Ковид-19: Германија ги олабавува мерките, и покрај ризиците | Информации и анализи за Германија | DW | 17.02.2022
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Германија

Ковид-19: Германија ги олабавува мерките, и покрај ризиците

Канцеларот Шолц и премиерите на покраините до 20 март сакаат да ги укинат речиси сите корона-ограничувања. Со тоа во фокусот на дебатата ќе се најде можната обврска за вакцинација, смета Јенс Турау.

Дали дојде крајот на коронавирусот во Германија? Човек може да стекне таков впечаток. Бројот на нови  инфекции на дневно ниво е застрашувачко висок, но со денови е во опаѓање и очигледно кулминацијата е помината. Па така пандемијата во секојдневието на луѓето запаѓа во втор план. Сега веќе секој во земјата познава по некој заразен, но вирусот веќе не е такво „страшило” какво што беше.  Омикрон заразува многу лица, но најчесто е со благи симптоми. Затоа и дневната инциденца од околу 1400 речиси и да не вознемирува некого, се чини дека пресуден критериум е состојбата во болниците, а таа - барем засега - е прегледна.

Се олабавуваат мерките и во други земји

Затоа политиката, канцеларот и покраинските премиери мораа да реагираат и токму тоа и го сторија. Некои покраини веќе и имаа воведено олабавувања, а тие сега треба да важат за сите:  речиси сите ограничувања  кои луѓето ги трпат веќе две години, отпаѓаат до 20 март. За тоа не постои алтернатива, слободарските права во нашата демократија имаат централно место. Тие може да се ограничуваат само онолку долго колку што е нужно потребно. А, тоа сега не е случај. И во други земји драстичните ограничувања делумно се повлекуваат. 

Остануваат несигурности. Во Германијастепенот на вакцинација во споредба со други земји е низок. Кон средината на неделава околу 75% од луѓето беа целосно имунизирани, односно со две дози, а 25% не. Сите обиди на политиката да ги убеди скептичните, дури и со медиумски кампањи тешки милиони евра, досега не дадоа ефект. Многу лица се воздржани и во однос на третата вакцина, бидејќи и со две вакцини повторно се заразиле. 

Затоа е исправно што Шолц сега најави дека Законот за заштита од инфекции сака да го промени на начин што ќе може во случај на повторна кризна ситуација, брзо да се реагира. Без измени, такви мерки не се можни, како на пример носењето маска и хигиенските мерки кои ќе важат и по 20 март. Во коалицијата сепак не владее комплетна согласност по ова прашање, бидејќи Либералите го сонуваат 20.март како општ  „Ден на слободата” и не сакаат навраќање на можни ограничувања. Но, притисокот е голем да се постигне косензус. 

Задолжителна вакцинација – да или не?

И втора, уште потешка дебата сега повторно се враќа во средиштето: што носи задолжителната вакцинација? Одлуката е веќе донесена - дека од 15 март мора да се вакцинираат сите кои работат во здравствениот сектор. Но, отпорот против одлуката не е мал. Со посебна одлука Баварија објави дека нема да спроведува задолжителна вакцинација за припадници на одредени професии – барем не засега. „Здружението на компании за здравствено осигурување“ во Германија предупреди од тесни грла во снабдувањето со вакцини доколку оваа обврска се спроведе сега со оглед на тоа дека поголемиот дел од оние што работат во здравството се вакцинирани, но сепак не се сите. Уште понејасно е што ќе се случува со општата обврска за вакцинација, бидејќи Владата сака преку Бундестагот да ја воведе до Велигден.

Thurau Jens Kommentarbild App

Јенс Турау

На маса има различни предлози – од  задолжителна вакцинација  над 18 години, за сите над 50 години или воопшто да нема задолжителна вакцинација. Или како што предлага Унијата, постепена обврска за вакцинација во зависност од ситуацијата со пандемијата. Мислењата за ова во Парламентот се различни, но без разлика за која варијанта и да се одлучат станува сè потешко да се аргументира во прилог на  задолжителна вакцинација,  кога во исто време сите ограничувања се укинуваат. Сосем е можно на крај да нема задолжителна вакцинација.

Луѓето се уморни од пандемијата

Во средината на февруари 2022 пак расположението е следново: Германија се радува на доаѓањето на пролетта, на полни фудбалски стадиони, пазарење без рестриктивни ограничувања и правила за средби и контакти. И политичарите се потпираат на тоа дека и следната варијанта на вирусот ќе биде блага како Омикрон. Но, според искуството од изминативе месеци, без задолжителна вакцинација тешко дека ќе се зголеми нивото на вакцинирани.

Сепак, фактот дека пандемијата на есен може повторно тешко да нѐ погоди со некоја поопасна мутација на вирусот од Омикрон, е ризик кој не треба да се потцени. Но, во моментов се чини дека по 24 месеци замор од пандемијата, луѓето се желни за опуштање. Канцеларот Олаф Шолц и покраинските премиери не може да го игнорираат ова.