1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пензиите редовни, се чека одлука на Уставниот суд

2 декември 2025

Исплатата на пензии продолжува без промени, и покрај постапката во Уставниот суд. Мицкоски и опозицијата со спротивставени ставови

https://p.dw.com/p/54dvw
Уставен суд во Македонија
Што следува по одлуката на Уставниот суд?Фотографија: Petr Stojanovski /DW

Исплатата на пензии се одвива редовно и без промени. Сите пензии се исплаќаат согласно важечките законски одредби, информира Министерството за социјална политика, демографија и млади, откако Уставниот суд отвори постапка за линеарните пензии. 

Од Министерството појаснуваат дека отворањето постапка не значи укинување или измена на мерките што во моментов важат. Сите законски решенија остануваат во сила до донесување конечна одлука од Судот.

„Апелираме до пензионерите да не подлегнуваат на дезинформации и шпекулации. Каква било евентуална промена ќе биде навремено и транспарентно соопштена“, се наведува во соопштението.

Објаснувањето следи откако премиерот Христијан Мицкоски во одговор на новинарски прашања рече дека доколку линеарните зголемувања се прогласат за неуставни - 75 отсто од пензионерите од 1 јануари ќе имаат 3-4 илјади денари пониски пензии.

Од Министерството се децидени дека социјалната сигурност и стабилноста на пензискиот систем остануваат врвен приоритет. 

македонски денари
Пензиите се исплаќаат редовно и без промениФотографија: DW/E. Milosevska Fidanoska

Мицкоски: Никој нема право да ги одземе покачените пензии

По протестите на пензионерите во понеделникот(01.12) пред Уставниот суд,  Мицкоски рече дека последното линеарно покачување на пензии е предвидено за март 2026 година.

„Како тоа зголемување ќе биде неуставно, а претходните 6 илјади денари ќе бидат уставни?“, праша Мицкоски.

Премиерот Христијан Мицкоски
Мицкоски бара линеарното покачување на пензиите да останеФотографија: Government of North Macedonia

Тој посочи три можни исходи од одлуката на Уставниот суд:

  1. Линеарните зголемувања да се прогласат за неуставни – што би значело намалување на пензии за 75% од пензионерите.
  2. Само следното зголемување да се прогласи за неуставно, а претходните да останат.
  3. Сите зголемувања да се прогласат за уставни.

Пензионерите протестираа поради стравување дека укинувањето на линеарното покачување може да доведе до намалување на пензиите. Уставниот суд, пак, информираше дека нема да ги преиспитува одредбите за претходните зголемувања, бидејќи тие веќе не се дел од правниот промет.

Полемика меѓу власта и опозицијата

Во меѓувреме трае полемиката околу власта и опозицијата околу линеарното зголемување на пензиите и што ќе значи неговото евентуално укинување.

Поранешната министерка за труд и социјална политика, Јована Тренчевска од СДСМ деновиве во неколку наврати порача дека пензионерите нема да враќаат пари и дека пензиите нема да се намалат.

„Вистината е дека сите пензионери ќе добијат повеќе од 1.000 денари. Ниту еден пензионер нема да враќа тоа што го добил претходно“, напиша таа на социјалните мрежи.