Короната како шанса за интеграција и демократија | Информации и анализи за Германија | DW | 28.12.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Германија

Короната како шанса за интеграција и демократија

И за време на корона-кризата доселениците имаат доверба во германската држава. Но, дебатата за расизам оставила траги, покажува нова студија.

Соживотот меѓу лица со и без доселенички бекграунд е подобрен. Тоа го покажува барометарот за интеграција на Стручниот совет на германските фондации за интеграција и миграции (СВР).

И покрај ограничувањата заради пандемијата, се вели, расположението севкупно е свртено на подобро. Поврзаноста во општеството е на високо ниво. За време на пандемијата, особено кај лица со миграциска позадина пораснала довербата во политиката и демократијата. Сликата за успешна интеграција е поматена од искусувањето расизам и дискриминација во секојдневието, дури и од полицијата.

Барометарот за интеграција констатира дека севкупно е позитивен исходот во однос на довербата во безбедносните сили. Но, оној кој имал негативно искуство заради потеклото, останува со недоверба. Таквите „дефицити мора отворено да се кажат и отстранат”, вели социологот Клаудија Дил, која ја претстави студијата во Берлин.

Deutschland Claudia Diehl SVR

Клаудија Дил

Барометарот за интеграција на СВР на секои две години спроведува репрезентативна анкета меѓу доселеници и лица без таков бекграунд за важни фактори за интеграцијата, како што се работа, образование, социјални релации и соседство. Покрај повеќе фондации, овојпат во анкетата со повеќе од 15 илјади лица било вклучено и сојузното Министерство за внатрешни работи.

Германија, доселеничка земја

Околу 21 милион луѓе, односно четвртина од населението во Германија, има миграциска позадина. Тоа значи дека или тие самите, или барем еден родител немал германско државјанство од раѓање. Половината од нив, вкупно 10 милиони, имаат германски пасош и можат да гласаат на избори.

Жестоките дебати за доселување и интеграција во 2015 година и годините по неа, се чини дека се заборавени. Т.н. „бегалска тема” е падната во позадина. Веќе се интегрира наместо да се полемизира. Па така, не изненадува фактот дека и лица без доселеничка историја го оценуваат соживотот нешто подобро отколку пред две години. Тоа особено се должи на позитивната оцена на расположението кај мажите испитаници.

Повеќе:

Пет години од славната изјава на Меркел: Успеавме ли?

Германија воведува „прединтеграција“ на идните доселеници

Кој може да стане германски државјанин?

Во „меден месец“ со демократијата

Интервјуата за Интеграцискиот барометар се водени меѓу ноември 2019 и август 2020, вклучително и во време на пандемијата и првиот карантин пролетоска. Во ова фаза се регистрира поголемо задоволство од демократијата и севкупно од политиката. Кога стапија на сила корона-мерките, само 27% од Германците без миграциска позадина изјавиле дека се незадоволни од демократијата во земјата. Кај луѓето со миграциски корени, пак, е забележано поголемо, но поумерено задоволство од демократијата, но тие и онака севкупно изразиле поголемо задоволство.

Angela Merkel in Berlin Besuch Flüchtlingsunterkunft Registrierungszentrum Selfie mit Flüchtlingen Deutschland

Селфи-фотографии на бегалци со канцеларката Меркел во 2015 година станаа симбол на културата на добредојде во Германија

Сепак, најдобри оценки за демократијата, политиката и владата во Германија е регистрирана кај групата „остатокот од светот“, во која меѓу другите спаѓаат Сирија, Иран, Ирак и Авганистан. Речиси 90% од неодамна доселените (до 10 години) се „задоволни“ или „многу задоволни“ од тоа како функционира демократијата во Германија.

Ова покажува дека луѓето кои се доселиле во Германија во последниве години, но и пред карантинот, се многу позадоволни од демократијата отколку луѓето кои во Германија живеат многу подолго. Социологот Дил зборува за „ефект на меден месец“ кој е „особено голем кај оние кои неодамна допатувале од земји со авторитарен систем, каде нема почитување на основните човекови права.“

Случајот Џорџ Флојд покрена нова дебата околу расизмот

Кон крајот на мај 2020 година афроамериканецот Џорџ Флојд беше убиен од еден полицаец при насилно апсење во градот Минеаполис. Видеото од настанот кое стана вирално и во Германија, предизвика бес и жестока дебата за расизмот во редовите на полицијата. Во центарот на дебатата е терминот „расно профилирање“, со кој се опишуваат постапките на полицијата или другите безбедносни служби врз база на надворешни карактеристики на лицата. Тоа е случај и во Германија. Но, Клаудија Дил зборува за „значително малцинство“. „Една третина од испитаниците со турско потекло имале вакво искуство“, вели Дил.

Infografik SVR-Integrationsbarometer 2020 Demokratie in Deutschland DE (Sperrfrist: 9.12.20, 10:30)

Задоволство со демократијата во Германија пред и по пандемијата (светло сино - задоволни, темно сино - незадоволни)

Мнозинство од луѓето со миграциско потекло, кои тврдат дека во последните пет години биле дискриминирани поради нивното потекло, сепак и' веруваат на полицијата, но оваа поддршка е значително помала од просекот. Само 35% имаат целосна доверба во полицијата.

Севкупната оценка во студијата на СВР за германската држава, нејзините институции и демократија, е позитивна. Но, доселениците во Германија, за жал, сѐ уште мора да очекуваат можност од дикриминација. Заклучокот на социологот Клаудија Дил гласи: „Сѐ уште има маневарски простор за подобра и попозитивна интеграциска клима.“

DW.COM

Аудио и видео прилози на оваа тема

Реклама