Кога родителите мора да се плашат од своето дете | Панорама | DW | 21.01.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Кога родителите мора да се плашат од своето дете

Медиумите се полни со текстови за родители кои ги злоставуваат своите деца. Но едвај некој да пишува за децата кои и психички и физички ги злоставуваат сопствените родители и тоа долго пред да станат полнолетни

Мартина всушност веќе не сака ни да ја види таа СМС порака, но едноставно не може да ја избрише. Бидејќи, сепак, и ја испрати нејзиниот син. Преполна е со пцовки и закани: „Кога ја читам, истовремено ме облева и студ и топлина“, вели 50-годишната жена од западна Германија. Ни таа, ниту било кој во овие семејни драми не сака да им се објави вистинското име: срамот е преголем.
Нејзиниот син сега живее во поправен дом откако сопствената мајка ја нападнал со бејзбол палка. Но, не ја остава на мира ни од домот.

Медиумите постојано информираат за родители кои ги злоставуваат своите деца. Но ретко кој јавува за деца кои и психички и физички ги злоставуваат сопствените родители и тоа долго пред да станат полнолетни. А бројката на такви случаи е застрашувачка: експертите проценуваат дека околу 10 до 16 проценти од семејствата во Германија се соочуваат со слуачи во кои децата ги малтретираат своите родители. Некаде повремено, некаде редовно. И тука не се работи само за деца кои во пубертет „откриваат“ инат и се противат на сѐ, туку и постари деца.

Четири добри ќерки и тој...

Точни податоци и нема бидејќи многу родители се срамат воопшто некому да кажат што се случува. А во истовреме мислат дека се единствени во светот кои ги мачи тој проблем. Затоа е реткост, но и извонредно важно што Мартина е подготвена јавно да зборува за проблемот- макар и со измислено име.
Со нејзиниот син веќе подолго време имале проблеми. Не одел во училиште, започнал да се дрогира. Мајката секогаш одново се прашувала што погрешила со синот, откако изгледала четири постари ќерки. Конечно отишла во Бирото за поддршка на деца и млади. Но, вели Мартина, тоа не било од голема помош.  На пример, и рекле, доколку не сака да стане наутро за на училиште да му истури чаша вода по лицето. Или да го „пуштат“, да не му даваат ништо за јадење, ниту пари и да не му дозволуваат да спие дома. „Па како да го сторам тоа? Тој е се уште мое дете“, вели Мартина. 

Symbolbild - Privatsphäre (Fotolia/somenski)

Кога детето станува „командант“ во куќата, родителите страдаат.


Ескалацијата се случила една вечер кога синот дошол дома издрогиран. Од некаде извлекол бејзбол палка и ја нападнал мајката. Еден ден подоцна го уапсила полицијата, овојпат за конкретно кривично дело- напад со ладно оружје. Оттогаш го нема видено. Само повремено добива СМС пораки, полни со закани и навреди.
„Навистина не знам.... нешто погрешно сторив“, вели мајката.

Психијатарот за деца и млади Вилхелм Ротхаус вели дека родителите не се единствен и едностран проблем за нивните деца. „Но можно е да создаваат неповолни околности за нивниот развој“, вели експертот кој раководи со оддел за детска психијатрија.
Германија има драстични закони за заштита на деца и малолетници. Ни на странците не им е паметно во оваа земја детето малку „да го плеснат по задникот“, без разлика што сторило- голема е можноста некој случаен минувач во таков случај дури да повика и полиција. Затоа и психијатарот е вчудоневиден од големиот број случаи на малтретирани родители.
„Има многу повеќе случаи одошто е познато. Но и меѓународните проценки говорат дека во околу 10 проценти од семејствата доаѓа до такво однесување“, вели Ротхаус. Со оглед на тоа дека во земјата има околу 8 милиони семејства со малолетни деца, бројот на вакви случаи може да е огромен.

Експертите исто така тврдат дека такво однесување може да се забележи меѓу социјални групи, кај богати и сиромашни, образовани и необразовани. До 14-та година тоа е еднакво распространето меѓу момчињата и девојчињата, но потоа повеќе кај момчињата.
Насилноста на децата честопати е изненадување и за родителите и за децата. Тоа особено се случува во семејства во кои и самите родители имаат некоја слабост- психичка или физична, и тоа води кон пресврт во хиерархијата. „Детето станува шеф во семејството“, вели психијатарот.

Jugendstrafvollzug

Младите во поправните домови се уште ги чуваат фотографиите од своите родители

Подобро е „цврста рака“?

Приказните на младите момчиња со кои разговаравме во детскиот дом на истокот на Германија се речиси идентични: лошо друштво, дрога, неволни за било што, проблеми и со полицијата. 13-годишниот Марсел се степал со момчето на својата мајка. Сега живее во домот во кој владеат строги правила, речиси како во војска. Кој бил проблемот во нивните семејства? На младите им е тешко тоа да го кажат. Премалку правила? „Морам да кажам дека правев многу глупости за кои никогаш не бев казнет“, признава Тобијас. И педагогот кој го следи нивниот развој вели дека нема едноставен одговор на дилемата, премногу или премалку правила: „Тоа често не е целно насилство, туку повеќе чин на двоумење и очај“.
Што да се прави? Психијатарот Ротхаус вели дека на родителите може единствено да им советува да не „голтаат“ премногу и да се надеваат дека детето ќе се „опамети“. По одредена мерка, важен прв чекор е да се побара стручна помош. Инаку, судирот побрзо ќе ескалира одошто ќе се смири. „Дури откако родителите ќе се убедат да посетат советувалиште и потоа да кажат дека 'мора да се постават граници', дури потоа може да почне да се развива односот“.
Така е и кај Мартина. Уште рони солзи кога ќе се сети на својот син. Од поправниот дом тој и натаму испраќа СМС-пораки, полни со закани и пцовки, но и нему мора да му стане јасно дека тоа така- не може.

DW.COM

Реклама