Кому ќе му се суди во Приштина? | Свет | DW | 08.04.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Кому ќе му се суди во Приштина?

Косовското правосудство ги презеде предметите од Еулекс, а се формира и Судски совет за воени злосторства. Во српската заедница загрижени, соговорниците на ДВ пак се надеваат дека судиите ќе бидат професионални.

Две децении по воениот конфликт на Косово меѓународните мисии веќе немаат извршни овластувања во косовскиот правосуден систем. Сега целата одговорност за гонење и судење на воени злосторници е во рацете на Специјалното обвинителство на Косово и на Основниот суд во Приштина. Ова пред неколку дена во Белград е дочекано како новина и со негативни реакции како на пример изјавата на премиерката Ана Брнабиќ: „Не очекувам ништо добро од тоа се додека Приштина има политички лидери кои не ги почитуваат човековите права на Србите."

За соговорниците на ДВ, извршниот директор на косовскиот Фонд за хуманитарно право Беким Бљакај и адвокатот од Митровица, Љубомир Пантовиќ, префрлањето на надлежностите воопшто не е нова вест.

Тие потсетуваат дека мандатот на Еулекс, втората меѓународна мисија која покрај УНМИК имаше судски овластувања, е ревидиран уште минатиот јуни. Тогаш започна повеќемесечното префрлање на кривичните и судските предмети на органите на косовското правосудство. Таа работа е завршена во декември, Еулекс соопшти дека им предал 495 предмети изготвени од полицијата за организиран криминал, 434 предмети од полицијата за воени злосторства, исчезнати лица, судски акти на кои исклучиво работел Еулекс како и над 1400 кривични предмети.

Од тој момент Одделението за воени злосторства на Специјалното обвинителство на Косово, кое е основано пред речиси две години, е единствено надлежно да се занимава со предмети поврзани со воени злосторства. Ова лето ќе бидат направени и промени во судот.

„Основниот суд во Приштина ќе основа посебен Совет кој ќе се занимава само со предметите од Специјалното обвинителство, што значи ќе се занимава само со предмети поврзани со воени злосторства, тероризам и евентуално перење пари," објансува Бљакај за ДВ. „Тоа е добра вест, иако се уште не знаеме колку судии ќе бидат во тој посебен Совет јас се надевам дека тие ќе бидат професионални."

На истото се надева и Љубомир Пантовиќ кој во својата повеќедецениска работа како адвокат имал десетина предмети од сферата на воени злосторства. „Мислам дека ќе се направи селекција на судии од сите судови во земјата со оглед дека се работи за најсложени правни предмети. Мислам дека е логично да се одберат најдобрите суди, а такви има и во други градови, не само во Приштина", вели тој за ДВ.

Се до стапувањето на сила на овие законски измени, како и до сега, секој до седумте постоечки судови ќе ги судат случаите за воени злосторства.

Страв од политички обвиненија

Но, во заедницата на Косовските Срби со години се создава перцепција дека сите обвиненија за воени злосторства против косовските Срби се политизирани, а круна на таквата перцепција беше обвинението на Еулекс против покојниот Оливер Ивановиќ до кое дојде среде третиот круг за избор на градоначалник на Северна Митровица.

Иако меѓу Србите на Косово е раширено незадволството од правосудните резултати од УНМИК и Еулекс, сега е уште поголем стравот од пристрасноста на косовските институции. Според податоците од косовскиот Фонд за хуманитарно право од 1999 до 2018 година, за воени злосторства на Косово се осомничени 44 Срби од кои 13 се ослободени од обвиненијата, а само четворица се осудени. Пантовиќ смета дека таквиот мал број на осудени е последица на тоа што обвиненијата беа лажни и исполитизирани.

"На Косово се случија грозни воени злосторства и над Србите и над Албанците. Но, луѓето кои извршиле такви грозни акти не се останати на Косово ниту пак размислуваат за тоа повремено да патуваат на Косово. Луѓето кои ги извршиле тие злосторства засекогаш се исчезнати од Косово," објаснува Пантовиќ и додава дека за нивните злосторства се обвинуват други луѓе.

Пантовиќ смета дека Србите за вони злосторства често ги обвинуват соседи кои ќе фрлат око на нивниот имот или тој имот го узурпираат, или пак оние кај кои поривот за освета е доволно јак со што сакат било кој да плати за сторените злосторства. Од друга страна, Бљакај наведува дека имајќи го предвид малиот број на предмети за воени злосторства на кои им е досега судено пред косовските судии, се уште е рано да се носи оценка за нивната работа. „Би требало локалните судии да имат интерес да придонесат повеќе од оние кои биле дел од странски мисии, но не мора да значи дека ќе биде така," вели тој. „Се надевам дека нема да има еднострани пресуди, како и тоа дека етничката припадност на жртвите и осомничените нема да влијае врз пресудите, но останува да се види."

Kosovo Mitrovica - Oliver Ivanovic (Getty Images/AFP/S. Djordjevic)

Убиениот српски политичар од Косово, Оливер Ивановиќ

Медиуми: суд за Срби и суд за Албанци

Но, одредени медиумски написи придонесуваат за зголемување на впечатокот дека судот не може да биде неутрален. Некои тоа го гледат многу едноставно: нов Специјален суд во Хаг е тука за да ги суди злосторствата на УЧК над Србите, па затоа косовските органи со новите надлежности ќе бидат тука за да им судат на Србите за злосторствата врз Албанците.

Формално Канцеларијата на специјалниот обвинител во Хаг ќе ги испитува наводите во извештајот на специјалниот известител на Советот на Европа Дик Марти кој го опфаќа периодот од јануари 1998 година до крајот на декември 2001 година, додека косовското Специјално обвинителство има надлежност за сите злосторства на Косово, без оглед на тоа кога се случиле и кој ги извршил. Пантовиќ ги коментира и медиумите и нивната улога во разбивање на презумпцијата за невиност. Тој објаснува дека медумите по апсењето на осомничените за воени злосторства веднаш почнуваат да објавуваат непроверени факти како и изјави на наводни сведоци на злосторството. „Така во јавноста се создава впечаток дека тој човек е виновен. Има многу портали кои се занимаваат со тоа, креираат атмосфера дека некој Србин е воен злосторник. И кога судиите ќе го добијат тој предмет, а за човекот веќе со месеци се зборува како за злосторник, тогаш судијата е ставен пред избор: ако постапи професионални и ослободи некој кој во очите на јавноста е веќе виновен, ќе се соочи со осуда од општеството, " вели Пантовиќ.

Сепак и двајцата соговорници како пример го истакнаа професионализмот на судијата од Основниот суд во Пеќ кој неодамна го ослободи токму клиентот на Пантовиќ обвинет за воени злосторства. „Тој млад судија беше многу професионален и така и го водеше процесот, па и донесената пресуда. Тоа ни влеа трошка надеж дека ќе имаме повеќе вакви судии, " вели Бљакај.

 

Реклама