Индискиот сој ги врати стравувањата од нов есенски бран на Ковид-19 | Северна Македонија | DW | 21.06.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Индискиот сој ги врати стравувањата од нов есенски бран на Ковид-19

Иако засега епидемиолошката состојба е стабилна и бројот на заболени лица константно се намалува, надлежните апелираат на внимателност во текот на летото, особено поради опасноста од индискиот сој на коронавирусот.

Индискиот сој на коронавирусот, кој зема се поголем замав низ светот, ги врати стравувањата од можен нов есенски бран на Ковид-19. Во Северна Македонија досега се регистрирани два случаи на сојот, за којшто се смета дека се шири многу побрзо. Иако засега епидемиолошката состојба е стабилна и бројот на заболени лица константно се намалува, надлежните сепак апелираат на внимателност во текот на летото.

Министерот за здравство Венко Филипче вели дека ги анализираат податоците во земјава, во соседството и во Европа и дека тука ситуацијата е доста стабилна така што во овој момент не планираат рестриктивни мерки поради ширењето на новиот Делта сој на коронавирусот. „Но, морам да потенцирам, будно ја пратиме состојбата не само кај нас, туку и во околните земји поради тоа што многу често за временска разлика од една до две недели се случуваа промени во сите земји во регионот. Продолжуваме со овие мерки и продолжуваме да ја пратиме ситуацијата“, изјави Филипче.

Инфектологот Алириза Османи вели дека граѓаните треба да бидат внимателни, но дека нема потреба да се плашат. „Само оние кои имаат симптоми, температура, треба да внимаваат да не се мешаат со други луѓе, туку да се изолираат“, вели инфектологот во изјава за медиумите.

Nord-Mazedonien Corona Impgung in Skopje

Сите вакцини штитат од тешка форма на болеста или од смртен исход дури и од таква мутирана форма на вирусот.

Во земјата веќе неколку денови по ред се бележи тренд на намален број на новозаболени од Ковид-19. Во вчерашната статистика од Министерството за здравство беа регистрирани осум нови случаи на коронавирус, а добра вест е што нема починати лица. Во земјата има вкупно 287 активни случаи.

-повеќе на темата: Индискиот сој влезе и во С. Македонија

Уште еден пациент со индиски сој на вирусот Ковид-19 викендов беше регистриран кај пациентот кој бил на работа во Ирак и е колега со првооткриениот случај на заболен со новиот сој, кој неодамна беше донесен на лекување во земјата. Пациентот не е во ризик, неговата состојба е под контрола.

Вакцините колку-толку ќе не заштитат

„Стравување од индискиот сој или таква некоја евентуална нова форма на мутација која што може да биде позаразна од сегашните постои насекаде. Но, битно е дека сите вакцини штитат од тешка форма на болеста или од смртен исход дури и од таква мутирана форма на вирусот. Кон крајот на месецов во С. Македонија ќе пристигнат поголеми количини на вакцини“, изјави министерот за здравство Венко Филипче.

Поради неколкудневната пауза со вакцинирање во С. Македонија, бројни граѓани и овој викенд се одлучија да заминат во соседна Србија на вакцинација и ревакцинација.

-повеќе на темата: Коронавирус: колку е опасна „двојната мутација“ од Индија?

Епидемиологот Драган Даниловски деновиве предупреди дека сите вакцини штитат од индискиот сој на коронавирусот, но можно е и некој вакциниран да се зарази со таа мутација и да го донесе во земјата. „Не знаеме колкав е процентот за такво нешто, но заразувањето со индискиот сој е можно и кај вакцинираните. Сепак мислам дека ризикот е мал, со оглед на тоа што на граница треба да приложите негативен ПЦР тест или доказ за вакцинација“ , вели д-р Даниловски. 

Повирулентен вирус 

Новиот вирус е повирулентен. Еден од моментите што ја прави заразноста на овој вирус голема, е што кај помладите дава една полесна клиничка слика од типот на главоболка и кивавица, што не беше типично кај претходните соеви. Вториот момент е што самата мутација на вирусот е повирулентна, а по однос на смртноста можеби за нијанса е поголема, но самата брзина на ширење го прави поопасен. 

Nord-Mazedonien Skopje | Coronakrise: Gastronomie muss wieder schließen

Во текот на летово очекувањата се дека ситуацијата ќе остане под контрола.

„Кај нас имаме два пријавени случаи, така што допрва ќе видиме дали и колку ќе се прошири истиот вирус“, изјави во Утрински брифинг д-р Александра Димова и додава дека класичните ПЦР тестови го детектираат само присуството на ковид вирусот, а за која субваријанта се работи потребни се дополнителни испитувања. 

„Опасноста постои не само од навивачите од Романија, туку од сите други лица кои што периодов патуваат. Ситуацијата е поотворена од претходно, туристи доаѓаат и имаме поголема фрекфенција на луѓе во земјава. Никој не може да предвиди што точно ќе се случи, бидејќи и 500 заразени со новиот сој да влезат не значи дека тоа задолжително ќе ја прошири со голема брзина заразата со делта сојот, од друга страна и петмина да влезат во зависност од тоа какви ќе бидат нивните контакти можат да заразат повеќе лица“, смета д-р Димова. 

-повеќе на темата: Лето, сонце - четврти бран на коронавирусот?

Во текот на летово очекувањата се дека ситуацијата ќе остане под контрола, не само заради тоа што вирулентноста можеби е помала во топлите месеци, туку и заради самиот факт што поради топлото време граѓаните се повеќе време поминуваат на отворено. 

„Што ќе се случи во есенскиот период во голема мера зависи од самите нас, имам впечаток дека малку прерано почнавме да се олабавуваме во смисла на тоа што во ред е што мерките се олабавија, но секој лично за себе мора да запомни дека сме далеку од тоа дека можеме да ја прогласиме пандемијата за завршена. Со самото доаѓање на есента, поладното време и затворањето во затворен простор повторно може да очекуваме пораст на бројките, така што она што останува значајно е почитувањето на основните пораки од почеток“, смета д-р Димова.