Ковид-19: Блефирањето „поисплатливо“ од тестирањето? | Северна Македонија | DW | 26.06.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Ковид-19: Блефирањето „поисплатливо“ од тестирањето?

Разликите во начинот на кој се собираат податоците, може да создадат лажна перцепција за реалните состојби со Ковид-19

Тестирај, тестирај, тестирај, или блефирај? Дали од пристапот кон некој од овие два екстрема, зависи која земја како ќе котира на мапата на СЗО во однос на состојбата со Ковид-19? Прашањата не се без основа, ако се има предвид дека тестирањата се сведени на симболично ниво, на пример, во земји кои главните приходи ги очекуваат од туризмот. Во земји кои помалку тестираат, особено по олабавувањето на мерките за заштита, соодветно се откриваат и многу помалку случаи на новозаразени. На тој начин само административно/ вештачки се одржува епитетот „безбедни“, за разлика од други земји кои го губат тој статус заради несмален или зголемен број тестирања и скрининзи меѓу населението. Во овој корупс спаѓа и реалната транспарентност во сподолувањето на податоците за бројката на заразени, со оглед дека за некои земји се врзани сомнежи и индиции за водење „двојно книговодство“: едни подотаци за властите, други за јавноста и СЗО.

Локален контекст

Одговорите на овие прашања се важни, ако се има предвид дека само од објективните податоци во претстојниот период ќе зависи овозможената мобилност на граѓаните од една во друга/други земји, односно спреченот во слободното движење. Растечкиот број на нови случаи позитивни на Ковид-19 во Северна Македонија во моментов предизвикува огромна загриженост, а на мапите на СЗО земјава „островски“ се издвојува од остатокот на регионот и Европа според бројката на смртност, но и растот на заразени. Дали овде навистина има ендемски раст на заразени со трицфрени бројки? Споредбените податоците со состојбите во регионот велат - не!

На пример, во Србија  од 7.311 тестирани вчера беа потврдени 137 нови случаи на позитивни на корона вирусот, и еден смртен случај. Бројката на 861 лице хоспитализирани до средата, до вчера (четврток) се искачила на 954. Во Бугарија е надминат неодамнешниот рекорд од 134 нови заразени во едно деноноќие. По вчерашните 2.775 тестирања, таа бројка денеска изнесува 166, и два смртни случаи (досега 211). Активни случаи се 1.827, од кои хоспитализирани се 384.

Повеќе:

Бројките велат дека ЕУ ќе остане затворена за македонските граѓани

Аеродромите се отвораат, летови засега нема

Сомнежи дека Србија ги лажирала бројките на починати од Ковид-19

Во Хрватска, која се надева приходи од туристичката сезона, а на 5-ти јули ќе има и предвремени парламентарни избори, во изминатото деноноќие се спроведени 256 тестирања, од кои се потврдени 28 нови случаи, а 80 лица испратени во самоизолација.

Видливо е дека бројките на тестирања драстично се разликуваат од земја во земја, а се поврзуваат со локални цели и интереси. Во Србија, на пример, бројката на тестирања беше многу помала пред одржувањето на парламентираните избори, а порасна по нивното завршување. Џихан Тавила, претставничка на Светската здравствена организација во Македонија, во емисијата „Код“ неодамна појасни дека стратегиите за тестирање кај сите земји се различни, појаснувајќи дека како се зголемува бројот на тестирања, така и ќе се зголемува бројот на новозаразени лица со Ковид-19. Таа ги отфрли тврдењата дека Северна Македонија има највисока стапка на смртност од ковид-19 во регионот.

„Треба да бидеме многу внимателни кога ги споредуваме земјите, поради можните разлики во начинот на кој се собираат податоците и тоа што го знаеме е дека податоците можат единствено да бидат интерпретирани и разбрани во локалниот контекст. Како резултат, секогаш ќе има ограничувања во обидите да се прават споредувања и нема секогаш иста конзистентност на податоците за смртните случаи меѓу земјите“ потенцираше Тавила.

Земја со забрзан пренос

Но, врз основа на вакви невоедначени пристапи, СЗО констатира дека „забрзан пренос е регистриран во 11 земји, во кои е предизвикан значителен раст на заразени што доколку се остават без надзор ќе ги ‘донесат до работ’ здравствените системи“. Би-би-си објави дека меѓу државите кај кои е нотирана брза трансмисија на вирусот се Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Ерменија, Азербејџан, Казахстан, Киргистан, Молдавија, Шведска и Украина.

Она што засега не може да и се забележи на Северна Македонија, е обемот на тестирања и транспарентноста. Тоа вчера го потврди и советникот на регионалниот директор на СЗИ, Фабио Скано, кој беше во тридневна посета на земјава. 

„Северна Македонија е транспарнетна и во однос на заболените и во однос на на бројот на починати од Ковид 19 (...) Поуката што треба да ја извлечеме е дека до пронаоѓањето на делотворна вакцина, не смееме да се опуштиме, односно да го спуштиме градот. Дејствата што ќе се преземат овие денови, но и во неделите и месеците кои претстојат ќе бидат критично важни со цел да се спречат случаите на новозаразени и да се спасат човечки животи “, изјави тој на вчерашната прес-конференција, нагласувајќи дека „отворањето на границите е тешка одлука“.

А токму од денеска стапува во сила одлуката за слободно влегување во земјава без обврска за негативен тест и изолација. Земјава на 17-ти јуни ги отвори граници, но наметна обврска за оние што влегуваат задолжително да имаат негативен ПЦР-тест, не постар од 72 часа, и да останат во самоизолација, а доколку немаат тест тогаш да одат во државен карантин.

По слободниот влез без обврска од тест и карантин, Владата синоќа донесе одлука, со која и граѓаните кои во периодот од 13-ти до 25-ти јуни влегле во земјава со негативен ПЦР-тест и се во домашна самоизолација, како и оние што не направиле тест и се во државен карантин, се ослободуваат од овие мерки.

 

Поврзана содржина

Реклама