Кој го намести Јордан Камчев | Северна Македонија | DW | 09.08.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Кој го намести Јордан Камчев

Што ново дознавме од протечените снимки за случајот „Рекет“? Дека во вечната македонска транзиција и „хиените“ можат да станат жртви... Пишува Борис Георгиевски

Имаше нешто во таа анимација; во визуелното доживување на моментот кога Боки 13 и неговиот ортак Зоран Милевски излегуваат низ вратата со торби полни пари, а Јордан Камчев- жртвата, сведокот-жртва, грижливо ги испраќа од домот со влечки, како чиниш си ги испраќа децата на училиште. Не случајно и им беше направил „спецификација како да си во прво одделение“.
Јавноста и досега знаеше дека Јовановски и Милевски си заминале од домот на Камчев со уредно спакувани еден милион евра. Тоа го објави обвинителството уште на денот, 15 јули, кога беше соопштено дека двајцата се осомничени за уцена на бизнисменот.

Ниту пак е изненадување споменувањето и повикувањето на Боки 13 на името на специјалната обвинителка Катица Јанева. Обвинителката Вилма Русковска го потврди тоа во интервју за телевизија Телма на крајот на јули.

Сепак, визуелизацијата на моментот- можноста да се види како сето изгледало- ја возбуди јавноста, предизвика сензација и ја загреа политичката атмосфера во земјата до максимум.

Потоа се појави нова снимка, па на крајот беа објавени и комплетните аудио материјали од разговорите кои ги поседува италијанскиот весник Ла Верита.

И, што дознавме од нив?

„Хахаха! Јас и ти брат сме такви хиени“, му порачува Камчев на Боки во моментот кога сфаќаат дека „Бобо“ е најавен на гости кај него, а неговата сопруга кај Боки 13. Во ред, да не се правиме будали, сите знаеме кој е Бобо, и која е неговата сопруга.

Македонската транзиција трае толку долго што и најголемите профитери од неа дочекаа да станат жртви. „Хиените“ кои 30 години грабаат што ќе стигнат, палат и гасат во политиката, економијата, културата, здравството... Кои не сакаат со години да се „влечат по судови“, да ги „рекетираат адвокати, судии, к***ви“.

Така е тоа во Македонија. Не е секој роден да се влече по „судови, к***и“, покрај сите други маки. На пример, страшно е да живееш во држава каде банките немаат да ти дадат еден милион евра во апоени од по 50 евра, па мораш да ги исплаќаш по 500!

„Хахахаха!“ Со ластиче и бројче.

слушај аудио 12:34

Разговорите меѓу Камчев и Јовановски

И сега? Смееме ли да прашаме како се најдоа овие снимки во рацете на опскурен италијански весник? И зошто? Со која цел? Доколку претпоставиме дека снимките ги поседувале само Камчев, како автор, и Јавното обвинителство, како институција која му дала статус на Камчев на сведок-жртва, кој од нив би имал интерес сега тие да излегуваат во јавност? Обвинителството? Секако не. Камчев? Веројатно, исто така, не.

Некој трет очигледно видел интерес овие снимки да излезат на виделина. Од кого ги добил, останува да погодуваме. Дали го консултирал својот извор пред да ги објави и дали тој се согласил? Зошто е тоа важно? Целта е постигната. 

Nord-Mazedonien | Unternehmer Orce Kamcev (DW/P. Stojanovski)

Јордан Камчев

Читајте ги внимателно двата текста во Ла Верита кои беа придружен фолклор на прикачените видеа со „скандалот од Мачедониа ди Норд“. Клучната поента; по низата конспиративни теории за улогата на Сорос, Германија, ЕУ и останатите белосветски „мешетари“ во уривањето на власта на ВМРО-ДПМНЕ; е дека се работи за држава „со ограничен суверенитет во која политичките актери се кукли зад кои стојат далеку помоќни меѓународни фактори“. Дополнително, и дилемата која ја поставува весникот, како една ваква корумпирана држава смее да почне преговори за членство со ЕУ? Секако дека не смее! И авторот е идеалист: „сака само да ја поттикне борбата против корупцијата во Македонија“.
Има ли подобар поттик за „борбата“ против корупцијата во Македонија од објавувањето на овие снимки? Секако дека нема. СЈО е веќе урнато, надежта е дека ќе се урне и истрагата на ЈО, а по него и владата. Чуму и се на земјата преговори со ЕУ, кога може добро да и оди и без неа. Правната држава и владеењето на правото и онака се растегливи категории. Ги има и во „заробени држави“. 
Се додека банките во Македонија имаат евра во апоени од по 500 евра, можат да се тегнат и во, не дај боже, Адидас торби.
И, кој го намести Јордан Камчев? 
„Хахахаха! Јас и ти брат сме такви хиени!“

 

DW.COM

Аудио и видео прилози на оваа тема

Поврзана содржина

Реклама