Крај за ЕУ-иднината на Турција!? | Свет | DW | 18.04.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Крај за ЕУ-иднината на Турција!?

Заострување на законот за двојно државјанство, кратење на финансиската помош од ЕУ за Турција и преиспитување на интегративната политика во германското општество. За членство на Турција во ЕУ ретко кој помислува.

Исходот од референдумот во Турција и денеска, втор ден по ред, е топ тема во германската јавност. Првичниот шок од гласањето на турската дијаспора во земјата преоѓа во политичка дебата, во која се предлагаат мерки насочени кон германското општество, но и кон надворешнополитичкиот статус на Турција.

На гласањето за уставниот референдум во Турција, излегоа малку над половината од околу 1,5 милиони регистрирани Турци со право на глас кои живеат во Германија. Преку 63 отсто ги поддржаа уставните промени со кои, според генералното мислење во Германија, Турција прераснува во диктатура.
Првото прашање кое се отвори е темата интеграција на Турците во Германија. Дилемата која јавно се поставува гласи: како е можно некој кој бил школуван и израснал во демократска земја отворено да поддржува воведување диктатура и смртна казна во матичната држава?

Од сестринските конзервативни партии на канцеларката Ангела Меркел веќе се најавува барање за укинување или заострување на законите за двојното државјанство. Турците во Германија ги осудија своите сонародници во Турција на живот во авторитарна држава, вели Герда Хаселфелд од баварската ЦСУ.
Џем Ездемир од опозициската партија на Зелените побара да се отвори дебата околу тоа зошто, еден дел од германските Турци кои уживаат во демократијата и владеењето на правото во Германија, им го негираат истото на своите сонародници во Турција.

Außenminister Gabriel zu Besuch im Kosovo (picture alliance/dpa/M.Skolim)

Шефот на дипломатијата Габриел е меѓу ретките кои сметаат дека уште има надеж за членство на Турција во ЕУ

Она за што повеќето се согласни е дека патот на Турција кон ЕУ сега и дефинитивно е завршен, а извесно е дека ќе се бара и запирање на финансиската помош за Анкара, без разлика дали таа доаѓа од европските фондови или од Берлин. Средствата за приближување на Турција кон ЕУ кои достигнуваат милијарди евра треба да се пренасочат на санирање на последиците од бегалската криза, побара Волфганг Бозбах, еден од водечките политичари на конзервативната ЦДУ.

Владата, официјално, умерено ги коментираше резултатите, со забелешки за нерегуларности на гласањето.

Во заедничка изјава, канцеларката Меркел и министерот за надворешни работи Зигмар Габриел потсетуваат дека Венецијанската комисија на Советот на Европа искажала остри забелешки на процесот и на содржината на уставните реформи. Турција, како членка на Советот на Европа, на ОБСЕ и како земја-кандидат за членство во ЕУ мора да води сметка за тие забелешки. Меркел и Габриел бараат итни разговори со Турција. Шефот на дипломатијата, притоа, не исклучува дека преговорите за членство на Турција би можеле и да продолжат. „Тоа е во рацете на Турција“, вели Габриел, додавајќи дека клучна во тој поглед би можела да биде одлуката за воведување на смртна казна.

 

DW.COM

Поврзана содржина

Реклама