Истражување: Вакцините на Фајзер и Синовак најдобро ги штителе македонските граѓани од Ковид-19 | Северна Македонија | DW | 02.12.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Истражување: Вакцините на Фајзер и Синовак најдобро ги штителе македонските граѓани од Ковид-19

Потребни се најмалку две дози за заштита од вирусот, покажува најновото истражување на Министерстото за здравство. Истражување покажува дека просечната возраст на починатите од Ковид-19 била 70 години.

Вакцините против Ковид-19 се високо ефективни и во македонската популација во спречување тешка болест и смрт од вирусот. Вакцините од различните производители немаат големи разлики во нивната ефективност во спречување смрт од Ковид, но имаа разлики во спречување хоспитализација од болеста. Една доза вакцина против Ковид-19 е недоволна за спречување тешки исходи од болеста и ја истакнува важноста да се примат најмалку две дози вакцина. Ова го покажува анализата од истражувањето на вакциналната ефективност во македонската популација која што ја објави Министерството за здравство. 

Вкупно 1.886.124 граѓани на возраст од 11 години и постари се вклучени во анализата, вклучувајќи 779.558 вакцинирани испитаници кои примиле барем една доза вакцина и 1.106.566 невакцинирани испитаници. Од популацијата на која им е понудена вакцината (11 години и постари), во дадениот период 41,33% биле вакцинирани со барем една доза, од кои повеќето (37,78%) биле целосно вакцинирани со две дози. Најголем дел од испитаниците ја примиле вакцината на Фајзер и на Синовак.  

Најефикасна Фајзер, по неа е Синовак 

„Две дози од Ковид-19 вакцината на Фајзер покажа највисока ефективност во спречување хоспитализација, следена од вакцината АстраЗенека и Синовак, сите со ефективност над 92%. Вакцините  на Синофарм и Gam-COVID-Vac (производител Gamaleya Institute) покажаа послаба ефективност во спречување хоспитализација од претходните три вакцини, но сѐ уште имаа висока ефективност, над 80%“, се наведува во анализата. 

Сите вакцини покажале висока ефективност, над 91%, во спречување смрт од Ковид-19.  

Најмладиот починат има 15, најстариот 99 години 

Истражување покажува дека просечната возраст на починатрите од Ковид-19 изнесувала 70 години, половина од умрените биле под 71 година, најмладиот починат бил на 15 години, а најстариот на 99 години. Ефективност на вакцините во спречувањето хоспитализација и смрт од Ковид-19 кај македонската популација покажа дека постарата возраст и машкиот пол значително ја намалуваа ефективноста на вакцините, при што граѓаните на возраст од 65 и повеќе години имаа околу 76% поголем ризик да бидат хоспитализирани од оние под 65 години, а мажите имаа околу 23% поголем ризик од хоспитализација од жените. 

Истражувањето го предводи д-р Харис Бабачиќ, магистер по епидемиологија и докторанд-истражувач на Институтот Каролинска (Стокхолм, Шведска), во соработка со Жаклина Чагороска од Управата за електронско здравство при Министерството за здравство на Република Северна Македонија. Истражувањето е на доброволна основа, истражувачите немаат конфликт на интереси и немаат примено финансиски надомест за истражувањето. 

DW.COM