1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Историски ден за односите меѓу Скопје и Софија

1 август 2017

Премиерите Заев и Борисов ќе потпишат Договор за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Македонија и Бугарија. Владата на СДСМ во чинот гледа прозорец за европски перспективи, а опозицијата - капитулантски договор

https://p.dw.com/p/2hTgs
Bulgarien Mazedonien Zaev bei Borissow in Sofia
Фотографија: Reuters/S. Nenov

Со највисоки државни и воени почести денеска напладне на платото пред Владата на Република Македонија ќе биде пречекан премиерот Бојко Борисов и членовите на државна делегација на Република Бугарија. Од вчера улицата пред зградата на Владата е затворена за сообраќај и со мерки за обезбедувања. Со интонирање на државните химни на двете земји, со поздрав на знамето на Република Македонија и со обиколка на почесната воена гардиска единица, ќе започне историската средба на двајцата премиери, кои денеска во 13 часот и 35 минути на посебна церемонија ќе го потпишат Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија. Договорот ќе биде потпишан на официјалните јазици на договорените страни- македонски јазик согласно Уставот, и бугарски јазик согласно бугарскиот Устав, и двата текста ќе имаат еднаква важност. На Договорот ќе стојат потписите на премиерите Заев и Борисов, а по неговото потпишување тие ќе дадат изјави за медиумите во свечената сала на Владата.

ВМРО-ДПМНЕ: Капитулантски договор

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ остро се противи на Договорот, обвинувајќи ја Владата дека до денот на неговото потпишување не вложила напори да се променат спорни делови кои можат да нанесат долгорочни штети за државните и националните интереси на Македонија, македонскиот народ, јазик и историја. Поради овие причини, пред два дена Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ заклучил дека и покрај големата желба и искрена волја, партијата нема да биде во можност да даде поддршка на овој договор во парламентот.

„Со сегашните одредби на овој договор, можеби не веднаш, но по една и повеќе години од неговото потпишување, Македонија ќе се соочи со сериозни проблеми, чие решавање ќе биде на нејзина штета. ВМРО-ДПМНЕ под вакви услови не сака да ја споделува одговорноста која СДСМ ќе ја има пред граѓаните на Република Македонија. ВМРО-ДПМНЕ жали што двете преговарачки страни одлучија набрзина да се склучи овој договор, без инклузивност на сите политички фактори и стручната фела и неземајќи ја предвид волјата на македонскиот народ, а со тоа ставајќи ја ВМРО-ДПМНЕ во позиција да не го поддржи договорот“, соопшти партијата.

Против потпишувањето на Договорот синоќа пред Владата протестираа десетина членови на новоформираното здружение „Блаже Конески“, а Форумот на слободоумни патриоти ја повика Владата да го одложи неговото потпишување. Медиуми под контрола на опозицијата во изминатите денови организираа дебати и пренесуваа ставови во кои Договорот беше критикуван како штетен за Македонија, а интензивно се емитуваа и документарни емисии во кои Бугарија се третира исклучиво како окупатор на македонскиот народ.

По сѐ погласните шпекулации дека за време на чествувањето на Илинден ВМРО-ДПМНЕ наводно ќе организирала инциденти, вчера Централниот комитет на оваа партија ги повика нејзините членови и поддржувачи да се воздржат од присуство на настаните кои ги организира Владата, „со цел да не бидат испровоцирани на реакција а потоа обвинети дека предизвикале инцидент или насилство“.

„Револтот на граѓаните од овој капитулантски договор на марионетската влада на СДСМ не треба да биде насочен кон соседна Бугарија и нејзините претставници и граѓани. Истите се борат за интересите на нивната држава, и не сносат никаква вина што Владата на СДСМ носи одлуки незрели и штетни за нацијата. Начинот да се казни ова однесување е на следните избори кога повторно моќта ќе се врати во рацете на народот“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

Mazedonien Zentrum von Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Политичари кои градат мостови

Владата на СДСМ ги демантира ваквите критики. Пред една недела, кога го прзентираше текстот на Договорот, премиерот Заев децидно изјави: „Овој договор е во согласност со националните интереси на Република Македонија. Ова е голем чекор и одраз на новиот дух на политичари кои градат мостови, а не рушат. Решени сме да водиме политики кои решаваат проблеми, а не создаваат. Од другата страна имаме пријател и сосед со добра волја. Договорот не треба да биде само текст, туку треба да има душа, да има уште поголем дух и од она што самиот текстот го предвидува“.

Во насока на градење мостови, денеска ќе бидат потпишани и меморандуми за соработка од страна на македонскиот министер за транспорт со бугарските министри за енергетика, економија и ИКТ- комуникации, за развојот на железничката инфраструктура и за соработка во областа на природен гас. Посетата на владината делегација на Република Бугарија ќе продолжи и со работни министерски средби: бугарскиот министер за транспорт, ИКТ и комуникации, Ивајло Московски, ќе има средба со македонскиот министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, а министерката за енергетика, Теменушка Петкова со министерот за економија Крешник Бектеши. Работна средба ќе имаат и министерите за одбрана Красимир Каракачанов и Радмила Шекеринска, како и шефовите на дипломатиите - Никола Димитров и Екатерина Захариева. Попладнево домаќини на државната делегација на Бугарија ќе бидат претседателот на Собранието, Талат Џафери, и претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов. Круна на дводневната посета на високата бугарска делегација, ќе биде утрешното заедничко чествување на националниот празник Илинден во црквата „Свети Спас“ во Скопје. Утре во 8 часот премиерот Зоран Заев ќе има свое празнично обраќање, по што заедно со бугарскиот колега и со членовите на делегацијата ќе положат цвеќе на гробот на Гоце Делчев.