Концептот на Трамп: тотален национализам | Свет | DW | 10.08.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Концептот на Трамп: тотален национализам

Доналд Трамп го претстави својот економски концепт, даде многу ветувања, но првенствено покажа колку е заканувачкo националистички курсот по кој би одел како претседател на САД. Коментира Инес Пол

Неговиот концепт е едноставен – и вистински опасен. Во говорот на републиканскиот претседателскиот кандидат Доналд Трамп посветен на економијата во преден план беа даночните модели и трошоците за згрижување на деца, за работни места и, се разбира, како Америка повторно може dа биде толку величествена, колку што беше некогаш.

Но, јадро на неговиот едночасовен говор беше концептот за САД, кој, доколку стане реалност, би го уништил сегашниот светски поредок. Доналд Трамп разголи една визија за својата земја, во која за САД веќе не постојат никакви сојузнички обврски, во која ќе бидат склучувани само трговски договори кои им се од полза на САД, во која заштитата на природната околина не игра никаква улога и воопшто ќе бидат укинати сите правила и обврски кои се пречка за американските претприемачи и граѓаните во директното правење пари.

Автархија наместо глобализација

Значи, земја која по секоја цена се става себе си на прво место. Трамп креира изолационистичка претстава за економски поредок која е токму спротивна на сегашноста. Автархија и зачаурување наместо глобализација. Идејата се базира врз сфаќањето дека САД се доволно големи и силни за да живеат независно од било какви економски или воени сојузи. А кој ќе пречи, во најмала рака ќе биде казнет, ако не дури и уништен.

Pohl Ines Kommentarbild App

Инес Пол

Доналд Трамп во изминатите недели многу заостана во анкетите зад конкурентката од демократскиот табор Хилари Клинтон. Во еден период трката беше изедначена, но по партиските конгреси на Клинтон ѝ успеа да ги искористи грешките на Трамп за да постигне солидна предност од 10 процентни поени. Поради тоа овој говор на Трамп во Детроит беше важен и привлекуваше големо внимание. Трамп мораше не само содржински да убеди, туку и да докаже дека апсолутно е во состојба да се однесува како што му прилега на претседател.

Трамп не ги слуша гласовите на разумот

Тоа изразито добро му успеа на бизнисменот кој во изминатите месеци постојано со проблематични твитови ги лутеше дури и закоравените републиканци. И покрај диригираната протестна акција, со која 14 пати беше прекинуван неговиот говор, тој не дозволи да биде исфрлен од колосек. Смирено си го прочита говорот и се придржуваше кон поставената цел.

Но содржински, напротив, веројатно многумина во партиското раководство на републиканците, кои се убедени приврзаници на НАТО и на договорите за слободна трговија, масивно им противречат на неговите надворешно- и економско-политички идеи. Само, Доналд Трамп не ги слуша тие гласови на разумот. Напротив, тој покажа дека и покрај големата загуба на потенцијални гласови на избирачи, не е подготвен ни за милиметар да отстапи од своите екстремно националистички гледишта.

Заведување на народот

Трамп е свесен дека веќе никој не може да му ја одземе номинацијата за републикански претседателски кандидат. Затоа тој сега исклучиво игра на картата на заведување на народот и тоа го прави мајсторски: ги подгрева стравувањата за иднината, за потоа да се презентира себе си како спасител со колку едноставен, толку и силен концепт за решение – се` повторно ќе биде добро ако ние секогаш и насекаде ја ставаме нашата земја на прво место.

Овој говор мора навистина да го вознемири светот, не само затоа што Трамп за прв пат докажа дека и комплексни теми како даночни коцепти знае да искористи како пропаганда за неговата екстремно националистичка слика за Америка. Тој очигледно си се бендиса и во својата нова, претседателска улога и оти не е точно дека само што не се откажал од трката.

Трамп може да е играч, но тој е и борец кој безусловно сака да победи. Овој човек сака власт и сака неа да ја користи.

Реклама