Историска посета на Атина: Пендаровски побара поддршка за решавање на спорот со Бугарија и влез во ЕУ | Северна Македонија | DW | 05.10.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Историска посета на Атина: Пендаровски побара поддршка за решавање на спорот со Бугарија и влез во ЕУ

Договорот од Преспа се најде во фокусот на разговорите со грчкиот државен врв. Се бара негово целосно и доследно спроведување и решавање на отворените прашања.

Griechenland | Stevo Pendarovski in Athen

Претседателите на Грција и Северна Македонија, Катерина Сакеларопулу и Стево Пендаровски во Атина

Договорот од Преспа, неговата целосна имплементација и можностите за продлабочување на билатералната соработка се дел од темите коишто се најдоа во фокусот на разговорите на претседателот Стево Пендаровски и грчкиот државен врв при посетата на Атина. Тој побарал поддршка и помош од јужниот сосед за надминување на спорот со Бугарија и отворање на патот за евроинтеграциите на Северна Македонија. 

Пендаровски е прв македонски претседател кој е во официјална посета на Атина по осамостојувањето во 1991 година. Досега посетите на ниво на шефови на држави беа замрзнати поради повеќедеценискиот спор за името кој се реши со Договорот од Преспа, кој беше потпишан на 17 јуни 2018 година. 

Историска димензија на средбата 

Пендаровски беше пречекан од грчката претседателка, Катерина Сакеларопулу во претседателската палата во Атина.

„Вашата посета е прва официјална посета на претседател на Република Северна Македонија во мојата земја. Па така добива особена важност и симболика за односите меѓу нашите земји“, порача таа, истакнувајќи ја важноста што Грција ја дава „за зајакнување на билатералните односи и за европската перспектива на земјата“.

Griechenland | Stevo Pendarovski in Athen

Пендаровски положи венец пред Споменикот на незнајниот војник на платото пред грчкиот Парламент

Средбата во Атина, за Пендаровски има историска димензија. „Да имате прва средба на највисоко политичко ниво по 30 години меѓу две земји кои се директни соседи е значајна работа. Ние и претходно имавме одлична соработка, но од 2018 година ја поставивме таа политичка и правна рамка наречена Преспански договор која ни овозможи уште подобро да соработуваме. Договорите треба да се чуваат и да се почитуваат“, порача Пендаровски. 

Според двајцата соговорници, целосно, доследно и со добра волја применување на Договорот од Преспа е клучно за постигнување на целите. 

Отворени прашања 

„Веќе поминаа две и пол години откако Договорот од Преспа стапи во сила. Препознаваме дека од страна на Северна Македонија се направени позитивни чекори, но сепак постојат доста нерешени прашања. Затворањето на овие отворени прашања ќе овозможи понатамошен развој на нашата соработка“, рече Сакеларопулу и додаде дека од грчка страна ги разгледуваат сите аспекти на билатералната соработка. 

Griechenland | Stevo Pendarovski in Athen

Претседателите на Грција и Северна Македонија, Катерина Сакеларопулу и Стево Пендаровски во Атина

И Пендаровски се согласува со констатацијата на неговата колешка дека многу работи се направени во изминатите години. „Има уште неколку работи што треба да се завршат и како што реков ние имаме апсолутно јасна политичка волја и намера да го завршиме тој договор до последната буква. Преспа ни овозможи да влеземе НАТО и следната наша цел за која ја очекуваме вашата поддршка е да почнат преговори со Европската Унија и да го заокружиме тој наш евро-атлантскиот сон“, истакна Пендаровски. 

Во врска со таблите на кои стои старото име на земјата, тој вели дека добивлуверување дека тоа ќе се промени, но дека е во надлежност на општините, поточно во северниот дел на земјата, после границата. 

Поддршка за ЕУ 

Пендаровски имаше средба и со грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, кој потоа заминал на самитот ЕУ-Западен Балкан. „Го замолив како влијателен член и како премиер на земја-членка за поддршка и помош за самитот во однос на проширувањето на ЕУ“, изјави претседателот Стево Пендаровски пред новинарите во Атина. Тој се заблагодарил и за донацијата вакцини и помошта во гаснењето на пожарите коишто ја зафатија земјата во текот на август годинава.  

Griechenland | Stevo Pendarovski in Athen

Пендаровски имаше средба и со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, кој потоа замина на самитот ЕУ-Западен Балкан.

„Во однос на делот со Бугарија, спорот може да се реши билатерално, а сите други треба да направат амбиент и атмосфера во која ќе стане јасно дека прашањето за евроинтеграции е гео-стратешко прашање за регионот. Добив јасна заложба од Мицотакис дека ќе продолжи да го прави тоа и да ѝ помага на Северна Македонија“, вели Пендаровски.

Претседателот информираше дека Комисијата за историски, археолошки и образовни прашања и Комисијата за трговските брендови имаат договор за следна средба. „Тие имаа одреден застој во работата, но очекувам сега тоа време да се искомпензира, да се надомести и да почнеме со забрзан ритам да ги решаваме преостанатите прашања кои се на агенда“, додаде претседателот.