Коронавирусот ја зема третата жртва, за двајца пациенти нова терапија | Северна Македонија | DW | 25.03.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Коронавирусот ја зема третата жртва, за двајца пациенти нова терапија

Двајца пациенти од денеска ја примаат новата терапија на база на хлорокин и азитромицин, информира министерот Филипче и апелира никој да не ги зема лековите на своја рака. Владата повторно го заостри полицискиот час.

Третата жртва од коронавирусот во земјава е 66-годишна жена која подолго беше со влошена здравствена состојба. Бројот на заразени денеска порасна за уште 29 лица, а меѓу нив се и петмина носители на вирусот кои биле во контакт со заболената поранешна директорка на Кожната клиника.
Владата вечерва уште еднаш ги заостри ограничувањата во полицискиот час, откако пред два дена со него дополнително ги ограничи младите до 18 години и лицата над 67 години. Од претстојниот викенд, полицискиот час ќе започнува во 16 часот, а ќе завршува во 5 часот наутро. Сите јавни и приватни компании кои работат за викенд ќе мора да ставаат клуч на врата во 15 часот.
Вкупно заразени во Северна Македонија се 177 лица од кои најголемиот дел се во Скопје, но случаи на Ковид-19 за првпат се евидентирани и во Прилеп и во Велес. Меѓу заразените од коронавирусот има припадници на МВР, а денеска се откриени и првите два случаи во Армијата.
Новина е и терапијата врз база на хлорокин и азитромицин која од денеска почнале да ја добиваат двајца пациенти, но останатите ќе почекаат додека не се направат дополнителни анализи.


„Потребно е да се направи кардиолошка анализа ЕКГ затоа што има таму и една контра индикација, значи не се дава на сите пациенти", вели министерот за здравство Венко Филипче. Тој предупредува од опасноста граѓаните да се обидат на своја рака да ги набавуваат и користат овие лекови.
„Луѓето да не купуваат на своја рака или да се обидуваат да ги најдат лековите. Тие мора да се дадат според точна индикација на лекар специјалист“, рече Филипче.
Тројца пациенти кои се лекувале на Инфективната клиника во Скопје, во меѓувреме, се негативни на коронавирусот, и наскоро би можеле да се упатат на домашно лекување.
Од првите 30 тестирани лица кои биле во контакт со директорката на Кожната клиника, коронавирусот е откриен кај петмина. Но, според Филипче, сите се во добра состојба и немаат симптоми на болеста, па ќе останат и натаму во самоизолација. Во следните денови ќе се тестираат и останатите стотина лица, поделени во групи по 30.
Филипче оценува дека е добро што голем дел од заразените се откриваат во рана фаза и најчесто без симптоми, па тоа го олеснува и подготовката на соодветна терапија.

DW.COM

Реклама