Кој посакува нова војна во Босна? | Свет | DW | 04.05.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Кој посакува нова војна во Босна?

Најавата дека полицијата на Република Српска би можела да формира резервен состав поради мигрантската криза, е дочекана остро во Федерацијата БиХ. Во тоа се гледа создавање на паравојска и закана од нови судири.

Прво со Дејтонскиот, а потоа и со низа други спогодби и закони, во БиХ е воспоставен баланс во вооружувањето, опремата и бројноста на силите за безбедност. На ниво на државата постојат Вооружени сили на БиХ и две безбедносни агенции, додека на ниво на ентитети и кантони постојат полиции.

Балансот опстојуваше до 2017 година кога властите во Република Српска (РС) порачаа 2.500 автоматски пушки за ентитетската полиција. Некои критичарите од Федерацијата БиХ уште тогаш предупредуваа дека под маската на „модернизација“ всушност е во тек процес на милитаризација на Република Српска.

Неодамна РС отиде и чекор понатаму со најавата за воведување резервен состав на полицијата. Претходно, српскиот член на Претседателството на БиХ Милорад Додик објави и постоење план за распоредување на полицијата на РС на ентитетските граници.

Со растот на националистичката реторика, во Босна и Херцеговина е создадена атмосфера на недоверба, па и страв од нов оружен судир, за што зачестено се говори на социјалните мрежи и во одредени медиуми.

Резервна полиција поради мигрантската криза?

Експертите од РС тврдат дека формирањето на резервна полиција е изнудено од мигрантската криза која, според мислењето на професорот Предраг Ќераниќ, „допрва ќе доживее кулминација во БиХ“. „Во Грција има околу 70 илјади мигранти и на пат се за Германија во која сакаат да стигнат преку босанската рута. Во Турција ги има неколку милиони. Откако ЕУ ги затвори границите, се повеќе мигранти се задржуваат во БиХ“, вели тој за ДВ. Резервниот состав би се мобилизирал за да се спречи илегалната миграција и да се сочува безбедноста на граѓаните, дополнува Ќераниќ.

Во Федерацијата БиХ со сомнеж гледаат на овие активности на Бања Лука. Таму веднаш се јавија гласови со барање на подрачјето на Федерцијата да се изврши целосно пополнување на активниот полициски состав, а се разгледуваат и реципрочни мерки, односно воведување на резервен состав на федералната и кантоналната полиција.

Republika Srpska umstrittener Nationalfeiertag in Banja Luka | Milorad Dodik, Präsident (Klix)

Ново звечкање со оружје од Република Српска? Фото: Милорад Додик

Некои коментатори и аналитичари предупредуваат дека во атмосферата на страв, недоверба, засилена национална нетрпеливост и „милитаризација“, се можни различни сценарија.

Сараевскиот воен аналитичар Неџад Ахатовиќ не ја исклучува можноста дека РС се подготвува за политички расплет во регионот кој би вклучувал и решение на односите меѓу Белград и Приштина. Вооружувањето и воведувањето резервен состав на полицијата на РС за Ахатовиќ е формирање на „нелегална паравоена алтернатива вперена кон БиХ“.

Тој смета дека бегалската криза е само изговор, потсетувајќи дека РС има договор со руски компании за набавка на оклопни возила и ремонт на хеликоптери.
„Првпат слушам дека некој со ваков контингент на оружје решава бегалска криза“, вели Ахатовиќ за ДВ. Тој смета дека РС всушност формира „вооружена формација“ од седум илјади луѓе- две илјади активни и пет илјади полицајци во резервен состав.
„Овие активности не мора нужно да го загрозуваат мирот, но во поволен политички момент, вака организирана и вооружена полиција со резервен состав може да биде клучен фактор на дисолуција на РС од БиХ, што неминовно би водело кон конфликт“, заклучува Ахатовиќ.

Меѓународни организации: Нема да има војна

Претставниците на РС во меѓувреме ги обвинуваат бошњачките политичари дека „ја злоупотребуваат наменската индустрија“ на подрачјето на Федерацијата и дека во Херцеговина веќе се врши „евиденција на воено способни мажи“.

Nedzad Ahatovic Experte für Verteidigung Sarajevo (DW/S. Huseinovic)

Неџат Ахатовиќ

Во некои политички кругови и во анализи на медиуми се почесто се говори за прекројување на граници во регионот, цртање нови мапи, можни вооружени инциденти, а се прозиваат и меѓународните организации. Бројни критики се редат и на сметка на Канцеларијата на високиот претставник во БиХ (ОХР) кој, според критичарите, треба да го спречи формирањето на резервни полициски состави во БиХ.

Од ОХР за ДВ велат дека изјавите и потезите на одредени високорангирани политички и институционални лидер предизвикуваат тензии, но дека тие нема да ја доведат во прашање определбата и напорите за изградба на мир, стабилност и просперитет на БиХ.

„Нема да има војна, ниту прекројување на границите на БиХ“, вели портпаролката на ОХР, Љиљана Радетиќ. „За жал, негативната реторика, обвинувањата и предлозите придонесуваат кон егзодус на луѓето, одвраќање на странските инвеститори и отклон од вистинските потези неопходни да се забрза патот на БиХ кон ЕУ“.

Петер Хурелбринк, директор на германската фондација Фридрих Еберт за БиХ, вели дека е неодговорно да се шпекулира за нова војна. „Раните од претходната војна не зацелија, а веќе се говори за нова. Етнички насочената и националистичка реторика претставува континуитет во политиката и во медиумите во БиХ“.

Таквата реторика, вели Хурелбринк за ДВ, „ги урива темелите на заедничкиот живот во оваа земја и го одвраќа вниманието од вистинските и итни проблеми- унапредување на демократијата и правната држава, социјалната еднаквост и заштита на животната средина, соочување со грешките од минатото, борба против корупцијата и клиентелизмот, ЕУ-перспективата и емиграцијата на десетици илјади- пред се’- млади луѓе“.

DW.COM

Реклама