Колку кодоши се вгнездени во власта
27 септември 2010„Заклучокот на Комисијата за лустрација со кој ме известувате дека поднесената изјава од моја страна не била во согласност со податоците со кои располага Комисијата, не е вистинит и категорички го отфрлам“, изјави претседателот на Уставниот суд на денешната седница на Комисијата за лустрација.
Тој тврди дека не соработувал со тајната полиција, туку дека се работи за вешто исконструиран атак и хајка, политичка пресметка и обид за дискредитација на носител на раководна функција во институција што не потпаѓа и не постапува по политички диктат.
Тој додаде дека на начинот како што се постапува во конкретниот случај не само што не се врши лустрација, туку се врши „кастрација“ на здравиот ум.
Претседателот на Уставниот суд најави дека откако Комисијата ќе донесе заклучок ќе се жали до Управниот суд, а потоа дека може да се жали пo одлуката на Управниот суд до Врховен суд.
„Ние пронајдовме досие на овој уставен судија, а тој има законско право да се соочи со него и затоа ние го повикавме да дојде и да ги проучи деталите од оваа темна страна на неговата кариера“, изјави претходно Ѓорги Малковски, член на Комисијата за лустрација. Овој универзитетски професор и историчар, неодамна реферирал за пронајденото досие на уставниот судија.
По две години од основањето Комисијата за проверка на фактите, за прв пат донела одлука со која се потврдува доушничко досие за висок функционер во институциите, што е услов за престанок на мандатот член на Уставниот суд. Дел од власта се сомнева дека тој е инсталација на СДСМ во Уставниот суд, од каде се поништени неколку клучни владини закони и одлуки, што премиерот го толкува како антивладина позиција на Уставниот суд.
„Лустрацијата е под притисок на партиите“
Универзитетскиот професор и кривичар Африм Османи го оправдува јавното соочување со лустраторите и полициските досиеја на кодошите.
„Лустрацијата веќе е под притисок на партиите. Ниту еден друг политички субјект нема надлежност да донесе одлука кој бил соработник на тајните полиции и за тоа примал надоместок.“
Османи, од Фон Универзитетот, вели дека лустрацијата не смее да се користи за меѓуетнички и особено за меѓупартиски лицитирање, на штета на фактите и вистиина. А овие денови на сцена се интрапартиски судири во десницата, пред се‘ во ДПМНЕ, но и конфликт меѓу ДУИ И ДПА, при што опозиционерите на Мендух Тачи велат дека имаат уште досиеа со кои би потврдиле дека и други високи партиски функционери и пратеници, биле соработници за македонските тајни сервиси, кодошејки ги интелектуалците кои страдале како политички затвореници.
„На овој начин партиите и власта предвреме им пресудуваат на функционерите и тоа се незаконски изјави или постапки, што го нарушуваат кредибилитетот на институциите,“ вели Османи, кој сепак се залага за транспаретни одлуки откако лустрираните ќе ги напуштата функциите поради соработките со тајните служби.
Малковски: Врз Комисијата за лустрација нема притисоци
Тензиите се кренаа откако протекоа информации дека двајца актуелни пратеници од владејечкото мнозинство биле соработници на тајната полиција и својот кодошлок го сокриле од избирачите и јавноста. На индиректен начин соперниците на ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека власта се обидела да ги заштити, оти вршела притисок врз членовите на Комисијата да не ги прогласат за функционери-кодоши. Професор Малковски, најпрвин демантира дека било која партија или лидер, од власта или опозицијата, досега вршела притисок врз лустраторите да носат одлуки во одреден парвец. Тој тврди дека посочениот пратеник, екс миниситер за финансии и потпретседател на ДМПНЕ, сега актуелен газда на национална телевизија блиска до власта, имал само судско досие за своите националистички идеи, а не бил регистриран кодош на ДБК. Слична разврска следувала и за пратеникот од ДУИ. Но Малковски не ги одрекнува обвинувањата на екс-премиерот Љубчо Георгиевски дека во ВМРО-ДПМНЕ имало уфрлени соработници на тајната полиција, дури и во највисокото раководство. Затоа и Герогиевски, јавно побара од својот наследник Никола Груевски, да овозможи целосна подршка на лустрацијата и да се дознаат агентите кои станале партиски функционери. На обвинувањата одговори премиерот Никола Груевски со иницијатива дека лустрацијата треба да го опфати и периодот на самостојноста, а не само до 90-та година. Затоа и Извршниот комитет на ДМПНЕ ќе иницира измена на Законот за лустрација, што ќе значи чистење на досиејата и за последните две децении.
Автор: Александар Чомовски
Редактор: Жана Ацеска