1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Sofia Gemeinsame Sitzung Premierminister Dimitar Kovacevski und Kiril Petkov
Фотографија: Reg. Nordmazedonien

Кои се клучните инфраструктурни проекти меѓу Скопје и Софија

ДТЗ
29 јануари 2022

Третиот граничен премин меѓу Бугарија и Северна Македонија ќе биде отворен во 2023 година, а европско финансирање ќе се бара за железничката линија Софија - Скопје.  

https://p.dw.com/p/464bB

Граничниот пункт „Клепало“ меѓу Бугарија и Северна Македонија, изграден пред повеќе години кај Берово, е веќе запуштен и обраснат во трева. Но, таквата ситуација би можела да се промени, доколку се реализираат најавите на работните групи формирани од страна на двете земји, по средбата во вторникот (25.01.2022) во Софија. Во план е третиот граничен премин „Клепало“ меѓу Струмјани и Берово, да биде готов до 2023 година. Тој е само еден од клучните проекти за кои се разговараше на работната група „Инфраструктура, транспорт и поврзаност“ во рамките на владината средба меѓу двете земји која што се одржа во Софија. 

Двајцата премиери, Димитар Ковачевски и Кирил Петков, на прес-конференција по средбата во вилата „Бојана“ во Софија, изразија задоволство дека е постигнат напредок и успех уште на првата средба. Потпишани се три меморандуми, а работните групи ги утврдија роковите за исполнување на приоритетите. 

Како дел од приоритетите на двете земји се проширувањето на граничниот премин „Станке Лисичково“, завршувањето на европскиот транспортен коридор број 8, обезбедувањето финансии од ЕУ за железничката линија Софија - Скопје и обновување на авиолинијата меѓу двата главни града. Реализацијата на некои од овие проекти веќе со години се одолговлекува. Според бугарските медиуми, од пристапот на земјата во ЕУ во 2007 година, овие проекти не биле меѓу проритетните, па дури и оние за коишто било ветено дека ќе бидат обезбедни финансиски средства, биле одложени. Сега амбицијата е тоа да се промени. А, вакво ветување давала секоја бугарска влада при доаѓањето на власт во изминативе 30 години. 

Клепало ќе се отвори до 2023 година 

Повеќе од две децении се најавува дека ќе се изгради патот до граничниот премин Клепало кај Берово од бугарска страна. Станува збор за стратешки проект, за кој Северна Македонија изгради пат до границата, како и зграда, која би претставувала заеднички граничен премин за двете држави. Жителите на Берово со години го чекаат отварањето на овој премин, кој ќе им овозможи побрзо поврзување со соседните општини од бугарска страна, но и поголем број на туристи. 

Последните најави од бугарската страна се дека овој премин ќе биде готов до 2023 година. Медиумите во Бугарија потсетуваат дека лани бил распишан тендер за изградба на 17 километри од патот од селото Струмјани до границата. Проектот е готов, има две опции, но не се знае која од нив ќе се реализира. Се очекува решение до крајот на февруари, по што ќе започнат еколошките процедури. Во меѓувреме се санирани 20 километри од патот Струмјани - Раздол.  

Изградбата на новиот граничен пункт ќе се финансира со 10,3 милиони евра од програмата за прекугранична соработка меѓу двете земји во периодот од 2021 до 2027 година. На средбата во Софија е договорено проектот да се забрза.  

„Станке Лисичково“ на дневен ред 

Бугарскиот вицепремиер и министер за регионален развој, Гроздан Караѓов ги информирал македонските колеги дека граничниот премин „Станке Лисичково“ меѓу Благоевград и Делчево треба да се прошири. Целосната модернизација на бугарска страна опфаќа проектирање и изградба на нови засебни рути на контролниот пункт, кои ќе го преземат зголемениот сообраќај на патници и возила. Ќе има и нови згради за гранична и царинска контрола. Ова значително ќе го олесни патувањето меѓу двете земји.  

Поместување на патниот коридор 8 

На средбата во Софија станало збор за уште еден клучен проект - завршувањето на транспортниот коридор 8 од албанското пристаниште Дурас преку Тирана - Ќафасан - Скопје - Деве Баир - граничен премин Ѓуешево - Софија - Пловдив до Буграс и Варна. Тој го поврзува Јадранското море со земјите од регионот на Црното море, Русија и Централна Азија.

Веќе е изградена патната инфракструктура во правец на Бугарија, со исклучок на автопатот „Црно Море“. Приоритет за бугарската влада ќе биде проширувањето на трасата меѓу Ѓуешево и Дупница, која е дел од коридорот 8. Модернизацијата на делницата долга 62 километри ќе обезбеди побрза врска меѓу автопатот Струма и границата. Бугарија има обврска кон ЕУ да го изгради овој коридор до 2030 година. 

Пруга Бугарија
​​​​​​Изградбата на железничка линија Скопје-Софија се најавува за до 2027 годинаФотографија: BGNES

Министрите разговарале и за подготовка на Програмата за прекугранична соработка, која треба да биде одобрена од Европската комисија. Со неа, земјите ќе имаат пристап до повеќе од 31 милион евра за различни проекти. Во периодот од 2014 до 2020 година реализирани се 73 проекти за над 18,1 милион евра во рамките на прекуграничната соработка. 

Помош од ЕУ за железничкиот коридор 

Во план е да се бара европско финансирање за имплементација на железничкиот коридор 8. Министерот за транспорт и врски на Бугарија, Николај Шабев покренал иницијатива за средба со колегите од Северна Македонија и Албанија, со цел трите земји да побараат од Европската комисија да ја вклучи пругата Софија - Скопје во транспортниот коридор на Западен Балкан. Со меморандумот потпишан во октомври 2021 година, е предвидено железницата да биде готова во 2030 година. 

Лет Софија - Скопје во март 

Редовната линија Софија-Скопје ќе се обнови, а првиот лет може да се случи во март. Според бугарските медиуми, веќе има интерес од авиокомпаниите. Бугарија ќе ги обезбеди потребните дозволи, а македонската страна ќе се ангажира околу повластените давачки. Авиолинијата Софија-Скопје фунционираше од 2007 до 2009 година, но беше прекината поради недостиг на патници. На средбата во Софија е потпишана декларација за намера за намалување на трошоците за роаминг меѓу двете земји. 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Поврзани теми

Поврзани теми

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Bundespräsident Frank-Walter Steinmeier | Interview mit der Deutschen Welle 2022

Ковачевски: Штајнмајер порача да не го кочиме патот кон ЕУ

Прескокни го блокот Повеќе теми
Врати се на почетната страница