Каде се грешките во германската корона-политика? | Информации и анализи за Германија | DW | 20.11.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Германија

Каде се грешките во германската корона-политика?

Додека Германија е среде четвртиот бран од пандемијата, се вжештува дебатата околу грешките во корона-политиката. Се слушаат ли доволно препораките од научниците? Прашање со кое се занимава и сојузниот претседател.

Дали политичарите во Германија доволно ја слушаат науката во справувањето со пандемијата?

Дали политичарите во Германија доволно ја слушаат науката во справувањето со пандемијата?

Бројот на новозаразени со коронавирусот во Германија е константно висок – седумневната инциденца во земјата секојдневно достигнува нови рекорди. Во четвртиот бран од пандемијата се зголемува и притисокот врз политиката да донесе брзи и вистински решенија.

Истовремено три партии се подготвуваат за преземање на власта -  новата „семафор“ коалиција на СПД, Зелените и Либералите. Тие сакаат повторно Бундестагот да носи што повеќе одлуки. Тие поднесоа нова регулатива за пандемијата која потоа повторно беше преработена и сега ќе биде ставена на гласање. Во принцип ова е нормално парламентарно секојдневие. Но, во пандемијата курсот за корона мерките во основа ги носеа првите луѓе на покраините заедно со канцеларката Ангела Меркел. Главното тело се вика Конференција на премиерите (МПК), кое повторно треба да се состане неделава. Бундестагот или покраинските премиери? Кој може да донесе подобри и побрзи решенија? Дебатата околу ова прашање во земјата се вжештува.

Каде згрешија политичарите?

Кај германскиот претседател Франк Валтер Штајнмаер се зборуваше на оваа тема неделава на една јавна дебата. Поттикнување на политички дебати за општествено важни теми е и една од неговите задачи како шеф на државата.

Гледај видео 01:27

Бројките на заразени растат, откажан божиќниот панаѓур во Минхен

Она што звучеше многу академски, се разви во интересна потрага по одговори на едно прашање за кое во моментов не размислува само претседателот Франк – Валтер Штајнмаер. „Зошто во Германија има многу повеќе луѓе отколку во другите европски земји со кои треба да се влезе во костец?“ Штајнмаер алудираше на оние кои до сега не се решиле да се вакцинираат против Ковид-19.  Каде погрешија политиката и науката?

Вакцинацијата стана политички став

Пандемијата беше и сѐ уште е многу поврзана со политичката  комуникација. Колку може да се влоши ситуацијата? Што може да се преземе? Во една федерално организирана земја како Германија тешко се артикулираат едногласни политички ставови, бидејќи задачите се поделени помеѓу сојузната власт, покраините и општините. Една од поголемите критики е дека поради тоа има крпеници од мерки и правила во однос на короната.

Повеќе: Ковид-кризата ја труе општествената клима

Но, ова не е задоволителен одговор е заклучокот од дебатата во замокот Белви во Берлин, седиштето на претседателот. Научните елементи во пандемијата се политизирале, смета претседателката на германскиот Сојуз на етика, Алена Букс – и тоа во обем како во ниедна друга земја. Поизразена е таа појава само во САД каде носењето маска е декларирање политички став.

Во Германија одлуката дали некој ќе се вакцинира или не е испреплетена со општото прашање за доверба во политичките институции, анализира Букс. И во Португалија, земја со многу повисока квота на вакцинирани, има луѓе кои немаат доверба во политиката, па сепак не го доведуваат тоа во корелација со одлуката дали ќе примат вакцина или не.

Португалија исто како и Шпанија или Италија им припаѓа на земјите кои беа најмногу погодени во претходните бранови на пандемијата со огромен број заболени и починати. Ужасот од пандемијата беше видлив на секое ќоше поради што многумина без двоумење решија да се вакцинираат. Наспроти ова, во земјите од германско говорно подрачје, во Австрија и делови на Швајцарија, исто како и во Германија има многу пониска стапка на вакцинирани.

Границите на науката мора да бидат транспарентни

Зошто се губи довербата? Веројатно бидејќи многу малку се зборува за границите на науката. „Пандемијата нѐ научи дека носителите на политички одлуки зависат од советите од науката, но дека политичките одлуки не се носат на научна основа,“ вели Штајнмаер.

Науката постои „само во множина“. Таа не произведува „апсолутна вистина“, туку „ука со резерва дека утре можеби ќе се знае повеќе.“

Многу е важно овој принцип да биде јасно нагласен во политичката дебата, смета и експертот по право и администрација Лаура Минклер – дури и ако тоа создаде несигурност, како што вели. Експертските спорови во една дисциплина се нормални. Научните трудови оперираат со „изоставање на одредени фактори и анализа фокусирана на конкретно прашање.“

Опасност од популисти и технократи

Значи сосем е погрешно криење зад науката или научните заклучоци да се претставуваат како апсолутна вистина. Германскиот претседател предупреди дека може да има лоши последици ако интеракцијата меѓу политиката и науката е неурамнотежена. Тоа според него се го покажуваат популистите и технократите.

„Додека едните инсистираат на авторитарно лидерство, другите сакаат да ја направат политиката обичен извршен орган на наводно недвосмислена научна вистина, со цел брзо и бескомпромисно да реагираат на големи проблеми како што се пандемијата или климатската политика.“

Иако популистите и технократите доста се разликуваат, сојузниот претседател смета дека „се чини оти и едните и другите ја сметаат борбата за компромиси и мнозинството во институциите на едно демократско уредување како слабост“.

Прва адреса за научни експерти: Националната академија на науки Леополдина.

Прва адреса за научни експерти: Националната академија на науки Леополдина.

Различни мислења се добри

Но, не е проблемот само во тоа што науката може да згреши. Друг предизвик е што има толку многу различни дисциплини. Минклер укажува дека справувањето со плуралитетот може да биде незгодно. На почетокот на пандемијата со особено внимание се следеа виролозите и епидемиолозите, рече таа. Како резултат на тоа, се превиде што на пример значи затворање на училиштата за други области како што е педагогијата. Дали Пандемиски совет  би бил соодветен начин да се избегне едностраноста? Ова во моментов го бараат голем број научници. Минклер е скептична бидејќи ова тело ќе добие централно значење, додека во земјата има широк истражувачки пејзаж и многу научни институции: на универзитетите, на институтите и научните академии како што е Леополдина, а во некои случаи и кај самите власти. За време на пандемијата, различни корисни совети произлегоа од различни места.

Накратко, лекцијата за политиката гласи: Повеќе храброст да се биде потранспарентен за границите и разноликоста на науката. Ако недостасува храброст, постои ризик од лоши влијанија и критика: политичарите премногу да слушаат одредени експерти или, како што рече Минклер, да се повикуваат на експерти „кои ќе го суфлираат она што тие би сакале да го чујат.

Поврзана содржина