Каде е всушност Хилари Клинтон? | Свет | DW | 10.06.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Каде е всушност Хилари Клинтон?

По претседателските избори во САД, Хилари Клинтон во најголем дел се повлече од јавноста. Но сега оваа демократка се враќа. Основа нова политичка организација и сака да му го отежне животот на Доналд Трамп.

На 8. ноември на Хилари Клинтон ѝ се урна светот. Се оствари сето она што за неа и за многу други беше несфатливо: претседателската кандидатка на демократите загуби на изборите, а нејзиниот конкурент Доналд Трамп победи. Клинтон по изборите молчеше цел ден, а потоа следуваше збогување со нејзиниот сон. „Резултатот мораме да го прифатиме и да гледаме кон иднината. Доналд Трамп ќе биде наш претседател. Му должиме искреност и му даваме шанса да ја води државата“. рече Клинтон.

Повторно „граѓанка, активист и дел од отпорот“

Сега Хилари Клинтон е приватно лице. Исчезна од јавноста. Само два дена по изборите можеше да се види во шума за време на прошетка со сопругот и кучето. Една фотографија на која со Хилари Клинтон се гледаат и една млада жена и нејзината ќерка стигна на насловните страници. Потоа- молк. Единствено уште кус поздрав за Денот на благодарноста и за Божиќ преку Твитер. За време на инаугурацијата на Доналд Трамп неподвижна седи на трибината. Ден подоцна милиони жени во рамки на Женскиот марш излегоа на улиците. Изгледа дека тоа беше аларм што ја разбуди Хилари Клинтон од нејзината неподвижност. Децидно се изјасни против Трамповата забрана ѐа влез во САД за граѓаните од неколку мнозинско муслимански земји. Следуваа првите настапи. Хумористично порачува дека е "out of the woods“, оти буквално “излегла од шумата“. Си земала време за да може да размисли како натаму, вели. Но Трамп и неговата политика не ѝ дозволуваат да молчи. Почнува да пишува книга за својата изборна кампања. Болен процес, признава. Но, нејзината нова улога 6 месеци по изборите е за неа јасна: „Јас сум сега повторно граѓанка, активист и дел од отпорот“.

Washington Senat Aussage FBI Director James Comey (Reuters/K. Lamarque)

Поранешниот директор на ФБИ, Џајмс Коми

Сѐ уште верува дека истрагите за скандалот со нејзината приватна електронска пошта се одговорни за нејзиниот пораз. Неколку дена пред изборите тогашниот шеф на ФБИ, Џејмс Коми во едно писмо најави оти повторно ќе започне со истрага во рамките на тој случај, а само неколку дена подоцна рече дека нема причина за покренување обвинение. За Клинтон е јасно кој носи одговорност за тоа што таа денес не седи во Белата куќа: „Бев на пат до победа сѐ додека Коми не го напиша своето писмо и не дојде до објавување на рускиот Викиликс. Луѓето кои сакаа да гласаат за мене беа заплашени.“

Нова политичка организација

Но, дека ни таа самата не сфати какво расположение владее во САД- тоа не е дел од објаснувањето на Клинтон. Тоа е очигледно дел од нејзината приказна кој никогаш нема да го прифати ни да го сфати. Што би било кога би било- тие сценарија секогаш одново ги играат главно противниците на Трамп. И дури комичарите како Тревор Н. копнеат за Хилари, иако Трамп всушност секојдневно им дава поводи за нови вицови со кои тие потоа ја забавуваат својата публика. „Беше навистина освежувачки да се слушне еден политичар кој кажува цели реченици. Никаде го нема зборот 'great' (големо), никаде предимензионирани гестикулации. Воопшто не знаев дека ми недостасуваат реченици со почеток, средина и крај“, вели Н осврнувајќи се на реторичките способности на Хилари Клинтон во споредба со оние на Доналд Трамп.

Во средината на мај, Хилари Клинтон конечно се врати на сцената. Ја основа новата политичка организација „Onward together". Сака да го поддржи граѓанскиот ангажман и организациите кои му пружаат отпор на Трамп и бараат политички ангажман. Добро е што се држи во заднина, што ги пушта другите да работат и ги поддржува. Ако во иднина не сака да застане на патот, тогаш Клинтон мора во голем дел да се држи подалеку од рефлекторите на јавноста. За многумина таа е минато. Но, таа сепак го кажува она што на милиони Американци им лежи на душа и ги повикува да пружат отпор, издржат и да се ангажираат.

 

DW.COM

Реклама