1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Symbolbild Steigende Energiepreise
Фотографија: Friso Gentsch/dpa/picture alliance

Колку ќе рипне цената на парното?

ДТЗ
27 јули 2022

Регулаторната комисија за енергетика треба да донесе одлука за цената на парното, што зависи од цената на гасот, кој е двојно поскап од лани. Ако државата не преземе мерки, цената може да скокне за 150 отсто.

https://www.dw.com/mk/%D0%BA%D0%BE%D0%BB%D0%BA%D1%83-%D1%9C%D0%B5-%D1%80%D0%B8%D0%BF%D0%BD%D0%B5-%D1%86%D0%B5%D0%BD%D0%B0%D1%82%D0%B0-%D0%BD%D0%B0-%D0%BF%D0%B0%D1%80%D0%BD%D0%BE%D1%82%D0%BE-%D0%BE%D0%B4%D0%BB%D1%83%D0%BA%D0%B0-%D1%9C%D0%B5-%D1%81%D0%B5-%D0%BD%D0%BE%D1%81%D0%B8-%D0%B2-%D0%BF%D0%B5%D1%82%D0%BE%D0%BA/a-62608888

Регулаторната комисија за енергетика в петок (29.07) ќе одлучува за цената на парното, што зависи од цената на гасот кој е двојно поскап од лани. Сите најави во Европа се дека доаѓа најтешка зима, што ги подгреа стравувањата како ќе се затоплат домовите на граѓаните годинава, со оглед на цените на енергенсите кои вртоглаво растат.

„Ако зголемувањето на цената на парното се ориентира според поскапувањето на природниот гас, треба да изнесува над 150 отсто, но државата ќе преземе мерки на ублажување. Една од опциите да се стабилизира цената на парното греење е скопската когенеративна термоцентрала ТЕ-ТО да работи постојано, особено во зимскиот период и сите домашни капацитети да бидат ставени на располагање“, изјави денеска претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски.

Ситуацијата е дополнително загрижувачка поради раскинувањето на договорот со Балкан енерџи груп (БЕГ) кој досега беше задолжен за затоплувањето на скопјани. Владата најави распишување на отворен повик за компанија која ќе ја преземе обврската, а во краен случај се најавува можноста грижата за парното да биде префрлена на државната компанија Електрани на Северна Македонија (ЕСМ). До ваков развој на настаните дојде откако Регулаторната комисија за енергетика во јуни ги одзеде трите лиценците на „Балкан енерџи груп“ (БЕГ).  

Откако градоначалничката на Скопје,Данела Арсовска се изјасни дека Градот не може да го преземе парното, иако има претпријатие „Градски енергетски системи“, формирано токму за оваа намена, Владата ја задолжи ЕСМ да формира свои фирми. Новооснованите друштва основани од АД ЕСМ – Скопје, кои ќе вршат енергетски дејности на подрачјето на Град Скопје, се задолжени да се јават во постапката за избор на компанија која ќе ја преземе обврската да обезбеди парно за главниот град.

АД ЕСМ со одлука на Влада формира три нови компании: производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија .„Сега очекувам да ги добиеме лиценците и во наредната грејна сезона успешно да се справуваме со испорака на топлинска енергија. За тоа ќе ни биде потребен закуп на топланите Исток и Запад. И ние располагаме со топлана во Гази Баба, а треба да се вклучи и капацитетот ТЕ-ТО, кој произведува електрична и топлинска енергија“, вели првиот човек на ЕСМ, Васко Ковачевски.

Кој ќе го замени БЕГ?  

Огласот за доделување на концесиите за парното греење во Скопје ќе се објави наскоро, а дотогаш БЕГ има обврска да ги снабдува домовите со топлинска енергија. Премиерот Димитар Ковачевски неодамна во интервју за МИА потврди дека Владата ќе спроведе постапка за избор на вршител на енергетска дејност. Нов вршител треба да се избере за период не подолг од 90 дена од денот по приемот на известувањето од Регулаторната комисија за енергетика.  

„Верувам дека сите постапки и процедури ќе бидат завршени, навремено и во рок сѐ со цел грејната сезона да започне согласно планот. Граѓаните знаат дека и минатата година, и покрај сите предизвици, државата преку ЕСМ го презеде работењето на БЕГ сѐ со цел граѓаните да имаат топли радијатори. Сите механизми кои ни стојат на располагање ќе бидат искористени во интерес на граѓаните“, порачува Ковачевски. 

Mazedonien Energieregulierungskommission
Огласот за доделување на концесиите за парното греење во Скопје ќе се објави наскоро, а дотогаш БЕГ има обврска да ги снабдува домовите со топлинска енергијаФотографија: DW/K. Delimitov

Дека доаѓа една од најтешките зими, укажува и министерот за економија Крешник Бектеши. Тој вели дека во континуитет се креираат мерки кои ќе помогнат во решавање на енергетската криза и во делот на домаќинствата и во делот на индустријата. Повеќе од нив ќе се реализираат во август, кога ќе биде прогласена енергетската криза. 

Тој најави дека во август ќе се прогласи кризна состојба во енергетскиот сектор. „Нѐ очекува многу тешка и непредвидлива зима на енергетски план, која не зависи само од Северна Македонија или од земјите од регионот, туку зависи од тоа како ќе се одвива ситуацијата со војната во Украина“, рече неодамна Бектеши на брифинг со медиумите, на кој информираше за следните чекори и мерки кои ќе бидат преземени со цел ублажување на ценовните шокови за граѓаните. 

Ќе ја спаси ли ТЕ-ТО грејната сезона? 

Во пресрет на грејната сезона остануваат неколку отворени прашања. Првото е дали и годинава ќе продолжат субвенциите за парното греење од страна на Владата и дали грејната сезона ќе се протурка со природен гас или со алтернативно гориво - мазут. Упатените во проблематиката посочуваат дека состојбата со снабдување со мазут е комплексна со оглед на зелената агенда на Европа, која придонесе да се затворат линиите за производство на мазут. 

Министерот за економија неодамна изјави дека се работи на обезбедување алтернативни начини за снабдување со енергенси, доколку има целосна забрана за увоз на гас за да може да работат и топланите и индустриските капацитети. Во делот на алтернативни извори согласно Законот е предвидено и да може да се префрлат на друг енерегенс, односно на мазут.

Многу е важно и прашањето  дали термоелектраната ТЕ-ТО ќе работи и со кој капацитет, бидејќи со нејзиното работење може да се ублажи ценовниот шок на гасот од берзанските цени, кои се двојно зголемени. Лани Владата побара од термоелектраната ТЕ-ТО да произведува струја и во викенди за да не останат студени радијаторите во Скопје. 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

И македонскиот бисер Охрид, ќе добие бугарски културен клуб

Игнорирање - најсоодветен однос кон клубот „Цар Борис Трети“

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми

Врати се на почетната страница