1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Gordana Jankuloska
Фотографија: MIA

Казната како поука

Катерина Блажевска
29 септември 2020

Поуката не е само за функционери од поранешната власт кои се соочуваат со судски процеси. Поуката е и за сите актуелни избрани и именувани функционери. Коментар на Катерина Блажевска

https://www.dw.com/mk/%D0%BA%D0%B0%D0%B7%D0%BD%D0%B0%D1%82%D0%B0-%D0%BA%D0%B0%D0%BA%D0%BE-%D0%BF%D0%BE%D1%83%D0%BA%D0%B0/a-55088067

„Бивш министер од Скопје влезе зад решетки“. „На робија заради купување блиндирана ‘мечка’“... Oва се само дел од медиумските наслови во регионот, кои информираат за вчерашното спроведување на поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, на издржување 4-годишна казна затвор за случајот „Тенк“. Во некои од медиумите се потенцира дека таа се соочува и со судски процеси за други дела, но дека ги исцрпела сите правни можности за одложување на казната за „Тенк“. Потсетуваат дека „мерцедост“ бил купен по барање на тогашниот премиер Никола Груевски, кој е осуден на две години затвор за истиот случај, но во моментов се „радува на гостопримството на Унгарија, откако избегал од земјата“.

Снимката од спроведување на Јанкулоска во кругот на затворот, во домашната јавност предизвика бројни реакции - дел навредливи и цинични, дел сочувствителни, дел со обвинувања за политички реваншизам, а некои со оценка дека се покажала како поголем „маж“ од премиерот, затоа што не избегала, туку се соочила со правдата.

Mazedonische Innenministerin Gordana Jankuloska
Фотографија: MIA

Домашните реакции главно на социјалните мрежи, најмалку се однесуваат за случајот „Тенк“, за кој е осудена Јанкулоска. Со оглед дека таа е првата личност од владиниот тим и од најблиското партиско опкружување на Груевски која завршува зад решетки, реакциите во најголема мера се катарзичен излив на она што го слушнаа од Јанкулоска во „бомбите“: реваншистички најави („Ќе ги сотреме“, „На клоци ќе летаат од работа“), за свесно маскирање на непостоењето граница меѓу партијата и државата („МВРО - ВМРО“), за помирувањето со (не)професионалните стандарди („вагабонти работат во МВР“), па се до сугестии до Одделот за внатрешна контрола „тие да бидат прогласени за чисти“.

Повеќе:

-Ударот на чеканот (судскиот)

-Врховниот суд ги потврдил пресудите на Груевски и Јанкулоска за „Тенк“

-„Тенкот“ на Груевски ја чинеше Јанкулоска шест години затвор

Реакциите се претежно насочени кон епилозите од лажен легализам, спротивен на нејзините јавни министерски изјави, кои секогаш започнуваа со истата фраза: „Во согласност со Уставот и законите...“

Јанкулоска 12 години извршуваше јавна функција, а дури 9 години помина на позицијата министер за внатрешни работи: од 27-ми август 2006 година се до 12-ти мај 2015 година, кога си поднесе оставка на функцијата поради „Кумановските настани“. Нејзиниот министерски стаж траеше речиси и колку владејачка деценија на ВМРО-ДПМНЕ.

Во едно интервју, запрашана дали се плаши од одмазда, со оглед дека во нејзиниот мандат многу лица завршиле во затвор, таа изјави:

„Политичката филозифија што ја промовираме од првиот момент е прцизна: бескомпромисна и неселективна борба со криминалот. Тоа носи и ризици. Свесна сум за тоа, но со стравот расчистив уште во 2006 година кога го прифатив предизвикот. Кога постапувате принципиелно и без претходни калкулации, а законот и мнозинството се на ваша страна, тоа е доволно за да биде спокојни и за време на мандатот, и кога тој ќе заврши“, изјави Јанкулоска.

Дали навистина законот бил на нејзина страна заедно со „мнозинството“ (што и да значи тоа), или и пресудила послушноста кон налозите од врвот на партијата, ќе биде клучно и за другите процеси во кои таа се товари за злоупотреба на службената положба. Засега нејзиното визионерство се совпадна со една од нејзините изјави слушнати во „бомбите“: „Ама ние стварно сите ќе завршиме во затвор вака како што сме тргнале...“

Поуката не е само за функционери од поранешната власт кои се соочуваат со судски процеси. Поуката е и за сите актуелни избрани и именувани функционери, ако понесени од политичка моќ, од партиски или лични интереси ја преминат црвената линија, бидејќи „мечката“ што денес игра пред една врата, утре ќе заигра и пред друга.     

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Македонија знаме

Македонскиот руски круг

Mazedonien Ljupco Popovski
Љупчо Поповски
Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми

Врати се на почетната страница