Коронавирусот и стопанството: Џабе мерки, ако транспортот на стоки запре | Северна Македонија | DW | 16.03.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Коронавирусот и стопанството: Џабе мерки, ако транспортот на стоки запре

Фирмите бараат помош, транспортерите проодни патишта. Коронавирусот се заканува целосно да ја парализира македонската економија.

Македонските власти се на два огна. Како да им помогнат на компаниите, но и како да обезбедат ефикасен транспорт на стоки и репроматеријали кои значат живот за домашната економија. Фирмите бараат помош и се жалат дека ја губат битката со ликвидноста. Транспортерите пак мака мачат да обезбедат брз и непречен транспорт на стоките, што од ден на ден станува се потешко во услови на ширење на епидемијата на Корона вирусот. Како тоа изгледа покажа последниот инцидент со заглавените македонски камиони во Словенија и Хрватска за кои дури по интервенција на дипломатијата рампите беа кренати. Оваа привремена блокада се реши, конвојот тргна кон дома, но целиот случај отвори и многу дилеми околу подготвеноста но и координираноста на регионот за ефикасно менаџирање на транзитниот транспорт. Дел од упатените се загрижени:

„Проблемот ние го имаме во екс ју просторите, а не во другите земји од Европската унија. Допрва ќе треба да се утврдат процедурите и правилата бидејќи очигледно дека многу луѓе не ја разбраа разликата меѓу возач на автобус и возач на камион. Автобусите собираат луѓе и опасноста за пренос на заразата е поголема, додека пак во камион имаме еден човек со сите мерки за заштита. Оттука е несфатливо и недозволиво како една Словенија можеше да го запре протокот и се дозволи таму на граница да останат заглавени голем број на луѓе кои секојдневно комуницираат меѓу себе, а знаеме што тоа значи во услови на оваа епидемија. и да комуницираат меѓу себе“, реагира Билјана Муратовска од Макамтранс, здружението на камионски транспортери.

Закана од глад

Ваквата состојба ги мобилизира надлежните. Веќе денеска треба да има и состанок на ниво на амбасадори за да се утврдат потребните протоколи за да може да се функционира непречено во новонастанатата ситуација:

„Протокот на стоки во никој случај не смее да запре. Ние сме во постојан контакт со министрите за економски прашања и надворешни работи Мила Царовска и Никола Димитров кои морам да кажам дека се исклучително ангажирани. Но протокот на транспортот не смее никако да запре. Пандемијата ќе биде нула, ако запре транспортот, затоа што гладот ќе биде страшен. Ниту една држава нема толку стокови резерви за да може да опслужи, посебно ние како држава која зависиме од увоз. Никој не се буни да има коридор, прегледи и се што е потребно, но само да не запре. Ќе биде забавено, меѓутоа мора да се направат тие протоколи и да се решава кризата на еден потрезвен начин. Транспортот не застана и за време на војните во поранешна Југославија, во Украина, мигрантската криза. Но во овој случај не се работи само за превозниците туку се работи за цело стопанство и тоа е страшното“, предупредува Муратовска.

Дипломатијата бара системско решение

За сериозноста на предизвикот и потребата од ефикасно и системско решение максимално се ангажирани и во Владата:

„Денов го поминав на телефон, од министрите за надворешни на Словенија и Србија, до граѓани, кризни штабови, Венко, Оливер, Мила, МВР, МАКАМ-ТРАНС, Сугаре, кризниот тим на МНР, амбасади и амбасадори ...Имаме многу граѓани и камиони на кои им треба помош, задржани на една или на друга граница. Правиме максимални напори да си ги донесеме дома. Утре планираме видео конференции со регионот за да најдеме системско решение за транспортот", напиша синоќа на својот Фејсбук профил шефот на дипломатијата Никола Димитров

Што значи логистиката и транспортот за македонската економија доволно зборува податокот дека безмалку сите странски компании во државата ккои се занимаваат со производство се зависни од увоз на фрепроматеријали, но и од извоз на финалните производи.

„Проблемот со камионскиот транспорт е актуелен и реален. Може да се случи да има проблеми со камионскиот превоз на репроматеријалите, да биде под прашање дали ќе оди како подмачкано или успорено. Нашиот производствен процес е динамичен, компонентите ни доаѓаат често и ако чекаме по ден ипол на граница ќе биде проблем. Тој синџир на набавка е клучен и никако не смее да запре“, коментира за Дојче веле директор во една од странските фабрики која произведува компоненти за потребите на автоиндустријата.

Ликвидноста-хроничен проблем

Но не е само транспортот проблем. Сериозен предизвик станува и ликвидноста, посебно по препораките и мерките на Владата за заштита и превенција од ширење на Корона вирусот. Многу компании реагираат и бараат државата да интервенира бидејќи тешко се справуваат со отсуството на работниците кои ги немаат на располагање, а ќе мораат да ги плаќаат.

Повеќе:

-Совет за безбедност: Како натаму против коронавирусот?

-Шест нови случаи на коронавирус, угостителите и обложувалниците под клуч

-ЕУ ќе ја поддржи економијата со сите средства

Првиот човек на Стопанската комора Бранко Азески предупреди дека интерните анкети покажуваат дека состојбата меѓу компаниите била демотивирачка зашто недостасува предвидливоста како клучен фактор за бизнисот:

„Збунети сме и од немањето заедничка стратегија за справување со пандемијата од страна на ЕУ, како и од состојбата што секоја држава применува посебни мерки, што претставува основа за брз колапс на бизнисот“, реагира Азески.

Во вакви услови тој предупредува дека треба да бидат избалансирани степенот на барањата на компаниите и реалната можност на државата да одговори на нив. Порачува дека двете страни треба да ги приближуваат ставовите со упорни преговори. 

Да не се чека со мерките

Од Владата велат дека се во постојана комуникација со бизнис заедницата. Заедно се работело на мерките, но кога тие ќе бидат објавени не сакаат да прејудицираат.  Неофицијално, дел од мерките може да бидат соопштени уште во текот на денов. Но она што е сигурно е дека нема да станува збор за цел пакет, туку целиот процес ќе се одвова етапно. Дел од стопанствениците апелираат дека не треба да се чека и одолговлекува:

„Не треба да се чека и да се губи време. Сведоци сме како реагираат останатите држави. Она што е важно за нас е да се покријат трошоците за луѓето кои принудно поради епидемијата отсуствуваат од работа. Нас како странска компанија повеќе ни значи доколку тие трошоци се покријат веднаш. Не да се одлага, туку да се покрие, макар и делумно. Бидејќи во спротивно, тоа ќе влијае негативно на нашиот и извозот на вкупно 30 компании. Тој може да падне и за 30% и замислете што ќе значи тоа за државата“, коментира директор на една од странските компании, производител за потребите на автоиндустријата.

За домашните компании, ликвидноста во моментов е број еден проблем. Клучното барање е поддршка во делот на платите, но дополнително се бараат и други интервентни мерки, во делот на банкарските кредити, гаранции, поволни извори на финансирање. Проблемите се чуствуваат речиси во секој сектор, но најкритично е во туристичкиот и угостителскиот сектор, кој е речиси целосно парализиран.

 

Реклама