1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Култура

Кога Скопје станува срцето на Европа

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе
13 јуни 2022

Филозофски филмски фестивал во Скопје – македонските млади сонувачи во филмот и во филозофијата успешно ја обединуваат во едно неповторливо естетско искуство магијата на филозофијата со таа на филмот. Пишува Кица Колбе

https://p.dw.com/p/4CcBq
Mazedonien Kica Kolbe Schriftstellerin
Фотографија: Privat

Во мојот роман „Снегот во Казабланка“ една од централните личности е стариот професор по романска литература, Гаврил Огненов, кој долго време живеел во Франција и за кого француската, европската култура се дел од неговата биографија. Тоа беше мојот прв роман. Тој ги изненади многумина кои дотогаш ме познаваа само како филозофина. Дека напишав роман не се изненади мојот сега покоен професор  Георги Старделов.  Притоа тој ми рече: „Знаеш, во стариот професор Гаврил има многу и од Вук!“ Во одредена мера, тоа беше точно. Иако додека го пишував романот не бев свесна колку многу од паметењето на нашиот Павао Вук-Павловиќ бев положила во ликот на професорот на Дина Аспрова во „Снегот во Казабланка“. Само кратко, во првата година од студиите ми предаваше хрватскиот филозоф. Сепак, тој остана за мене симбол за харизматичен, длабоко европски култивиран професор.

Тој уште една година откако дошол во 1958-тата во Скопје ја основал Естетичката лабораторија, која беше неговата визија во проучувањето на естетиката, но и во естетското воспитание. Дека, всушност, тој според сопственото уверување, ги беше поставил темелите на „Скопската филозофска школа“, дознав дури кога самата почнав да работам во Естетичката лабораторија , една година по неговата смрт. На студиите сонувавме за „Скопска филозофска школа”, дискутирајќи за филозофијата со колегите, најмногу со Слободанка Марковска, Витомир Митевски и Златко Лечевски. Не знаевме дека нејзините темели веќе беа поставени од „нашиот” Вук. Тој имаше плодотворна теорија за меѓусебната поврзаност на филозофијата и уметноста. Во неа естетиката и филозофијата на уметноста требаше да им се предаваат на студентите во тесна врска со уметничкото творештво. Вук, врпочем, сметаше дека една од задачите на скопската естетичка школа треба да биде и естетското вреднување на македонското уметеничко творештво. Тоа вреднување не може да се оствари без длабока поврзаност со целокупната европска уметност. Свеченото поставување на темелите на Естетичката лабораторија во 1959-тата во зградата на Филозофскиот факултет во предземјитресното Скопје се одиграло со концертот на музиката на Густав Малер. Тоа сигурно бил голем настан за крајот на педесеттите. Вук и самиот ја имаше поетската дарба, а во годините во Скопје ги објави двете најубави збирки поезија, „Развалине” („Урнатини”) и „Зов” („Повик”).

-Други колумни од авторката: Миризбата на скопскиот јуни

Кога тој ќе се појавуваше, заборававме дека сме во Скопје, туку на некој стар германски универзитет, Тој беше европски познато име во филозофијата. Имаше огромна заслуга за реномето на скопската катедра по филозофија во југословенски рамки. Особено Естетичката лабораторија на крајот на седумдесеттите стана „видлива” за целата југословенска интелектуална сцена.

Вук студирал филозофија во Лајпциг. Беше хрватски Евреин, чие семејство пред војната преминало во католичката црква. Вук е хрватски превод на неговото еврејско презиме Wolf. Во „Снегот во Казабланка” синот на рускиот Евреин во Скопје, сликарот и виолинист Давид Розенблат, со својот квинтет приредува концерт на Моцарт во спомен на својот татко, прочуениот виолинист Николај Розенблат. „Давид го свиреше Моцарт во Скопје и во тој миг срцето на Европа беше во Скопје”, стои во романот. Тоа се случува секогаш кога во Скопје се одигрува ѕвезден момент во културата. Кога се собираат на едно место неколку вонсериски надарени и компетентни уметници или филозофи, за да постават нови мерила во културата.

Еден таков настан се случи во Скопје минатата недела, во кој се продолжува најубавата визија на „нашиот” Вук за „Скопската филозофска школа”. Тоа е 12-то издание на Филозофскиот филмски фестивал. Јас бев само една од индиректните учеснички: како онлајн член на меѓународно жири и со видео-вовед кон филмот на Ален Рене, „Хирошима, љубов моја“. Идејните творци на фестивалот се неколку млади, талентирани и компетентни македонски филозофини и филозофи. Некои од нив живеат во Скопје, некои во странство, како директорката Ана Дишлиеска Митова. Тоа што сите нив ги обединува со учесниците од целиот свет е нивната љубов за филмот. Доживувајќи го одблизу кусо време низ интензивната преписка со организаторите духот на овој фестивал, го препознав во него истиот восхит со кој во Естетичката лабораторија, во новата зграда на Филозофскиот факултет, на крајот на седумдесеттите почнавме да ги организираме претставите и концертите на Отворениот театарски универзитет. И тогаш интензивно соработувавме со штотуку основаната  Кинотека на РМ.  Таа соработка беше тогаш нашиот скромен Отворен филмски универзитет, кој беше многу значаен дијалог на филозофијата со филмот. Токму на тој дијалог на филозофијата со филмот две децении подоцна се посвети единствениот во светот Филозофски филмски фестивал во Скопје и со тоа ја оживеа и традицијата на „Скопската филозофска школа”. Што значи, визијата на Павао Вук-Павловиќ за Естетичката лабораторија.

-Други колумни од авторката: Хартиените змејови од детството и старите холандски куќи

Ана Дишлиеска Митова и неколку други студентски колеги го основале овој фестувал пред дванаесет години како свој студентски сон. А тој раснел и зреел заедно со нив и се преобразил само по неколку години во професионално одлично организиран филмски фестивал. Токму затоа тој ја заслужува не само сета поддршка на македонската публика, туку, во иста мера, и на сите државни институции кои ја поддржуваат културата. Не само Министерството за култура треба силно да го поддржува во иднина Филозофскиот филмски фестивал, туку и Министерството за образование, затоа што овој фестивал има и изразена едукативна функција, бидејќи е придружен со дискусии за филозофијата и филмот на највисоко ниво. Естетското воспитување, естетската култура е израз на самосвесни, критички мислечки личности. Треба да им се помогне на организаторите на фестивалот во Скопје да ги донесат најпознатите филмски творци и најпознатите филозофи од целиот свет. Во Германија вакви манифестации стануваат национален бренд и се помагани и преку многубројните фондации за култура. Посебниот белег на македонската филмска култура, која е позната и по делото на Милтон Манаки, најдобро доаѓа до израз и во овој фестивал. Затоа тој треба да стане еден од естетските „брендови” на Македонија.

-Други колумни од авторката: Родендените, шифрите на животната радост и благодарност

Ние, македонските уметници и филозофи, често со право посакуваме македонските институции за поддршка на културата да станат поактивни во презентирањето на македонската уметност во светот. Секако, тоа е многу значајно, но исто толку, а можеби и позначајно е кога на културен настан како Филозофскиот филмски фестивал ќе дојдат уметници и филозофи од целиот свет во Скопје. Тогаш Скопје навистина станува „срцето на Европа”. Треба сите ние, македонските филозофини и филозофи, писателки и писатели, со еден збор, целата македонска културна заедница да сториме се‘, тоа срце да чука многу силнио, за да биде чуено насекаде во светот. Но сега треба да го чујат неговиот несекојдневен, естетски култивиран „пулс” македонските политичари кои се надлежни за поддршка на културата. Би било трагично кога би замрела една ваква значајна филмска и филозофска манифестација со европска, светска визија. Овој фестивал има шанси да стане познат како фестивалите во Венеција или Кан, само доколку македонското општество силно го поддржи, идентификувајќи се со него како еден од најважните културни настани во Македонија. Се‘ е возможно за тие што со сета душа се вљубени во уметноста и филозофијата. „Нашиот” харизматичен Вук успеваше уште со својата појава, со својот јазик и манири да го разбуди во нас, студентите, копнежот по уметност, култура и филозофија, копнежот по срцето на Европа во Скопје. Треба повторно силно да одекне во македонската култура гласот на филозофините и филозофите, како што беше во времето кога Естетичката лабораторија беше многу активна. Бувот, утката на Минерва, симболот на филозофијата, која како малечка скулптура се доделува на овој фестивал, како што вели Хегел, полетува во самракот, и е будна во тишината на ноќта, кога сите спијат. Но нејзиниот глас затоа уште посилно се слуша! Кога се спушта мракот, во летното кино под ѕвезденото небо, но и во мракот на кино-салата оживува и магијата на филмот. Македонските млади сонувачи во филмот и во филозофијата успеале успешно да ја обединат во едно неповторливо естетско искуство во овој фестивал магијата на филозофијата со таа на филмот.

 

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.