Како да згрижите 23 пациенти за 15 минути? | Економија | DW | 30.07.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Економија

Како да згрижите 23 пациенти за 15 минути?

Германското население сѐ повеќе старее. Поради ова расте и бројот на луѓето на кои им е потребна нега. ДВ ги придружуваше негувателите Олег и Валентина еден ден на работа во болница.

„110 со 70. Притисокот ви е нормален и тоа е добро. Како сте денес?" На медицинската сестра Валентина Б. утрово не ѝ останува многу време за вакви разговори. Откако ги запиша резултатите од мерењето притисок, веќе брза кај следниот пациент. „Денес имаме 23 пациенти кај кои мора да направиме рутинска проверка пред да започне визитата на лекарите во осум часот. Поради тоа некогаш не останува време да поразговараме со пациентите", вели таа пред да ѝ ја смени инфузијата на една пациентка.

Во работата ѝ помага колегата Олег Буш. Тој има 48 години и е раководител на Одделот за општа хирургија во клиниката Хелиос во Зигбург. Какп негувател во болница тој работи повеќе од 20 години. Вели дека многу си ја сака работата, и покрај константниот стрес којшто го има не само на неговиот оддел, туку и во многу други болници низ Германија.

Deutschland, Pflegenotstand, Helioskrankenhaus, allgemeinchirurgische Station (DW/T.Sostmann)

Валентина Б.: Некогаш не останува време да поразговараме со пациентите

Малку персонал, многу пациенти

Недостатокот од персонал за нега на пациенти е забележлив на национално ниво. Многу болници се преоптоварени. Медицинскиот персонал и негувателите се жалат дека не можат соодветно да се грижат за пациентите поради недостаток на персонал. Околу еден милион Германци во моментов работат како негуватели. Според проценките, до 2060 година се очекува да бидат потребни 3 милиони лица кои ќе го работат ова. Од друга страна, расте и бројот на лицата на кои им е потребна нега. До крајот на 2015 година во Германија имаше 2,9 милиони лица на кои им е потребна нега, а се очекува до 2030 овој број да се искачи на 4,1 милион лица.

Висока бројка со која земјата не може едноставно да се справи, вели Буш додека им го служи појадокот на пациентите. „Во принцип, во прва смена треба да сме тројца, но денес сме двајца. И тоа не е дека некој одмара, туку нема вработен персонал кој би можел да дојде на смена." За негувателите најважно е пациентите да бидат задоволни од негата што ја добиваат. Понекогаш мораш да се откажеш од сопствените потреби, вели Буш за ДВ. Често не стигнуваат да јадат, ниту да појдат до тоалет. Но проблемот е што и други работи се занемарени: „Бидејќи негата на пациентите ни е приоритет, често нема време за да се среди нивната документација", додава медицинската сестра Валентина додека дели кафе.

Deutschland, Pflegenotstand, Helioskrankenhaus, allgemeinchirurgische Station (DW/T.Sostmann)

Олег Буш: Негувателите често не стигнуваат да јадат

Прв чекор: „Концентрирана болничка нега“

Неодамна германскиот министер за здравство Јенс Шпан (ЦДУ) во сорабока со министерката за семејство Франциска Гифај и министерот за труд Хубертус Хајл (и двајцата од СПД) го промовираа планот „Концентрирана болничка нега". Соодветно на планот, во иднина секое ново работно место во болниците треба да биде финансирано од здравствените фондови. Шпан смета на прилив на негуватели од странство.

Тоа се само делчиња од мозаикот со кој се ублажува постоечкиот проблем, вели Кристина Кернер, директорка на школата за обука на негуватели „Јоханитер Билдунгс-ГмбХ“ во Бон. Оваа школувана медицинска сестра многу добро ја познава ситуацијата со негувателите во земјата. Состојбата е многу влошена, бидејќи има недостаток на персонал. „Потребите на пациентите се сѐ поголеми, тоа можам да го потврдам од моето 20-годишно работно искуство", објаснува Кернер. Негувателите од странство, според неа, се проблематично решение на долг рок. Луѓето кои доаѓаат од други култури мора да се интегрираат, а нам ни се потребни стабилни тимови, вели таа. Болниците пак сега тешко дека можат да се вложат и во процесот на нивно интегрирање.

Deutschland, Pflegenotstand, Helioskrankenhaus, allgemeinchirurgische Station (DW/T.Sostmann)

Кристина Кернер, наспроти сѐ, гледа иднина за оваа професија

Расте незадоволството кај негувателите поради прекумерната работа

И покрај напрегнатата ситуација, Олег Буш секој ден со радост доаѓа на работа. „Радо работам со луѓе и секогаш сум тука за нив. Притоа човек заборава на непријатностите или проблемите." Тој оваа професија им ја препорачува само на оние кои се навистина заинтересирани да работат со луѓе и кои не мислат на добра плата. „Ако некој каже дека сака да работи како негувател затоа што сака да заработи добро, тогаш е на погрешно место. За луѓето кои сакаат да го работат ова и радо го прават, секогаш има иднина“, вели негувателот, додека ја подготвува документацијата со резултати на пациентот пред да дојдат лекарите во визита. Некои пациенти треба денес да се оперираат за што треба уште еднаш да се консултираат со лекарите за време на визитата.

Повеќе: 

Сѐ повеќе Балканци работат како негуватели во Германија

Германија: Увозот на негуватели од странство не го решава проблемот

И Кристина Кернер гледа иднина за оваа професија. По завршувањето на стручното образование како негувателка, таа завршила и дополнителен професионален курс во здравство и заштита и од 2016 година е член на Сојузниот извршен одбор на Германската асоцијација на професионални медицински сестри. „Според мое мислење, оваа професија е речиси предодредена за натамошно развивање - има многу студиски програми, или постквалификации, како и основни курсеви за обука“, вели таа за ДВ.

Најважно е да се создадат соодветни регулативи за болничка нега, со цел оваа професија повторно да стане атрактивна. „Толку сме соживеани во работата со болничката нега, што често си мислиме, 'како-така ќе функционира'.“ Но, расте незадоволството поради сѐ поголемиот обем на работа. „Можеби сега е добро време новата влада да ја отвори оваа тема и за неа да се дискутира во јавноста.“

Deutschland, Pflegenotstand, Helioskrankenhaus, allgemeinchirurgische Station (DW/T.Sostmann)

Професијата негувател мора повторно да стане атрактивна, велат експертите

Потребна е подобра регулатива

На Олег Буш му завршува смената за денес. Буш се подготвува да му ја предаде на колегата кој е во ноќната смена. Му ги раскажува сите детали за пациентите. За него е важно секој ден да си замине од работа со добро чувство, но тоа некогаш е тешко, бидејќи не му успева секогаш да си ги заврши сите обврски, поради што останува и прекувремено. „Мора да се подобри регулативата. Ако има доволно персонал, тогаш работата ќе се извршува поинаку.“ Тој ги затвора досиејата на пациентите, се поздравува со колегите и вели: „Тука секогаш се работи за човечки животи. Мораме да им пружиме добра и професионална нега."

DW.COM

Реклама