на претседателските избори

Рускиот опозиционер Алексеј Навални беше прогласен за виновен за проневера пред судот во Киров. Тоа веројатно го исфрла од трката за противкандидат на Владимир Путин на изборите во 2018 година.

Рускиот локален суд во градот Киров одлучи денеска дека опозиционерот Алексеј Навални е виновен за „организирање на кражба на туѓ имот“, што според неговите адвокати значи дека нема да може да се кандидира на наредните претседателски избори во 2018 година.

Навални, кој е остар критичар на Кремљ и основач на Фондот за борба против корупцијата, обвинет е за кражба на имот од фирмата Кировлес, а обвинителството побара да биде осуден на 5-годишна условна казна.

Навални првпат беше осуден за тој предмет односно кражба на десет илјади кубни метри дрва во јули 2013 година. Тој тогаш беше одведен од судската сала на отслужување на затворска казна, но судот подоцна ја преиначи казната во условна и парична и го ослободи.

Европскиот суд за човекови права по жалбата на Навални оцени дека руските судови во неговиот случај „произволно ги толкувале законските одредби и ги прекршиле правата на обвинетиот“, а подоцна ја отфрли и жалбата на Русија на таа одлука.

Врховниот суд на Русија потоа одлучи процесот против Навални да се повтори, што беше сторено на почетокот на декември минатата година.

Навални денеска во паузата на изрекување на пресудата пред новинарите изјави дека сегашното обвинение во целост се поклопува со претходното од 2013 година, што, како што истакна „говори за самиот процес“.

Nа својата страница на Фајсбук тој денеска стави до знаење дека не верува во праведноста на судот и ослободителна пресуда, прогнозирајќи дека ќе добие условна или затворска казна. Казната за Навални судијата Алексеј Втјурин не ја соопшти. Навални, кој процесот го смета за политички мотивиран и пледираше за ослободителна пресуда, најави дека ќе ја обжали пресудата.

 

DW.COM

Реклама