1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Истрага Груевски: Резултати во наредните две недели

12 декември 2018

Македонското јавно обвинителство очекува во наредните две недели да обидат објавени првите резултати од истрагата за бегството на поранешниот премиер Никола Груевски во Унгарија.

https://p.dw.com/p/39wlH
Transparent mit dem Bild von Nikola Gruevski
Фотографија: Hungarian Democratic Coalition

Македонската обвинителка за организиран криминал Вилма Рускоска денеска на прес-конференција изјави дека прегледувањето на снимките кои ги има ОЈО е пред крај и оти очекува во наредните две недели Обвинителството да излезе со соопштение за резултатите во предистражната постапка за бегството на  поренешниот премиер и за тоа како ја напуштил земјата. 

Рускоска рече дека од колегите од Црна Гора добила информација оти се обезбедени снимки проврзани со бегството на Груевски и дека наредната недела претставник на Обвинителството ќе отиде да ги земе материјалите, додавајќи оти и од Албанија е побарано најбрзо да им се достават материјалите со кои располагаат.

Staatsanwaltschaft in Skopje
Фотографија: DW/Katerina Blazevska

Поранешниот македонски премиер, кој е осуден на две години затвор и против кого се водат неколку судски постапки, побегна на 11 ноември и, преку Албанија, Црна Гора и Србија со помош на унгарски дипломати, стигна во Унгарија, каде експресно доби политички азил.

Повеќе: 

-Груевски во Будимпешта: Шета, џогира и бара апартман

-Сијарто: Лага е дека сме му помогнале на Груевски да побегне од Македонија

Обвинителите, како што наведе Рускоска, ги продолжуваат разговорите со сите за кои сметаат дека можат да дадат информации за бегството на Груевски.

По повод фотографијата на поранешниот премиер како се шета во Будимпешта, која вчера се појави во медиумите, Рускоска рече оти обвинителите „веројатно ќе видат од каде потекнува и кој ја сликал“.

Македонските власти по Груевски распишаа меѓународна потерница и од унгарските власти побараа да го екстрадираат во земјата, но до денеска не добија никаков официјален договор.

„Сѐ уште не сме добиле ништо од Унгарија по повод нашето барање за екстрадиција. Сепак, оние пристојни рокови сѐ уште не се поминати. Ќе чекаме уште одредено време и ако ни тогаш не добиеме одговор, тогаш ќе ургираме“, изјави денеска министерката за правда Рената Дескоска.