1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како до побезбеден интернет?

Милчо Јованоски13 декември 2014

Во Охрид се одржа Втората регионална школа на НАТО за сајбер безбедност и одбрана од терористички напади. Македонија идната година треба да добие Институт кој ќе едуцира кадар за компјутерска безбедност.

https://p.dw.com/p/1E3c1
Фотографија: Fotolia/Sergey Nivens

Правно интернет просторот сѐ уште не е регулирана материја и експертите го нарекуваат ничија земја. Постоечките правила во меѓународното право и националните законодавства не можат до крај и дословно да ги опишат тие феномени. Па така, често се применуваат принципи на аналогија. Преку нив државите или меѓународните организации се обидуваат да ги декриминализираат или санкционираат ваквите појави.

„Не ги разгледуваме само техничките, туку и правните, стратешко-безбедносните и социолошките аспекти. Дискутиравме за начинот на хакирање, за пробивање и злоупотреба на сајбер просторот. Беше обработен моделот на Обединетите нации којшто објаснува, како и на кој начин терористите можат да го користат сајбер просторот за радикализацијата, за обуки, меѓусебна соработка и мобилизација на луѓе во своите редови. Засега терминот сајбер тероризам сѐуште не е едногласно усвоен, бидејќи такво нешто уште не постои. Но, сите се сложуваат дека терористите во светот на големо го користат сајбер просторот како своја алатка за здружување и стратешко-безбедносно лесно функционирање,“ вели за Дојче веле Методи Хаџи-Јанев продекан на Воената академија „Генерал Михајло Апостолски“ од Скопје.

Македонија не е на удар на интернет напади на терористите

Од стратешко-безбедносен аспект, интернет просторот претставува сериозен канал за мултиплицирање на ефектот којшто терористите го постигнуваат. Со малку средства без патувања, без ризици да бидат фатени од граничните служби терористите комуницираат меѓу себе и успеваат да мобилизираат млади корисници кои влегуваат во мрежите, кои тие ги создаваат. На тој начин заканата од терористите преку сајбер просторот станува сѐ поевидентна, се слушна на школата.

Konferenz zur Cybersicherheit in Ohrid
Методи Хаџи-ЈаневФотографија: DW/M.Jovanoski

Според Хаџи-Јанев Република Македонија не е имуна на заканите од тероризмот, ниту од тоа како интернет просторот се користи од терористите. „Во 2010 година видовме песни на Youtube кои го величеа и повикуваа на идентификација со Осама Бин Ладен. Постојат страници кои зрачат на овој простор, но не од Македонија, туку од други држави кои всушност се евидентирани како страници преку кои се разменуваат џихадистички пораки. Се претпоставува дека постојат и одредени затворени форуми на интернет преку кои се делат искуства и лекции како да се регрутираат нови лица. За среќа Македонија сѐуште не е на приоритетната листа на напади на терористиите и можеби тоа е добро, но она што треба да се има во предвид, а мислам дека власта за сега добро го менаџира е фактот дека со самото инволвирање на Македонија во сајбер просторот и идејата државата со целиот капацитет да го спроведе проектот 'е - Влада' јасно е дека ќе растат и заканите. Тоа автоматски ќе бара поголем фокус на превенирање и следење на современите трендови за намалување на ризиците откако нападот ќе биде присутен,“ потенцира Хаџи-Јанев.

Македонија ќе добие нов Институт

Konferenz zur Cybersicherheit in Ohrid
Ненси Хјустон, консултант од САДФотографија: DW/M.Jovanoski

Ненси Хјустон, консултант од САД за информациски системи и човечко однесување смета дека: „Основите на интернет одбраната зависат од луѓето од тоа колку меѓусебно се разбираат, од нивната работа, соработка и од размената на информации. Ако е така, тогаш не би било проблем да се реши и тешката материја, како што е сајбер одбраната.“

Стујард Мекдонал од Универзитетот Свонси во САД вели: „Важно е да разговараме за тоа како да одговориме на терористичките закани кои се сѐ погласни и да ги идентификуваме начините за справување и заеднички да одговориме на предизвикот. Слабостите треба да ги надминеме со широка меѓународна соработка.“

Македонија догодина ќе добие Институт кој ќе едуцира кадар за сајбер безбедност и дигитална форензика, а наскоро на Воената академија ќе стартуваат и постдипломски студии од оваа област.

На школата во Охрид учествуваа 70 лица од кои и над 20 меѓународни експерти, а беше спонзорирана од програмата на НАТО за наука и безбедност во соработка со Центарот на НАТО за борба против тероризмот од Анкара,Турција.