1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Галуп: На Балканот нема паника

23 март 2020

Истражувањето на Галуп покажува дека над 70% од луѓето на Балканот сметаат дека коронавирусот не е толку голема закана како што се претставува. Според истражувачите тоа можело да се очекува во регион навикнат на кризи.

https://p.dw.com/p/3ZuAe
Serbien Belgrad | Corona-Krise: Frau mit Schutzmaske
Фотографија: Getty Images/AFP/O. Bunic

Повеќе од 20 илјади лица во 26 земји во светот беа анкетирани од страна на Галуп Интернешнел Асосиејшн за тоа како ја доживуваат глобалната пандемија. Резултатите од оваа актуелна анкета од една страна говорат дека 62 проценти од испитаниците се плашат да се заразат но истовремено 56 проценти од нив сметаат дека се претерува околу можната закана. Како двете нешта одат заедно?За Канчо Стојчев, претседател на Галуп Интернешнл Асосиејшн (ГИА), двата аспекта не се противречни. „Вирусот е реален и нормално е луѓето да се плашат”, вели Стојчев во интервју за ДВ. Од друга страна вируси постојат од почетокот на човештвото. Секој човек на светов знае дека постојано сме опкружени со вируси. Од таа причина некои реакции на вирусот им изгледаат претерани, вели Стојчев.

Страв и несигурност

Сепак, бројот на жртви расте на дневна основа. Развојот на вакцина бара уште месеци време. За многу луѓе на светот се поставува прашањето што се случува и како да се продолжи понатаму.

Дневно се објавуваат нови мерки. Училишта, детски градинки и универзитети се затворени. Социјалните контакти се ограничени од страна на властите. Во нејзиното вонредно обраќање минатата среда канцеларката Ангела Меркел која од неделата и самата е дома во карантин, зборуваше за „најголемиот предизвик од Втората Светска Војна наваму”.

Помалку се работи за стравот што се шири, отколку за несигурноста. Јавниот живот и секојдневието се замрени. За Канчо Стојчев актуелниот предизвик е во начинот на кој луѓето емоционално се справуваат со вирусот. Стравот бил составен дел од нашата природа и дури е и неопходен за преживување, вели социологот. Во историјата на човештвото стравот секогаш играл клучна улога. Сигурноста била феномен на поновата историја. „Особено во изминатите децении благодарение на развојот, модерното и слично имаме чувство дека животот е посигурен и дека нештата може да ги предвидуваме и планираме."

Во ситуација како оваа која нѐ снајде со таква разорна моќ, недостигот на сигурноста е она што ги оптоварува луѓето психички. „Во моментов никој не може да ти каже што ќе биде за месец, два, три или пет.”

Балканците „тренирани” за кризи

Стравот и несигурноста според студијата различно се шират во различни делови од светот. И од таа причина 56 проценти од анкетираните сметаат дека се претерува во однос на заканата од коронавирусот, вели Стојчев. „Знаеме дека во некои земји кризата започна две или три недели порано такашто тие сега се во друга фаза. Италија е во многу напредната фаза и разбирливо е како Италијанците реагираат во моментов. Во БиХ на пр.имаме уште многу рана фаза."

Особено во балканските земји кои беа вклучени во анкетата изгледа дека нема паника. Во БиХ 73 проценти од анкетираните сметаат дека се претерува во однос на заканата од вирусот, во Бугарија 72 проценти, а во Северна Македонија 73 проценти.

Повеќе:

-Над 60 лица oд ноќеска во карантин

-Прва жртва на коронавирус во Македонија, Филипче го очекува пикот за еден месец

-Коронавирусот и Македонците: Ни треба медијатор!

За Бугаринот Канчо Стојчев тоа е последица и на историјата на регионот. „Балканот со столетија е точка каде што се кршеле копјата. На такви места интензитетот на историјата е многу посилен, што значи дека луѓето морале да се справуваат со значително поголем број кризи“.  И изминатите 30 години се пример за тоа. Во Бугарија, Романија и земјите од поранешна Југославија постојано имало кризи: „На некој начин навикнати сме на вакви ситуации."

Тоа се гледа и кога ќе се направи споредба. Луѓето во земјите од западна Европа заканата од коронавирусот ја доживуваат како реална. Околу 70 проценти од анкетираните го изјавиле тоа.

Профитираат политичарите на власт

Интересно е што анкетата покажува дека 76 проценти од испитаниците се подготвени да си ги ограничат личните слободи без разлика дали заканата ја сметаат за претерана или не. На врвот е Австрија со 95 проценти, па Северна Македонија со 94 проценти и Холандија со 91 проценти. Најниска е цифрата во САД со само 45 проценти. Канчо Стојчев како можни причини ги наведува политичката поделеност и „силната демократска традиција” на земјата.

Сржта на студијата за него е во друг аспект. „Гледаме значителен пораст на довербата во националните влади. Ако ги погледнеме бројките сфаќаме дека две третини од луѓето во светот почнуваат да им веруваат на своите влади затоа што се плашат." Вообичаено тие цифри се 20 до 40 проценти. „Политичките елити кои беа паднати во немилост, си ја враќаат довербата во ова време кое се доживѕва како почеток на глобална криза без временски релевантен случај заспоредба ‘Сам’ се заменува со ‘заедно’, ‘блиску’ со ‘далеку’ и ‘глобално’ со ‘национално’.”

За Стојчев ова е крај на времето во кое глобалните пазари ја доминираа политиката. „Нашиот менталитет како потрошувачи е да си постоиме во сопствениот универзум. Може да купуваме, да правиме што сакаме и да патуваме каде сакаме. Актуелната криза ни ја скрши таквата илузија. На крајот на денот сфаќаме дека луѓето се колективни суштества. И кога се работи за глобално и национално, националното е исто колективно, значи да се биде заедно, но не на глобално ниво." Сепак, со оглед на голем број искази за солидарност од голем број луѓе Стојчев согледува и една шанса. „Такви ситуации ги обединуваат луѓето. Принципиелно во животот има две стратегии кога ќе се најдете пред сериозен проблем. Првата е сам да се обидеш да го решиш, другата е заеднички со други луѓе. На крај изгледа најдобро возиш во друштво."