Како Нерон или како Ленин – што да се прави со спомениците? | Северна Македонија | DW | 10.10.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Како Нерон или како Ленин – што да се прави со спомениците?

За спомениците од центарот на Скопје е потребен концепт со кој тие ќе се зачуваат, само ќе им се промени местото и контекстот за да се нагласи достоинството на демократијата. Колумна на Љупчо Поповски.

Што да се прави со бронзено-бетонската шума на споменици и други градби во срцето на Македонија – на главниот плоштад во Скопје?

За многумина од нигде-никаде дојде онаа одлука-заклучок најврелиот костен кој е синоним на едно авторитарно време и кој беше наменет за идентитетски инженеринг за класични политички поени, да ѝ се префрли на Општина Центар и на Министерството за култура. Мислите дека некој знае што да направи со овие монументи на едно безумие? Комисијата која го оценуваше овој идолатриски кич нема дилеми – бесмислениот симбол на величието, Триумфалната порта, како и постаментот за Мајка Тереза, треба да се урнат. Не може ништо да им се забележи на експертите кои го даваат тој предлог – не само што двете градби се дивоградби, туку се и диво место во крвототкот на центарот на Скопје. И навистина, нивната „пресуда“ е логична, таа не се занимава со политичките последици, со калкулациите во критичното време на пандемијата, со можен бунт на некој дел од населението. Тие имаат „вакцина“ за овие дилеми, затоа што се раководат од правилата на урбанизмот и законите. Градоначалникот на Општина Центар мери, премерува, одолговлекува при оценките, а да не зборуваме за одлуките. Разгледува разноразни дозволи, законски или привидни, за поставување на спомениците за да види дали тоа било покриено со документи. Во основа, тоа е потрага по некое време, кое уште на почетокот изгледа како потрага по загубено време.

Како би можело да се најде решение?

Bildergalerie Skopje

Комисијата нема дилеми – Триумфалната порта, како и постаментот за Мајка Тереза, треба да се урнат

Два излеза

Ако размислуваме во груби рамки можни се два излеза – еден од антиката: она што се случи со наследството на омразениот римски император Нерон, а другото е елегантното решение на Унгарија, Естонија, Русија или Украина. Kога Нерон го изградил прочуениот Златен дом (веднаш по големиот пожар во Рим, за кој не се знае со сигурност дека тој го подметнал или само ја искористил можноста), тоа било веројатно највеличествената градба во Империјата. Во холот на палатата стоела колосалната статуа на самиот Нерон висока 30 метри. Околу огроманата градба имало базен кој прикажувал море, а околу имотот биле подигнати градби кои наликувале на градови.

Еве што пишува познатиот римски историчар Светониј за ова ексцентрично лудило на Нерон: „Во другите делови од куќата сѐ било покриено со злато и украсено со скапоцени камења и седеф... Најголемата гостинска соба била кружна и по углед на небесниот свој деноноќно се вртела. Имало бањи во кои течела морска и сулфурна вода. Кога го посветувал вака изработениот дом, Нерон собрал храброст да каже – дека конечно се сместил како човек“.

Расипничкото лудило, како што вели Светониј, го свртеле и народот и војската против него и неговиот трагичен крај бил неминовен.

Во Римската империја работите на некој начин биле едноставни – сите споменици, згради и палати на омразениот император мора да бидат избришани; неговото име да не се споменува ниту појавува некаде. Па еден од неговите наследници, Тит, врз ова грандиозно архитектонско и уметничко дело изградил бањи, Веспазијан подигнал амфитеатар, подоцна и Трајан изградил бањи. За 40 години, палатата била целосно уништена. Има и своевиден парадокс во ова уништување – она што се градело врз палатата ги заштитило од влага сликите на ѕидовите.

Mazedonien Ljupco Popovski

Љупчо Поповски

Уметничката страна на Нерон (кој се замислувал како ненадминат пејач и поет) била откриена од заборавот во 15 век. Еден млад римјанин невнимателно паднал во еден процеп и се нашол среде огромни соби со насликани ѕидови, во своевидна неоткриена пештера. Ренесансата ја откри инспирацијата во антиката – Микеланџело и Рафаел се спуштале со јажиња да го видат ова невидено уметничко чудо. Ова уметничко наследство на Нерон оставило неверојатен впечаток кај ренесансните генији и влијаело врз нивното сликарство. Подоцна Казанова и Маркиз де Сад пишувале графити на ѕидовите дека го посетиле ова место на неверојатна уметност.

Има ли уметност или архитектонска вредност во Триумфалната порта или во бронзената шума од споменици во центарот на Скопје? Оние што се занимаваат со оценување на уметноста велат дека нема. Тогаш, може ли да се примени приказната за Нерон во Скопје? Осум од десет луѓе би ви рекле дека ваква „пресметка“ со наследствата со еден авторитарен сисем не е е можна, па дури и дека не е ни пожелна. Други осум од десет луѓе би рекле – како е можно да имаш храброст да склучиш договор со Грција, да го промениш уставното име за прогрес на државата, а да не можеш да се одлучиш што да правиш со бронзената шума во Скопје. Дали е тоа потешка задача од потписите во Преспа? Има елегантни решенија за отстранување на „советското“ наследство во центарот на Скопје.

Еве неколку примери.

Во Будимпешта, на Плоштадот на слободата стои советскиот обелиск посветен на Црвената армија, која го ослободи унгарскиот главен град во Втората светска војна. Овој обелиск, сместен пред зградата на американската амбасада, е единственото советско наследство што остана во Будимпешта. Сите други советски споменици беа отстранети и однесени на нивното конечно почивалиште надвор од Будимпешта, во познатиот Мементо парк. За да се влезе во него, треба да се плати билет од 4,7 евра за да се види паркот на „најголемите статуи од студената војна“. Поранешниот претседател на Унгарија, Арпад Генц, ја оцени оваа постановка како внимателно избран пристап: „Тој ги користи политички неутралните значења на уметноста за да го нагласи достоинството на демократијата и одговорноста за историското мислење“. Таму има десетици споменици посветени на советско-унгарското пријателство и на „херојскиот советски народ“, на Ленин, Марк, Енгелс, Бела Кун, Георги Димитров... сместени во уметнички и концептуален контекст. Во паркот има музеј полн со едукативни материјали каде се објаснува социјалистичката ера и објектите, а училишни групи пристигнуваат секојдневно, секако не сега, во време на короната.

Memento Park Budapest Ungarn

Мементо парк во Будимпешта е отворен во 1993 година

Неутрален контекст

Другиот пример е во Естонија, каде историјата е детоксинизираната во палатата Марјамае во Талин. Во изложбата на отворено огромната статуа на Сталин е легната на грбот. Таму стои и осамената биста на Ленин. И таму концептот е сличен: на собраните споменици од советско време треба да им се даде нов, неутрален контекст, кој ќе помогне во пристапот кон историјата на тоталитарната држава и нејзините идеолошки основи и методи.

Во Москва има Парк на паднатите споменици, востановен од градските власти во 1992 година. Таму се однесени сеќавањата за речиси сите луѓе што владееја со Советскиот Сојуз – од челичниот Феликс Ѓержински, основачот на тајната полиција НКВД, сѐ до последните советски лидери. Таму се и споменици посветени на херојскиот пролетеријат и селанство со вистинска уметничка вредност, како оној на познатата скулпторка Вера Мукина „Работник и жена од колхозот“. Во 2011 година Паркот на паднатите споменици претрпе значајни измени за да може да привлече повеќе туристи, а беа додадени и повеќе модерни скулптури. Сега во Паркот на паднатите споменици има повеќе од 700 уметнички дела.

Други колумни од авторот:

Каде владее правото? Сите се грешници

Ударот на чеканот (судскиот)

Најсвежиот пример е од Украина. Кога Украина прогласи независност во 1991 година таму имаше 5.500 статуи од Ленин низ целата земја. Во најголемите градови имаше и по неколколку стотици. Голем дел од нив беа урнати во првите години од независноста, особено во западниот дел на Украина, кој е изразиот проевропски и антимосковски ориентиран. Големиот бран на уривањето на статуите на Ленин почна во првите денови на Мајдан, кога демонстрантите ги полнеа улиците на Киев поради непотпишувањето на договорот за асоцијација со ЕУ. Оттогаш почна она што Украинците го нарекуваат „Ленинопад“ – паѓањето на Ленин. Илјадници статуи на болшевичкиот револуционер беа урнати низ земјата. Многу од нив останаа, особено во анектираниот Крим и прорускиот Донбас.

Bildergalerie Skopje

Дали утре ќе биде доцна за она што може да се направи денес?

За оние што ги уриваат спомениците целта беше јасно политичка – Ленин ги потсетуваше на заедничката советска историја од која сакаат да го исфрлат денешното влијание. Во 2015 година украинскиот парламент донесе закон со кој ги изедначи советскиот режим со воениот нацистички режим. Основата на овој закон, промените на имињата на улиците или уривањето на статуите, не беше одмаздничка, туку одговор на обидот за промена на идентитетот на Украинците.

Бидејќи нема единствена интерпретација на минатото, ниту пак едно решение за справување со физичките реликти, во Украина се обидоа на помек начин да се справуваат со Лениновото наследство, а тоа да не продолжи со деструкција. Во градот на север, Питивл, во 2019 година отворен е „СССР парк“, каде се сместени реликтите од советскиот режим. Таму има пантеон на советските богови, од Сталин, Ленин, советските работници, црвеноармејските команданти од граѓанската војна...

Тоа е делот од украинската историја, таа не може да се промени. Уште помалку сега да се интервенира во неа. Но тие споменици сега не се поставени на плоштадите да агитираат за советската идеологија. Кураторите во изложбениот парк се обидуваат да ги сместат овие споменици во историскиот контекст.

Во Скопје најголемиот дел од спомениците не се дел од античката идеологија, туку глорификација на вмровските дејци од раната фаза на револуционерната организација. Но тие вмровски херои изгледаат џуџесто во однос на Александар и Филип. Тие и понатаму од двата брега на Вардар агитираат за потрага по великите антички корени. Сѐ додека прошетката низ бронзената шума не стане навика и амбиент без кој навидум не се може. Дали утре ќе биде доцна за она што може да се направи денес? Секој го премерува политичкиот ризик. Но дали денешниот политички ризик може неколкукратно да дојде за наплата по пет-шест години, кога приказната може да се врати кога најмалку се очекува?  

Реклама