Има ли јунак да ја ограничи брзината на германските автопатишта? | Панорама | DW | 23.01.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Панорама

Има ли јунак да ја ограничи брзината на германските автопатишта?

Во Германија нема генерално ограничување на брзината на автопатиштата; постои само „препорачана брзина“ од 130 километри на час. Со децении на таа тема одвреме навреме се отвора дебата и таа набрзо... згаснува

За време на големата нафтена криза во 1973 година, германската влада на Вили Брант воведе забрана за возење во недели и воведе генерално ограничување на брзината на автопатиштата од 100 километри на час, со цел да се заштеди гориво. Тоа ограничување требаше да важи додека не се надмине нафтената криза.
Тогашниот министер за сообраќај, социјалдемократот Лауриц Лаурицен, се обиде да го задржи ограничувањето на брзината. „Се работи за човечки животи“, велеше тој. Една година пред воведувањето на ограничувањето во Германија во сообраќајни несреќи загинаа 20 илјади луѓе. А за време на ограничувањето бројот на несреќите драстично се намали. Со предлогот на Лаурицен се сложи и канцеларот Брант.
Но, и двајцата политичари беа на страната на губитниците. Најголемиот европски автомобилски клуб АДАЦ ги обвини дека ја злоупотребуваат нафтената криза. Во февруари 1974, овој влијателен клуб започна голема кампања со повеќе од еден милион отпечатени флаери со натпис: „Слободно возење за слободни граѓани“.
Ограничувањето на брзината беше укинато уште во март 1974.
Слоганот од флаерите на АДАЦ и денес делува како филозофско-социолошко оправдување за летањето во „лева лента“ во моќни автомобили кои служат како реквизити за „слобода“.

„Слободата“ и фактите

Големиот автомобилски клуб ја погоди тенката жичка на граѓаните на една фанатично моторизирана нација. Граѓани за кои автомобилот е втората кожа, заштитен оклоп, движечка филијала на дневната соба. Оној кој ќе се обиде да го наруши тоа, станува непријател.
И така сите подоцнежни обиди да се ограничи брзината на автошпатиштата неславно пропаднаа.
Дали сега ќе биде поинаку? Пред почетокот на годишната Конференција за експертите за сообраќајно право, дел од говорниците веќе најавија дека ќе побараат воведување на ограничена брзина на автопатиштата од 130 километри на час. Тоа барање веќе доби специфична тежина затоа што му се придружија и високи функционери на синдикатот на полицијата.
„Ако не сакаме да се помириме со фактот дека секоја година 3.200 луѓе гинат во сообраќајни несреќи, ќе мораме нешто да преземеме“, изјави заменикот претседател на синдикатот на полицијата Михаел Мертенс, и додаде: „тука важна улога би имало ограничувањето на брзината“.
Кон барањето се приклучи и Германската организација за заштита на животната средина ДУХ, која бара ограничување од 120км на час, а патиштата од прв ред- 80 км на час (сегашното е 100 км на час), пред се за да се намали емисијата на јаглерод-диоксид.

Deutschland, Berlin: Verkehrsminister Andreas Scheuer hält eine Pressekonferenz (Reuters/F. Bensch)

Министерот за сообраќај Андреас Шојер

Министерска корпа за отпадоци

Така повторно изби јавна дебата за овој проблем. Министерот за сообраќај Андреас Шојер (ЦСУ) речиси со гадење го отфрли таквиот предлог, одговарајќи дека тие „се косат со здравиот разум“.
Со нешто поблаг речник предлогот го одби и АДАЦ, исто како и Сојузот на германската автомобилска индустрија.
Последниот фактор е меѓу најважните, иако во јавната дебата малкумина го земаат во предвид. Моќните автомобилски компании живеат од силата на своите модели. Сила која може да се демонстрира во секој момент.
Во медиумите, како и во сите слични ситуации, завладеа непрегледно соочување на мислења во кои се мешаат емотивни и рационални аргументи, статистики, лични искуства, политички и лоби интереси. Но, медиумите живеат од такви дискусии. Притоа, не треба да се заборави дека предлогот кој повторно се најде на дневен ред не стигна ни до долната фиока на работната маса на министерот за сообраќај Шојер, туку заврши директно- во корпата за отпадоци.

 

DW.COM

Реклама