Кој го повлече чкрапалото во Нов Зеланд?! | Свет | DW | 22.03.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Кој го повлече чкрапалото во Нов Зеланд?!

Обичниот бел човек кој мисли дека убиството на муслиманите и доминацијата на „белата раса“ се морални императиви не е воопшто луд. Тој е луциден и самосвесен спроведувач на геноцид. Пишува Ивор Мицковски

„Јас сум само обичен бел човек“. Вака се опиша себе си Брентон Тарант, 28 годишниот Австралијанец, кој пред точно една недела направи масакр во местото Крајстчрч, свирепо и ладнокрвно убивајќи 50 лица во џамија. Преносот од масакрот се одвиваше во живо.
Но, кој е „белиот човек" кој мисли дека треба да елиминира муслимани, кој се повикува на „доминација на белата раса“, во време кога „арапот“ или „исламскиот џихадист“ ни се сведени во колективната свест на мемиња или луди луѓе кои извикуваат „Алах Акбар“ пред да се разнесат или да почнат да пукаат?!

Заборавил ли Западот што навистина е важно, која е позадината зад сличните феномени, како кругот на омраза и расизам, фобија од кој било вид, секогаш води кон убиства и војни?!

Оттука и прашањето, кои се импулсите, која е политичката и идеолошката позадина зад овој растечки феномен кој добива глобална димензија и црпи сила од глобална инспирација?

Ми се допадна апелот на новозеландската премиерка Џасинда Ардерн, која ќе каже: „Имаме одговорност да го искорениме десничарскиот екстремизам таму каде што постои и да се погрижиме веќе никогаш да не создадеме опкружување во кое би се развивал. Но, тоа мора да биде глобална борба. Тој што го изврши нападот во Нов Зеланд пораснал и ја научил таа идеологија на друго место“.

Десничарски курикулум

Тарант е само последниот во една низа слични масовни западни убијци кои покажуваат премногу сличности помеѓу себе. Гејмерот Брејвик кој во Утоја уби 69 студенти, интернет тролот Александар Бисонет кој во џамија во Квебек уби 6 лица и рани 8 други, сега и личниот тренер Тарант кој е убеден дека како и сите пред него, му направил услуга на своето општество и на својот народ.

Сите имаат „класичен“ десничарски курикулум, на една десница од типот на Трамп ако гледаме кон САД, најмногу Ле Пен или Салвини ако гледаме кон Европа. Со таа разлика што последниот од ова срамно друштво, покажува и особен интерес за балканскиот национализам, антиосманлискиот фолклор, до државниот тероризам на Милошовиќ, Караџиќ и Младиќ.

Neuseeland Trauer in Hagley Park, Christchurch | Premierministerin Jacinda Ardern (Reuters/J. Silva)

„Имаме одговорност да го искорениме десничарскиот екстремизам“- Џасинда Ардерн

Ова се луѓе кои особено ги погодува и паѓаат на десничарските теми за имиграција, идентитет, чиста национална држава, до отворената омраза, исламофобија и насилство која екстремната десница ја пропагира веќе со години. Ксенофобијата е карактеристика на сите тројца, како и желбата да предизвикаат состојба на страв и нетрпение, луѓе кои се убедени дека делуваат во име на својот народ, религија и држава.

Тоа не ги прави луди и јас лично не се согласувам со таквите површни заклучоци, да не зборуваме дека Брејвик беше констатиран како ментално здрав, а истото важи и за студентот на политички науки и антропологија Бисонет. Осамени волци секако, луцидни подготвувачи на кланица, интегрирани во некој систем на лабилни и ликвидни односи - да се повикам на Бауман, луѓе кои оставаат и свое политичко-теоретско дело објаснувајќи ги мотивите за својата акција: Брејвик остави манифест од 1500 страници, Бисонет беше редовен коментатор на мрежите, додека и Тарант зад себе остави манифест од 80 страници.

Реперот „Трамп“

И тука веќе влегуваме во политичкото во ерата на трампизмот, лепенизмот, ердоганизмот, орбанизмот, кои порано произведуваа само идеолошка, а денес и институционална рамка кон кои ваквите нарцисистички индивидуи се обидуваат да се конформираат. Тоа ги прави многу слични на таканаречените исламски фундаменталисти. За едните реперот е ИСИС, за другите е Трамп.

Идеолошки инспирираниот и мотивиран масовен убиец денес не е производ само на некаква апстрактна форма на чувство на припадност или реакција против либералните и левичарските вредности кои ја рушат наводната христијанската или каква било традиција (која притоа е блесав идеолошки конструкт). Овие луѓе се инспираат од политичките мантри на актуелните десници кои владејат, кои ја држат и спроведуваат моќта што ја имаат во рацете. Тоа се последиците кога фашизоидна десница ќе дојде на власт, кога Трамп ќе забранува влез за муслимани, кога сакате да градите ѕидови против Мексиканците, кога бркате либерали од својата земја, кога бегалците ви се непријателот, иако можеби единствениот бегалец што сте го виделе е поранешниот криминоген премиер на една мала и оштетена земја. 

- Претходни колумни: Демократија на извлекување

Последиците од вербалното насилство можеа да се видат веднаш после изборот на Трамп, со илјадници случаи на физичко насилство против евреите, муслиманите, црнците, хомосексуалците, жени од секое потекло и социјална класа. Тоа објаснува зошто ваквите луѓе се чувствуваат како милиција која делува во рамките на легалноста или законитоста. Со други зборови, нешто што ужасно наликува на фашизам.

USA Washington - Präsident Trump umgeht den Notstandblock mit Veto (Getty Images/A. Wong)

Последиците од вербалното насилство можеа да се видат веднаш после изборот на Трамп

Новите крстоносци и џихадисти

Денес ксенофобниот и супрематистички фашист ја пронаоѓа своја идеална референца, проектирана преку институционалната рамка која се повеќе станува глобална. Не мора самата земја да биде под власт на националистичка и ксенофобна десница, како во случајот на Норвешка на Брејвик. Може да е и продукт на растечко нетрпение и нормализација на омразата како во Квебек, или пак, увезена и инспирирана од еден идеолошки, историски или институционален меланж ала Трамп, Балканот, Караџиќ, како во случајот со Тарант.

Со други зборови, насилството и убиството, било на новите „крстоносци“ или на „џихадистите“, не е никогаш предполитичко и предидеолошко. Напротив, се раѓа, наоѓа мотивација и оправдување во дејствувањето на политичките теоретичари и практичари кои создаваат парадигми и контексти кои потоа наидуваат на следбеници или екстремни извршители во општеството. Омразата не расте во некаков си изолиран меур. Таа гнои и расте со години, потхранета од реториката која во својата срж се сведува на дехуманизација на одредена таргетирана група. Ниту забраната за муслимани на Трамп, ниту растечката омраза и исламофобија во Квебек, ниту балканскиот национализам и војни, не произлегоа од некаков си вакуум, ниту пак останаа изолирани и неемулирани.

Трамп, Ле Пен, Орбан, Салвини, Милошевиќ и Караџиќ се тие кои го повлекоа чкрапалото во Нов Зеланд.

Впрочем, во политичкиот манифест на Тарант јасно стои дека Трамп е „спасителот на човештвото“.

Расна доминација

Оттука, обичниот бел човек кој мисли дека убиството на муслиманите и доминацијата на „белата раса“ се морални императиви не е воопшто луд. Тој е луциден и самосвесен спроведувач на геноцид, на еден приватен, а сепак масовен геноцид. Тој е само уште еден припадник на една милениумска пракса, односно на свесното и планираното масовно убиство, кое во нацизмот ја доби својата апсолутна апликација, но кое постои насекаде и низ целиот крвав тек на човековата историја, било во трибалните и етнички африкански војни, во брадестиот расизам на ИСИС, во Камбоџа, или во Сребреница. Односно, секаде онаму каде политиката и општеството, поединци или групи на лица се убедиле дека физичката елиминација на непријателот, на мажи, жени и деца, е исправна и неопходна.

Надополнете го тоа со фактот дека овие лица во денешно време немаат на располагање само неверојатен арсенал на оружје и одлична глобална мрежа на информации и комуникација, туку и една идеологија на таканаречениот супрематизам, дали аријански или џихадистички, кој медиумски, политички и интелектуално е поддржан од чинители кои воопшто не се маргинални, особено не во напредните демократски земји.

И кои се почесто, облечени во одело и кравата, завршуваат токму на власт, а дури откако штетата е направена, и на буништето на историјата.

DW.COM

Реклама