И други затвореници бараат амнестија | Северна Македонија | DW | 27.11.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

И други затвореници бараат амнестија

Разговорите за амнестија на дел од обвинетите за 27. април ги активираа и осудениците во повеќе затвори во земјата. И тие бараат амнестија, го потсетуваат премиерот на изјавата дека „затворите се преполни со невини луѓе“

Течат финалните подготовки и правни консултации на осумте пратеници од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, кои утре треба да понудат предлог решение за амнестија на лицата што не извршиле никакво насилство на 27-ми април 2017 година. Токму за таа цел својот прв состанок утре ќе го одржи собраниското координативно тело за помирување и интеграција. Како што информираат од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, на седницата ќе се разговара за предлогот, но преамбициозно е да се очекува дека истиот ден ќе биде и финализиран предлог-закон. Деновиве тие се во интензивни разговори и консултации со правни експерти, а се разгледуваат повеќе опции, меѓу кои и барање еден вид преквалификација на делото за дел од обвинетите кои не учествувале во насилствата.

Работата на собраниското тело воопшто нема да биде лесна во обидот да направи правна селекција на оние кои треба да бидат амнестирани, и оние кои треба да одговараат за насилство или за командна одговорност во неговото неспречување. Дилемите се јасни: како да биде задоволена правдата, а тоа да се направи без притисок врз Обвинителството и без да произведе правни преседани и други последици.

Mazedonien Parlament (picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski)

Мнозинството пратеници не го прифати предлог- законот за амнестија за сите учесници во „крвавиот четврток“, предложен од ВМРО-ДПМНЕ

Отпадна целосната амнестија

Ова прашање особено се наметнува откако вчера мнозинството пратеници во Собранието не го прифати предлог- законот за амнестија за сите учесници во „крвавиот четврток“, предложен од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Со 25 гласа „за“ и 59 „против“, таквиот предлог-закон беше отфрлен. Од ВМРО-ДПМНЕ образложија дека единствено целосната амнестија за сите учесници во настаните од 27 -ми април ќе доведе до национално помирување, а не селективно помирување како што сака да направи мнозинството преку  собраниското тело за помирување.

Од мнозинството не ги прифаќаат ваквите образложенија.

„Ставот на пратениците од СДСМ е јасен: одговорност за насилството на 27-ми април мора да има. Не смее и не може да има амнестија за оние што планирале, нарачале и извршиле насилство на 27-ми април“,  реплицираше Костадин Костадинов од СДСМ.

Координативното тело кое го предводат потпретседателката на Собранието, Фросина Ташевска Ременски и Емилија Александрова од независната пратеничка група брои 25 членови, меѓу кои се потпретседателите на Собранието, координаторите на пратеничките групи со исклучок на ВМРО-ДПМНЕ, независни пратеници и партии кои немаат пратенички групи. ВМРО-ДПМНЕ отворено ја бојкотира работата на телото за помирување.

Годишнина од приведувањата за 27-ми април

И додека осумте независни пратеници подготвуваат предлог за амнестија на сите што не учествувале во насилствата на 27-ми април, и партијата која нив неодамна ги исклучи од членство, прави последни подготовки за утрешниот протест. Како формален повод за протестот ја наведуваат „ годишнината од приведувањето на невини патриоти и родољуби кои на 27-ми април се нашле во Собранието на Република Македонија од патриотски побуди“.

„Невини патриоти понесени од патриотски причини и побуди, актери, глумци, оперски пејачи, режисери, уметници, пратеници, полициски службеници кои си ја извршувале професионално својата должност и сите останати граѓани година и пол го трпат изживувањето од страна на СДСМ дека организирале измислен тероризам. Овие луѓе имаат единствен грев, а тоа е што си ја сакаат државата“, соопшти партијата.

Поради тоа, утре, на 28-ми ноември,  организираат протест кој ќе започне во 17 часот на плоштадот ВМРО, а ќе заврши пред Владата.

„Ги повикуваме сите граѓани да ни се придружат да застанеме на патот на оваа антинародна и криминална влада предводена од СДСМ. Ги повикуваме сите граѓани кои се револтирани и обесправени од СДСМ, сите кои се чувствуваат измамени или се на личен удар од страна на актуелната власт, да ни се придружат во среда и во периодот кој следи, се до конечно рушење на оваа ненародна власт која ја зацрни судбината на граѓаните“, повика опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

И затворениците со барања

Но, приказната не се врти само околку инволвираните во „крвавиот четврток“. Зборот „амнестија“ ги активираше осудениците во повеќе затвори во земјата.  „Доколку ги помилувате луѓето кои се обидоа да ги убијат претставниците на повеќе од 500 илјади граѓани, тогаш зошто да не нѐ помилувате и нас...“ Вакво прашање деновиве му упатија на премиерот Заев затвореници од затворот во Идризово.

„Сигурни сме дека и Вие самите ја знаете состојбата на затворите во земјата. Сведоци сте на тоа како следеа 'казните со препорака' од претходната власт (...) Базирајќи се на вашите предизборни изјави дека 'затворите се преполни со невини луѓе', а кои произлегуваат од прислушуваните разговори на претходната власт, бараме целосна амнестија“, пишуваат затворениците.

Тие бараат во судовите да се формира посебна канцеларија каде ќе може да бараат разгледување на предметите - обвинението и казните. Тврдат дека нивните барања се поддржани од над 500 семејства, како и од затворениците од другите затвори. Освен од премиерот, тие бараат помош и од претседателот на Собранието, Министерството за правда и меѓународните организации.

 

DW.COM

Реклама