Кој треба да биде Пушкин: Мицкоски или Заев | Северна Македонија | DW | 05.06.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Кој треба да биде Пушкин: Мицкоски или Заев

Барањата на лидерот на опозицијата за ТВ дуели ја доведуваат широката политика и идеологија во бесмисла. Тоа е дел од агендата на Мицкоски, но дали Заев треба да му помогне во остварување на планот? Пишува Љупчо Поповски

Како би можеле да завршат овие постојани повици на опозицискиот лидер до премиерот за телевизиски дуели? Како конечна вистинска пресметка „во живо“ меѓу Христијан Мицкоски и Зоран Заев? Еден од нив конечно да им подлегне на раните од телевизиските куршуми и да заврши метафорички како Александар Пушкин во дуелот со офицерот Жорж Дантес, кој наводно имал афера со сопругата на големиот поет. Или како Александар Хамилтон во славниот дуел со пиштоли со Арон Бур. Хамилтон беше еден од основачките татковци на САД, маестрален министер за финансии, а Арон Бур во времето на дуелот беше потпретседател на САД. Нивните големи политички недоразбирања, клевети и персонални конфликти најпосле завршија со дуел, во кој Хамилтон почина еден ден подоцна од здобиените рани. Бур продолжи да биде потпретседател во администрацијата на Томас Џеферсон.

Се разбира, настаните од пред 200 години во никој случај не можат да се пренесат во денешниве дни. Тоа не е возможно дури ни во имагинацијата. Но политичките дуели во телевизиски студија, на кои без прекин инсистира Мицкоски, треба конечно да завршат со „политичка смрт“ на ривалот, и најпосле, како што вели опозицискиот лидер еден ден навистина да се разбуди во посакуваниот свет – дека ја соборил владата на Заев.

Од каде е таа постојана потреба на Мицкоски да повикува на телевизиски дуели со премиерот? Затоа што не знае како на вистински начин да ја претстави својата политичка програма, па очекува во едно телевизиско крешчендо конечно да го совлада премиерот? Затоа што мисли дека со постојано поткопување на брегот на Заев конечно ќе предизвика негова фатална ерозија, па премиерот ќе го испрати во опозиција? Затоа што добро се чувствува во телевизиските студија и се разгалува кога на екраните го гледаат граѓаните? Затоа што телевизиските дуели се единствената вистинска политика што може да им ја понуди на гласачите? Затоа што е професорски убеден дека еден „студент“ во политиката како Заев не може дидактичко-методолошки-реторички да биде на истото ниво како него?

Вмровска агенда

Секако, има од сѐ по нешто – од некаде Мицкоски зема поголемо парче, од некаде помало. Тој бара телевизиски дуел секогаш кога мисли дека може да поентира во политичката агенда, или да го сврти текот на настаните. Земете го последниов случај: пред некој ден Мицкоски побара тој и Заев да излегле на телевизиски дуел околу преговорите со Бугарија и премиерот да кажел сѐ што знае за дипломатската активност што се одвива не само меѓу двете земји, туку и во ЕУ, во Вашингтон, во Лисабон, во Берлин, во Париз – а тој како некаков врвен политички арбитар да одлучи дали е тоа добро за државава или не.

-претходни колумни од авторот: Каде води патот до Брисел - преку Копенхаген или Софија?

„Бидејќи ние не знаеме за што се преговара и до каде се тие преговори и дали воопшто нешто се преговара, сакам јавно од тука да упатам покана до Зоран Заев бидејќи граѓаните заслужуваат да знаат. Која било телевизија нека организира едно соочување за да можеме јас и тој да разговараме за тоа што се преговара. Каков е тој роуд-мап, кои се тие услови, а кои не биле поврзани со идентитетот. Но и за други теми треба да разговараме пред граѓаните... а вклучително и за актуелната тема којашто претстои – тоа е самитот на ЕУ“, изјави Мицкоски пред некој ден на Сител.

Некои би рекле дека Христијан Мицкоски е нетипичен вмровец, дека станува ужасно зависен од телевизиските камери. Тој би одел, ако е потребно, и на три интервјуа дневно за да може да го претстави своето политичко кредо и да им се доближи на гласачите, кои во големо мнозинство мислат дека неговата ароганција доминира врз неговите политички ставови, дека повеќе сака да импровизира со лажни тврдења отколку добро да ги претстави неговите политики.

Јасно е дека ова е дел од политичката стратегија на Мицкоски – да наметнува ситуација која треба да финишира со телевизиски дуел. Едно од важните прашања е дали неговиот опонент, Зоран Заев, треба да се приклучи на оваа вмровска агенда. А ако одбие од вмровските ешалони да биде прикажан како страшливец. По новиот повик на Мицкоски, Заев рече дека бил подготвен за дуел со опозицијата, но дека треба да бидат реализирани работите што биле договорени на нивната лидерска средба: „Дуел секогаш е прифатлив, тоа може да значи повеќе за граѓаните, комплетно отоворање на сите важни прашања и секогаш сум подготвен да разговараме за сѐ“.

-претходни колумни од авторот: Дали во фатаморганата има оаза?

Што би можело да значи тоа – дека во последните две недели пред самитот на ЕУ да се исфрлат на маса сите предлози што доаѓаат од португалското претседателство за наоѓање излез за да почнат преговорите и автоматски сето тоа да се фрли во вода. Што е дипломатијата? – седница на некој општински совет или калибрирање на невозможното во реално. Доколку Џо Бајден го ставеше на маса сите да го гледаат притисокот што го вршеше врз Бенјамин Нетанјаху за да прекине конфликтот во Газа (а Египќаните го направија истото во преговорите со Хамас) до примирје веројатно немаше да дојде, затоа што ќе се кренеа армади противници против разумот и против Вашингтон.

Пет дуели досега

Досега имаше пет директни телевизиски дуели меѓу Заев и Мицкоски. Тоа е повеќе од сите можни дуели на високи функционери на власта и опозицијата кога Никола Груевски беше премиер. Груевски не ни помислуваше да се појави со опозициски лидер во студио. Неговите наредби за забрана за политички дебати стигнуваа и до два ешалони подолу. Вмровските пратеници и функционери сами држеа долги монолози во пријателските телевизии. Сега се растрачни по студијата политички да им парираат и да ги напаѓаат оние од власта и воопшто не сакаат да им се поставуваат прашања зошто ги немало во такви дебати 11 години. Таквите прашања, на одреден начин, тие ги чувствуваат како навреда. Тие ништо не сакаат да запаметат или на нешто да се навратат. И да ги убедат граѓаните дека на ништо не треба да се сеќаваат.

-претходни колумни од авторот:Естрадна или магнолија политика 

Од оние пет телевизиски дуели два беа на МТВ, два на Канал 5 и еден на 24 вести. Првиот беше пред точно три години – во мај 2018, а последниот на 6 јули 2020, пред ланските избори. Мицкоски би можел да се обрати до партискиот аналитички центар да му направи некаква датотека – во која земја еден лидер на опозицијата имал толку телевизиски дебати со премиерот меѓу два изборни циклуса. Некаде има само по една дебата непосредно пред гласањето (како во Германија или Шпанија, на пример), а некаде нема ниту еден – големиот вмровски партиски пријател, Виктор Орбан од 2010 година е премиер во вториот мандат и не сака воопшто да дебатира со опозицијата во телевизиските студија. Тој не сака воопшто да ѝ посветува внимание на опозицијата, како да е неважна буква. Во Британија има секоја среда прашања за премиерот од лидерот на опозицијата во парламентот. Но таму е поинаку – премиер не може да се стане ако во исто време не си пратеник; како што лидер на опозицијата не можеш да бидеш ако не си пратеник. Мицкоски лани се откажа да биде кандидат за пратеник на изборите со тривијални објаснувања, кои дури беа и политички бесмислени.

Доколку направите обид на што би можеле да се сетите од овие пет телевизиски дуели, тоа многу тешко ќе ви оди – речиси и нема ништо за паметење. Повозрасните повеќе ќе се сеќаваат на оние неколку телевизиски дебати меѓу Бранко Црвенковски и Љупчо Георгиевски; помладите на дуелот меѓу Ѓорге Иванов и Љубомир Фрчкоски пред вториот круг на претседателските избори во 2009 - отколку на овие пет дуели меѓу Мицкоски и Заев кои беа содржински празни. Па, сепак, Мицкоски би сакал барем уште пет. Без оглед на тоа што ништо не би промениле.

Mazedonien Ljupco Popovski

Љупчо Поповски, автор на текстот

Сашо Орданоски, проникливиот аналитичар на политичките збиднувања, има добро објаснување за ова: „Историјата на ТВ-дуелите помеѓу Мицкоски и Заев упатува на тоа дека нивните телевизиски соочувања немаат значајни ефекти врз поместувањата на јавното мислење после дебатите, а ниту резултираат со промена на нивните лични рејтинзи во јавноста. Тие повеќе служат како еден вид забава за оние кои, особено на социјалните мрежи, се дел од ‘мртвата трка’ во натпреварот кој кого повеќе ќе надмудри или навреди во одбрана на ‘ликот и делото’ на својот лидер“, вели Орданоски за потребите на овој текст.

Тој додава дека тоа е така бидејќи Македонија, по падот на Груевски, живее во полна слобода на традиционалните и новите медиуми, во кои двајцата лидери имаат шанса за десетици интервјуа годишно, а „нивните партиски пропагандни машинерии произведуваат толкави количества на дневни информации (и дезинформации, во кои опозицијата има убедливо водство), што лидерските дебати се речиси сосема испразнети од информативна, а и од идеолошка вредност“.

-претходни колумни од авторот:Чии ставови промовира Оливер Вархеји

Ако ја нема идеолошката вредност тогаш што би можело да има. Орданоски вели дека тие во основа се претворени во шоу-програма на двајца, во политичка и персонална смисла, сосема различни лидери: „Мицкоски традиционално арогантен, агресивен и националистички ‘расплакан’; Заев традиционално флексибилен, самоуверен и ‘народски’ расприкажан. На крајот, секој вади по една-две ‘финти’ со кои се обидува да го надмудри соговорникот... До следниот дуел. Кој најверојатно ќе го одгледа помала публика од претходниот“.

И тука тој е целосно во право. Кога имаш толкава инфлација од барања за дуели, кога на тие што се случуваат во основа нема ништо, тогаш зошто би се правеле. За да се задоволи политичката агенда на опозицискиот лидер, кој како Зоро треба да се појавувува во телевизиските студија за да го брани народот од наводните неправди? Или да им даде некаков политички смисол на постојаните блокади што неговата партија ги прави во Собранието за кои има сѐ помал и помал интерес во јавноста. А Заев да се согласи да им даде пропулзивност на тие блокади кои во најголем број случаи без никаква потреба ја кочат законската агенда. Освен поради инает.

Тогаш зошто би служеле нови и нови телевизиски дуели, освен за политичка бесмисла. Мицкоски одби да стане пратеник и сега таа лоша политичка одлука сака да ја покрие со некакви фаталистички дуели „точно во 20 часот“. А Заев да прифати да биде дел од неговата агенда. И политиката да се претвори во приказни од класичните вестерн филмови во кои личната пресметка треба да реши сѐ. А не политичката програма и идеолошките супстанци на партиите. Тогаш зошто изборите би требало да ги решаваат победниците – тоа би можело да се заврши пред светлата на студиските рефлектори. А народот да прифати дека едниот бил Пушкин, а другиот Дантес.