Караџиќ - од поет до диригент на масакри | Свет | DW | 19.03.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Караџиќ - од поет до диригент на масакри

Патот на Караџиќ од поет и психолог до геноцидот во Сребреница е поплочен со врските со Белград и српската Државна безбедност, кои не престанаа ни кога беше обвинет за воени злосторства. Конечната пресуда е утре.

„Немојте да мислите дека нема да ја одведете Босна и Херцеговина во пекол, а муслиманскиот народ во исчезнување, зашто муслиманскиот народ не може да се одбрани ако овде има војна!“ Радован Караџиќ со овие зборови во Собранието на БиХ во 1991. година го најави крвопролевањето, обраќајќи им се на политичките претставници на Бошњаците. Критичарите тврдат дека уште тогаш бил сигурен во поддршката од Слободан Милошевиќ и Југословенската народна армија.

На политичката сцена во БиХ Караџиќ дојде како лидер на Српската демократска партија, СДП, која со две други национални партии – Партијата за демократска акција и Хрватската демократска заедница на БиХ го порази Сојузот на комунисти на Југославија на првите повеќепартиски избори во БиХ, односно бивша Југославија.

Создавање етнички чисти подрачја

Деканот на Факултетот за политички науки во Сараево Шаќир Филандра смета дека појавата на Радован Караџиќ е резултат на неуспешните процеси на демократизација во постјугословенското општество, кога акумулираните историски национални проблеми  се здобија со форма на националистички движења.

„Од посткомунистичките лидери Караџиќ се издвојуваше со агресивност и радикализација на етно-политичките ставови и позиции, потпирајќи се на слични кругови од белградското политичко милје и српскиот великодржавен проект“, вели Филандра за Дојче веле.

Повеќе:

Идејата за Голема Србија сѐ уште не е закопана

Обиди за политичка злоупотреба на пресудата за Караџиќ

Потпирајќи се врз интелектуалната и политичка поддршка од Белград и моќта на ЈНА, Караџиќ радикално влезе во процесот на етничко чистење и создавање ексклузивно чисти српски простори во првите месеци на 1992. година. Притоа демонстрираше невидена дехуманизација кон неистомислениците, претворајќи ги сите несрби во свои противници, не избегнувајќи секакви видови воени злосторства заради остварување на своите политички цели“, додава Филандра.

Политиката на Радован Караџиќ беше прифатена во многу подрачја на БиХ со српско мнозинство, а СДП брзо стана највлијателна политичка партија на Србите во земјата. Бањалучкиот професор и психолог Миодраг Живановиќ вели дека влијанието на Караџиќ врз широките народни маси е „производ на доминација на популизам од кој директно следи национализам и сѐ она што припаѓа кон провинциската свест“.

„Тоа е процес на затворање на животот во нечовечки рамки, со што се создаваат услови за извршување тешки воени злосторства. Во БиХ во таа смисла нема невини, а лидерите на таквите ‘политики' неминовно произведуваат воени злосторства, помали или поголеми, а во случајот на Радован Караџиќ- и геноцид“, истакнува професорот.

Juli Karadzic verhaftet (picture-alliance/dpa)

Караџиќ со години се криеше во Белград под името Драган Дабиќ

Белградски ментори

Караџиќ имаше соработници и ментори во Белград. Тоа го потврдуваат бројни критичари, меѓу кои и директорот на белградскиот Форум за етнички односи, Душан Јањиќ. „На Слободан Милошевиќ му требаа лидери од калиброт на Караџиќ, Јован Рашковиќ и други, произведени од Државната безбедност на Србија, но Караџиќ не беше само продукт на Милошевиќ и безбедносните служби, туку и на сопствената желба за моќ“, објаснува Јањиќ за ДВ.

„Таа желба во еден момент излезе од контрола. И додека агендата на Милошевиќ беше разбивање на Југославија и нејзино прекројување според етнички принципи, амбициите на Србите на Караџиќ беа БиХ да се обедини со другите српски земји“, истакнува нашиот соговорник.

Радован Караџиќ наоѓаше соработници и меѓу поданиците на Фрањо Туѓман, еден од нив е Мате Бобан. Политичкиот аналитичар од Загреб Давор Ѓенеро објаснува дека Караџиќ и Бобан заедно работеле на растурање на БиХ.

„Првиот претседател на ХДЗ на БиХ, Стјепан Кљујиќ, кој до денес остана лојален на концептот на неделлива БиХ, го смени суровиот Мате Бобан. Бобан многу брзо се усогласи со психијатрот и поет, кој фантазираше за Сараево во опсада и пламен. Хрватска затоа на Хашкиот суд беше препозната како совиновник за агресијата на БиХ, зашто Бобан не беше избор на Хрватите од БиХ, туку на официјален Загреб и неговата политика, за разлика од онаа на Кљујиќ, беше осмислувана во седиштето на хрватскиот претседател“, вели Ѓенеро.

Повеќе:

Караџиќ: Само луд или психички болен би затворил очи пред Сребреница

Пресудата за Караџиќ - задоцнета правда

По војната во БиХ и подигнувањето на Хашкото обвинение, Радован Караџиќ исчезна од политичката сцена на БиХ, а меѓународните сили спроведоа неколку безуспешни акции на потрага. Бегајќи од правдата, водачот на босанските Срби долго се криел во Белград, а официјален Белград со години негираше штитење на обвинетиот за воени злосторства.

„И Војислав Коштуница и воено-разузнавачките структури и Зоран Ѓинѓиќ, сите знаеја дека Радован Караџиќ е преправен во Драган Дабиќ. Одбиваа да го испорачаат, плашејќи се дека со него во Хаг можат да отидат и многу други“, објаснува Душан Јањиќ.

Заслугите" на Караџиќ за Сребреница

Радован Караџиќ беше претседател на Република Српска, врховен командант на војската до 1996 година, а со тоа и еден од оние со одлучувачко влијание за извршување воени злосторства. „Ние создадовме легенда од Ратко Младиќ, знаејќи дека народот сака легенди. Меѓутоа, пропуштивме да ги потенцираме и успесите на другите команданти. Да речеме, Радислав Крстиќ, кој пред мене ја испланира, а јас ја одобрив задачата за Сребреница, која тој извонредно ја изврши“, изјави Караџиќ по падот на Сребреница.

Со првостепената пресуда во 2016 година, Караџиќ е прогласен за виновен за геноцидот во Сребреница, злосторства против човештвото и кршење на законите и обичаите на војување, извршени од војската и полицијата на РС во текот на вооружениот судир во БиХ. Изречена му е казна од 40 години затвор. Правосилната пресуда ќе биде изречена утре, 20.03.2019.

 

DW.COM

Реклама