Иницијативите за Царинска унија го туркаат Балканот во прегратките на Русија | Економија | DW | 25.04.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Иницијативите за Царинска унија го туркаат Балканот во прегратките на Русија

На регионот му треба јасна ЕУ-перспектива, а не економски ирационални и политички тешко изводливи иницијативи, коментираат експерти и бизнисмени.

Нула царина за поголема соработка и развој на регионот. Иницијативата за царинска унија под заеднички балкански чадор која неодамна ја предложи српскиот премиер Александар Вучиќ, а Брисел експресно ја поддржа, отвори низа прашања и дилеми. Главниот мотив е меѓусебно приближување и унапредување на трговските врски во регионот. Клучната дилема пак е колку низ призмата на економијата регионот може да се консолидира, пред сѐ политички, и каков ќе биде ќарот од тоа. Упатените коментираат дека поголемиот степен на интеграција од оној утврден со ЦЕФТА, договорот за слободна трговија, кој е потпишан во 2006 година, веројатно би го поттикнал економскиот раст во регионот. Но не и ако се остане само на царинска унија:

„Ваквата идеја би имала некаква смисла само доколку сите ние во регионот би седнале и би разговарале за комплетна унија - политичка, економска и царинска. Сѐ што е поинаку нема никаква логика и не држи ниту политички ниту економски бидејќи ние како пазар сме премали и сиромашни само за царинска унија“, смета Горан Рафајловски од Стопанската комора на Република Македонија.

Кариес на Балканот

Тој предупредува дека целиот процес нема многу смисла ако и политички не се заокружи, и тоа со конкретни рокови околу европските перспективи на регионот: 

„На регионот му е потребна јасна и недвосмислена ЕУ-перспектива изразена преку конкретни рокови. Секоја иницијатива која не тргнува од таа премиса во буквална смисла нѐ оддалечува од нашата стратешка цел. Секој поинаков бајпас значи одложување на овие процеси и отвора простор за внесување на трети сили на Балканот. Буквално нѐ бркаат во рацете на Русија. Ако ЕУ нема намера да нѐ прими, тогаш јасно и гласно нека каже и сите такви иницијативи ќе имаат сериозна основа на која ние ќе треба да поработиме. Многу тажен момент за Македонија и регионот, но ако тоа им е целта и ако тоа го сакаат, тогаш ќе добијат дупка, кариес на Балканот“, предупредува Рафајловски.

Artikelbild Karte Grafik Westbalkan BOS bosnisch Albanien, Bosnien und Herzegowina, Kosovo, Kroatien, Mazedonien, Montenegro, Serbien

Царината е и онака ниска

Експертите сметаат дека има простор за подобрување на перформансите во трговијата. Но не сметаат дека царинската унија сама по себе би донесла позначаен бенефит во делот на регионалната размена:

„Како прво, сите овие земји веќе се членки на ЦЕФТА, договорот за слободна трговија во Централна Европа. Како второ, царините веќе се на генерално ниско ниво. Ефективната царинска стапка во Македонија изнесува 1,2%, а дури 75% од увозните линии се ослободени од царина. Како трето, во едно мое истражување, се покажува дека царините во овие земји воопшто не влијаат на индустриското производството“, коментира економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ.

За подобрување на економските перформанси на регионот, а посебно на Македонија, според Јовановиќ потребни се суштински промени воопшто во економските политики:

 „За да го заживееме производството, потребна ни е индустриска политика. Тоа значи дека државата треба да одреди кои индустрии можат да се развиваат и да развие стратегија за нивен развој, преку државни инвестиции во овие индустрии, но и преку поддршка на приватните инвестиции“, смета Јовановиќ.

Paket Made in Macedonia (Fotolia)

Треба да се биде внимателен

За суштински промени според дел од стопанствениците неопходна е демонстрација на искрена политичка волја во регионот, но и воспоставување на еднакви услови за сите економски субјекти на пазарот што веќе подолг период не е пракса во Македонија:

„Предлогот за царинска унија не дека не чини, но треба внимателно да се разгледа. Да се измери кои се добрите, а кои се лошите страни и што во суштина добиваат самите држави. Треба да се гледаат работите во оваа насока. Но ние не зборуваме меѓу нас, напротив - политички се делиме, а притоа не го гледаме економскиот потенцијал. Затоа е време регионално да се гледа и да се надминат овие политички бариери кои што се создаваат вештачки. Секогаш имаме дежурни виновници, а тоа по правило некако се Албанците, но треба еднаш засекогаш да се прекине и Албанецот да биде како конзумент, а не како некој што се претставува дека прави проблеми. Но клучно е да се има политичка волја и еднакви услови за бизнис за сите. Без тоа не помага ниту царинска унија ниту ништо“, коментира Мендерес Кучи од Стопанската комора на северозападна Македонија.

Со Западен Балкан само 10% трговска размена

Според српските власти, идејата за царинска унија била поддржана од Македонија и Босна и Херцеговина. Но што и конкретно тоа би значело засега не може да се конкретизира, ниту пак прејудицира, со оглед на длабоката политичка криза во земјата која во услови на блокиран процес на формирање нова Влада, функционира со технички владин состав. Косово уште веднаш ја отфрли ваквата иницијатива, а од досегашните сигнали поддршка не треба да се очекува ниту од Албанија.

Статистичките податоци за трговската размена на Македонија во 2016 година покажуваат дека само околу 10% од вкупниот обем отпаѓа на земјите од т.н. Западен Балкан. Или од вкупно 10,5 милијарди евра извоз и увоз, нешто над 1 милијарда евра биле реализирани со Србија, Косово и Босна и Херцеговина. Од регионот, Србија е најголем трговски партнер, но Косово е најголем извозен пазар за Македонија. Од вкупно 218 милиони евра трговска размена во 2016 година, дури 188 милиони биле извезени стоки од Македонија на косовскиот пазар. Но затоа пак билансите со Србија се драстично поинакви. Од вкупно 654 милиони евра, две третини претставуваат дефицит на македонска страна. Македонија е во благ суфицит и во трговската размена со БиХ, која лани достигнала скромни 140 милиони евра. Убедливо најголем трговски партнер на Македонија веќе неколку години по ред е Германија. Лани вкупната трговска размена помеѓу двете земји изнесувала околу 2,8 милијарди евра од кои дури 2 милијарди биле извоз од Македонија. 

 

Реклама