1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој е одговорен за сообраќајниот хаос во Скопје?

ДТЗ
8 декември 2021

Додека надлежните институции си ја префрлаат одговорноста, граѓаните бараат решение за сообраќајот во главниот град. Експертите велат дека спасот е во ефикасен јавен превоз, повеќе велосипеди и поефикасна железница.

https://p.dw.com/p/43zyU
Северна Македонија Сообраќај Скопје
Се поголеми проблеми за сообраќајот во Скопје и другите градови во Северна МакедонијаФотографија: Reuters/O. Teofilovski

Сообраќајниот хаос во главниот град Скопје добива загрижувачки димензии, особено во зимскиот период, кога поради дождот и снегот се повеќе граѓани се одлучуваат да патуваат со сопствените возила и да не го користат јавниот превоз. Доволно е да се случи една сообраќајна несреќа, или да падне поголемо количество на дожд и градот станува целосно блокиран со часови. Вчерашниот метеж, кога поради исклучени семафори, скопјани со часови чекаа во колони, а блокирано беше и движењето на возилата на Итната медицинска помош, повторно потсети на деценискиот проблем за кој никако да се најде решение.

Кандидатите за градоначалници ветуваа брда и долини на последните локални избори во земјата за решавање на сообраќајниот мереж и во Скопје и во Тетово. Еден месец по изборите, проблемот не само што не е решен, туку добива загрижувачки димензии. Експертите предупредуваат дека главниот град последнава деценија постојано расне, се зголемува бројот на жители и возила, а ниту улиците, ниту градската сообраќајна мрежа не е прилагодена на потребите. Излезот од ситуацијата се гледа во кампањи, поттикнување и субвенционирање на граѓаните за набавка на точаци и електрични превозни средства, создавање услови за функцонален јавен превоз кој ќе ги задоволи потребите на жителите на главниот град, но и решавање на проблемот со дневната миграција на голем број возила од внатрешноста на земјата, кои дополнително придонесуваат за гужвите во Скопје. 

Кој е одговорен за хаосот? 

Скопје во вторникот со часови беше целосно блокирано. Исклучени семафори, блокирани крстосници, колони возила беше сликата која можеше да се забележи на буквално сите поголеми раскрници во главниот град. Скопјани реагираа поради парализираниот сообраќај и бараа одговорност од надлежните што со часови не можеа да пристигнат во своите домови. Дента кога имаше и најголем сообраќаен хаос полицијата регистрирала дури 132 сообраќајни прекршоци. 

Надлежните си ја префрлаат меѓусебно топката за одговорноста. Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, прстот го впери кон МВР, а оттаму пак одговорија дека „кога веќе не знае, треба да научи кои се нејзините надлежности и надлежностите на службите на градот што таа го управува“. 

Nordmazedonien | Kommunalwahlen
Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, прстот го впери кон МВР.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

„Според Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, надлежен орган за управување и контрола на сообраќајот на крстосниците на подрачјето на град Скопје е град Скопје преку Центарот за управување и контрола на сообраќајот (ЦУКС)“, велат од МВР. Арсовска, пак, на Фејсбук објави дека градот Скопје ќе побара објаснување од МВР за причината за предизвикување на денешниот сообраќаен хаос.

„Да се исклучат семафори без најава со часови за да се направи сообраќаен хаос е крајно несериозно. Сообраќајот е ист како и други денови и нема основа објаснувањето дека дождот е причината за денешната слика од улиците во Скопје каде што со часови патуваа до своите домови“, објави Арсовска. 

Од полицијата, пак, тврдат дека службите на град Скопје не си ја завршиле работата, односно не можеле да се справат со ситуацијата и бил создаден сообраќаен метеж во Скопје. На тоа влијаела и сообраќајната незгода кај ТЦ Мавровка и неколку полесни сообраќајни незгоди, но и зголемената употреба на возила од страна на граѓаните поради временските услови. 

Има ли решение? 

Дарко Арсовски Петровски од иницијативата „На точак“ за ДВ вели дека проблемот во Скопје е што последните години нагло се прошири градот, се зголеми бројот на жителите и возилата, а кон метежот придонесува е и бројната дневна миграција кон главниот град, каде пристигнуваат жители од внатрешноста, кои патуваат со возила, место со воз или автобус.  

Решението го гледа во што поголем број на велосипедски и пешачки патеки, стимулирање на граѓаните да користат што повеќе велосипеди, да пешачат и слично. „Просторот за автомобилите треба да се пренамени за јавен превоз, а решението може да се најде и во системот за брз автобуски јавен превоз (БРТ) во нова или пак во старата форма“, вели нашиот соговорник.

Скопје Северна Македонија
Проблемот во Скопје е што последните години нагло се прошири градот, се зголеми бројот на жителите и возилата, а кон метежот придонесува е и бројната дневна миграцијаФотографија: Nake Batev/AA/picture alliance

Што се однесува до сите оние коишто дневно мигрираат од другите градови во Скопје, а станува збор за околу 80 илјади возила според анализите од пред повеќе години, решението е во функционална железница и автобуски превоз. „Со воз тие би пристигнале до периферијата на градот, а потоа со автобуси би се движеле низ центарот, со цел да се намали приливот на возила од надворешноста“, вели Дарко Арсовски Петровски од иницијативата „На точак“. 

Тесно грло и во Тетово 

Проблемот со сообраќајниот метеж го има и во останатите градови, но се чини најалармантно е во Тетово. Сообраќајниот инженер, Блерим Неими, кој е професор во Средното училиште „Моша Пијаде“ во Тетово, за Дојче веле изјави дека зголемениот број на жители и зголемениот број автомобили си го направија своето. Не само главниот град, туку и тетовските улици се преплавени со возила, а сообраќајот дополнително е блокиран и се создаваат тесни грла поради секојдневниот прилив на жители од околните села, кои доаѓаат по работа во градот.  

Северна Македонија Тетово Сообраќај
Сообраќаен метеж во Тетово. фото:архиваФотографија: DWS. Toevski

-повеќе на темата: „Кучињата“ си лаат, локалната власт си гради

Решението на проблемот го гледа по теркот на големите европски центри, особено Копанхаген, кој го наведува како успешен пример на град којшто има изнајдено решение за сообраќајниот хаос. „Треба да се мотивираат граѓаните да користат што повеќе велосипеди и електрични превозни средства, да се обезбеди некој ефикасен начин на превоз - како трамвај на пример, со цел да се намали бројот на возила коишто секојдневно гравитираат кон главниот град“, вели Неими. 

Тој укажува и дека голем број објекти во градот не се плански правени. Поради тоа, треба да се размисли за дислоцирање на големите трговски центри, бројни објекти и болници надвор од градот, со што ќе се растерети централното градско подрачје. 

Електричен такси-хеликоптер