Коронавирусот го урна митот за Германија | Информации и анализи за Германија | DW | 08.03.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Германија

Коронавирусот го урна митот за Германија

Клишето за извонредно организираната држава долго ја следеше Германија на секој чекор. И Германците се гордееја со тоа. Потоа дојде распад на системот. И беше крајно време да падне тој стереотип, смета Зоран Арбутина.

При редовните посети на Хрватска ретко кој ме прашува „како се живее“ во Германија, мојата нова татковина. Долго мислев дека е тоа така затоа што луѓето имаат доволно свои маки. Но причината е друга- повеќето луѓе сметаат дека за Германија и онака се се знае, дека е тоа беспрекорно уредена земја во која се функционира. И дека Германците можеби се студени и воздржани, но затоа дисциплинирани- дека пешаците чекаат на семафор и сред ноќ иако автомобил нема никаде на повидок.
Тука и таму се обидував да објаснам дека не е баш се така сјајно. Дека, на пример, на железничка станица можете да бидете сигурни дека возот ќе доцни. Но на тоа луѓето одмавнуваат со рака и велат дека претерувам.
Донеодамна клишето за извонредно организираната држава беше негувано и во самата Германија. А потоа дојде короната. Се започна со маските. Најпрво долго се расправаше дали се воопшто потребни или не, а откако станаа задолжителни- ги немаше доволно. А потоа четвртата светска економија не можеше да ги набави. Германците почнаа сами да шијат маски.
Кога се затворија училиштата, одеднаш сите сфатија дека во Германија нема услови за дигитална настава. Ситуацијата со вирусот малку се смири во текот на летото. Но тогаш почна новата учебна година и- и понатаму немаше услови за онлајн-настава.
Никој не купи уреди за пречистување на воздухот, во многу училишта нема ни интернет, платформите за учење од дистанца или не се готови или не работат како што треба, на учениците не им беа поделени таблети, доколку немаат свои. Затоа, токму децата од социјално послабите семејства се најмногу погодени со затворањето на училиштата.

Arbutina Zoran Kommentarbild App

Зоран Арбутина


Потоа следуваше катастрофата со вакцините и вакцинацијата. Германскиот Бајонтек ја разви првата ефикасна вакцина, со голема помош на државата, но таа иста држава не порача навреме доволни количини.
Врв на бламажата беше лошо организираната вакцинација: и тие релативно мали количества вакцини често остануваат неискористени, дури и се фрлаат. Одеднаш Германците почнаа со завист да гледаат кон Србија.
А на крај- хаос со брзите тестови. Беа најавени за почетокот на март. Потоа најавата беше повлечена. Сега како термин за масовна употреба на брзите тестови се споменува средината на месецот и тоа бесплатни за сите. Но каде можат да се добијат? Нејасно. Можат да се купат во дисконтот Алдич- доколку станете рано наутро, затоа што се брзо се распродава.
Низ самозадоволното клише за добро организираната држава се пробива горчливата вистина. Кога деновиве разговарам со луѓето во Хрватска, се почесто ме прашуваат: „Што се случува таму кај вас?“
А истото со неверица се прашуваат и самите Германците. Оценките во јавноста се движат од „не оди баш се како што треба“, преку „срам за Германија“ до „целосен распад на системот“. Убавата слика која Германците ја имаа за својата земја се повеќе се покажува како илузија.
Но имаше примери и пред короната. На пример, споменатото доцнење на возовите или дигитализацијата. Додека на Балканот треба да навлезете длабоко во шума, и најпрво да ги растерате волците и мечките за да стигнете до место каде што нема сигнал за мобилен телефон, во Германија ќе останете без сигнал на патот меѓу Келн и Минхен.
Многу германски државни служби се уште комуницираат преку факс. А Бундесверот, важна армија во составот на НАТО, има потешкотии да комуницира самата со себе бидејќи користи цела низа неусогласени софтвери.
За многу Германци тоа е непријатно отрезнување. Долго мислеа дека за нив е резервиран светскиот врв, сеедно дали е во прашање фудбалот или производството на автомобилите.
Но не треба ни да се претерува. Во Германија се уште многу нешта функционираат многу подобро одошто во повеќето други земји. Германија е се уште во првата лига, иако некаде на средина на табелата.
За повторно да дојде на врвот потребен е труд и враќање кон германското мото- проблемите се тука за да се решаваат. Но најпрво е потребно ослободување од лажната слика за себе како за светски првак во организација.

DW.COM

Реклама