Корупцијата ја зароби Македонија „за век и векови, амин“ | Македонија | DW | 25.01.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Корупцијата ја зароби Македонија „за век и векови, амин“

Последниот извештај на Транспаренси интернешнл ја сместува Македонија меѓу земјите со високо ниво на корупција. Експерти велат дека земјата има нефункционални институции за борба против корупција

Македонија е на европското дно според перцепцијата на граѓаните за степенот на корупција во нивната земја, покажува најновиот извештај на Транспаренси интернешнл. Зад Македонија на листата на Транспаренси се само уште Косово и Украина. Земјата со години назадува на речиси сите релевантни листи за добро управување кои ги изработуваат водечки светски организации и институти. Со индексот на перцепирана корупција од 37, Македонија годинава е во друштво со Колумбија, Индонезија и Либерија и со нив го дели 90. место. На врвот повторно се Данска и Нов Зеланд, додека на дното се Сомалија и Јужен Судан.

Од година во година, перцепцијата за корупцијата се зголемува затоа што реално, корупцијата во земјата се шири, вели Миша Поповиќ од Институтот за демократија кој го истражува феноменот во Македонија.

„Корупцијата го достигна највисокото ниво на ‘заробена држава'во која институциите систематски се приватизирани и се користат за потребите на една или две политички елити“, вели тој.

Infografik Karte Korruptionsindex ENG

Индекс на перцепција на корупцијата во светот, според Транспаренси Интернешнл

Паралелно со високата перцепција на граѓаните за степенот на корупција, Македонија веќе две години е во длабока политичка криза, а со објавувањето на содржината на прислушуваните разговори, јавноста имаше можност да слушне десетици случаи во кои високи државни функционери биле вмешани во коруптивни зделки. Па сепак, во Македонија речиси и да нема случаи на т. н. висока корупција, а уште помалку нивна судска разврска. Случајот на поранешниот премиер Владо Бучковски, прв од толку висок калибар во земјата, сѐ уште се влечка по судските лавиринти. Но и кај случаите во кои се обвинети „обични смртници“- целосни судски разврски се ретки. Од вкупно околу илјада случаи за корупција кои се воделе во 2014 година, само 207 имале судска завршница, од нив 14 биле за поткуп и 193 за злоупотреба на службена должност.
„Тој недостиг на случаи на висока корупција ја охрабрува и ниската корупција. Таа идеја дека нема да бидете казнети го зголемува бројот на такви дела. Македонија има нефункционални институции за борба против корупција“, вели Поповиќ.

Клучните институции не функционираат

Misa Popovic (Societas Civilis )

Миша Поповиќ

Двете клучни институции за борбата против корупцијата - Јавното обвинителство и Државната комисија за спречување на корупцијата, притоа не функционираат. Во случајот со „бомбите“ на СДСМ, на пример, Јавното обвинителство постапува само според кривичните пријави поднесени од најголемата опозициска партија, но не и по сопствена иницијатива, иако во прислушуваните разговори се кријат бројни корупциски скандали. Уште поскандалозно е однесувањето на Антикорупциската комисија во изминатите години. Иако таа формално нема мандат да прогонува, сепак, и секоја друга димензија во борбата против корупцијата, како: едукација, превенција, набљудување, ја прави исклучително лошо, оценува Поповиќ. Најиндикативен е примерот со анкетниот лист на експремиерот Никола Груевски. Новинарите се интересираа за неговиот анкетен лист, но тој беше повлечен од веб-страницата, иако по закон сите мораат да имаат пристап до него.
„Најљубезно ве замолувам ова прашање да го затвориме за век и векови, амин“, им порача на новинарите претседателот на Антикорупциската комисија, Горан Миленков, во април 2016 година. 

Symbolbild Korruption Bestechung (Colourbox/Erwin Wodicka)

Според испитувања на јавното мислење, најкорумпирани во Македонија се судиите, министрите, лидерите на политичките партии и пратениците во Собранието

Тоа, според Поповиќ, кажува многу за „институцијата на која ѝ е доверена задачата да се грижи сите функционери да поднесат анкетни листови, а таа штити поранешен премиер". 

Уште една алка која недостасува за успешна борба против корупцијата се независните медиуми. Поповиќ потсетува дека земјите кои имаат најниско ниво на корупција вообичаено се оние со највисока медиумска слобода, и обратно. Македонија со години назадува на сите релевантни истражувања за слободата на медиумите. Доколку медиумите почесто известуваат и откриваат случаи на корупција, веројатноста е голема дека и перцепцијата за неа дополнително ќе се зголеми, вели Поповиќ. 

Во Извештајот за проценката на корупцијата во Македонија, изработен од повеќе истражувачи преку македонскиот Центар за меѓународна соработка, огромно мнозинство од испитаниците - 74,8 отсто оцениле дека „наглото збогатување на личен план на оние кои се на власт е водечкиот фактор за широкораспространетата корупција". За речиси 70 отсто од граѓаните, недостатокот на административна контрола и неефективното судство се следните фактори кои влијаат врз распространетоста на корупцијата.

Во четирите професии во Македонија кои се најкорумпирани, според испитувањето на јавното мислење, се судиите, министрите, лидерите на политичките партии и пратениците во Собранието.

Специјалното јавно обвинителство во изминатава година отвори повеќе случаи на корупција во кои осомничени или обвинети се поранешни и актуелни високи државни функционери. Најчесто се работи за случаи на злоупотреба на службената должност и овластување. Ниту еден од овие случаи сѐ уште нема судска разрешница. Притоа, СЈО е предмет на постојана негативна кампања и напади од владејачките функционери и од провладините медиуми и блокади од државните институции и судовите. 

DW.COM

Реклама