1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Panorama Mazedonien
Фотографија: picture alliance/landov/Z. Yi

Има ли надеж за Охрид?

ДТЗ
8 јуни 2021

Пред стартот на летната сезона, Охридското Езеро ги пречекува гостите со натрупани проблеми, разурнати плажи и мрежи полни со отпад, кои се вадат од езерското дно.

https://p.dw.com/p/3uZbA

Купишта градежен шут, пластични шишиња, метални канти, автомобиски гуми, облека го задушуваат со години наназад Охридското Езеро. Подводните фотографии кои што одвреме навреме осамнуваат на социјалните мрежи објавени од подводните еко-патроли само ја потврдуваат негрижата за најголемото еколошко богатство во земјата, кое од ден на ден е се позагрозено. Пред стартот на летната сезона, Охридското Езеро се бори со натрупани проблеми, разурнати плажи и мрежи полни со отпад место со риби, кои се вадат од езерското дно. Надлежните ги прават последните обиди да се санираат штетите во пресрет на сезоната, во која се очекуваат поголем број гости во услови на пандемија. Но, може ли „шминката“ да го измени ликот на охридското крајбрежје, коешто безмилосно се уништува со децении?

Кој го уништува еколошкото богатство

Кој го уништува еколошкото богатство под закрила на УНЕСКО е прашањето коешто постојано се наметнува во јавноста? Секоја од засегнатите страни има свое гледање на состојбата и одговорноста ја лоцира кај другите. За еколошките организации нема дилема - незнаењето, неспособноста, спрегата на партиите со бизнисите и урбаната мафија - сите тие заедно го уништуваат еден од најскапоцените предели во земјата.

-повеќе на темата: УНЕСКО со критики на 125 страници: Охридското Езеро на точка од која нема враќање?

„На овој регион не може ни важноста да му се долови кога се зборува за него. Не сме свесни што имаме и не сме свесни во голема мера поради тоа што тие кои се надлежни да ја подигаат свеста за регионот го прават токму спротивното, ја девалвираат неговата важност за да може полесно да го уништуваат. Ние сме сите гости на овој свет и ја користиме Земјата за привремен престој, а после нема повеќе да бидеме тука и имаме должност да ја одржиме во живот и да ја предадеме на идните генерации. Да ги зачуваме нејзините вредности бидејќи тоа на крајот на краиштата е основата на цивилизацијата“, е пораката која што деновиве често ја упатуваат од невладината организација Охрид СОС, која што будно ги следи сите незаконски активности на охридското крајбрежје.

Отпад во езерото, урнатини на крајбрежјето

Черава, Грашница, Далјан и Сатеска – ова се четирите реки кои највеќе го загадуваат Охридското Езеро. Нуркачите од Нуркачкиот центар АМФОРА во рамките на проектот „Подводна еко патрола”, утврдија дека состојбата со вливот на реките во езерото е алармантна. Овој проблем е одамна познат во пошироката јавност. Има присуство на големи количини отпад во форма на градежен шут, пластични шишиња, метални канти, автомобилски гуми, разна облека... Со подводно фотографирање и снимање, нуркачите изработија и карта со загадени зони (црни точки).

Mazedonien Unterwasserfund Ohrid See
Со подводно фотографирање и снимање, нуркачите изработија и карта со загадени зони (црни точки).Фотографија: DW/M. Sekuloski

„Бидејќи цврстиот отпад доаѓа во најразлични форми и габарит, потребно е сеопфатно решение на овој фундаментален проблем. Постојат неколку практични решенија кои можат да се применат на вливовите. Предлози на меѓународниот нуркачки инструктор Јован Секулоски за наједноставно справување со овој проблем се : мрежна структура за зафаќање на отпадот која ќе се протега на ширината на вливовите, а потоа ќе се управува од копно или пловен објект. Како и кит за чистење реки - иновативно решение засновано врз принципот на колекторска мрежа чија цел е да го акумулира отпадот кој лебди или е полупотопен и функционира како природна брана“, велат од АМФОРА во објавата на социјалните мрежи на која споделија фотографии од своето подводно истражување.

„Една слика – илјада зборови“, коментираат граѓаните, запрепастени од купиштата отпад коишто го гушат езерото.

-повеќе на темата: Фирми без концесија „дебело“ заработувале од плажите на Охридското Езеро

И додека отпадот на дното на езерото станува видлив само преку фотографиите кои одвреме навреме ќе се објават од подводните нуркања, дивоградбите и урбаниот хаос на крајбрежјето на езерото е видлив за голо око со години наназад, но дури сега пред почетокот на сезоната започна масовна акција за отстранување на нелегалните градби. Од општина Охрид најавија дека по долги години плажите повторно ќе им се вратат на туристите кои ќе можат слободно без никакви ограничувања да уживаат на крајбрежјето. А, како прв чекор којшто беше најавен е отстранување на диво поставените платформи, шанкови, лежалки од јавниот простор којшто со години бил узурпиран, а профитот завршувал во џебовите на поединци и фирми.

„Наша обврска и должност е да ги почитуваме законите и да ги отстраниме неправилностите. Годините наназад крајбрежјето на Охридското Езеро беше узурпирано од нелегални градби надвор од сите договори за концесија и законски прописи. Тоа мора да запре.Ставаме крај на самовилието и девастирањето на светското природно и културно наследство заштитено од УНЕСКО“, најавија од Општина Охрид.

Nordmazedonien | Ohrid | Antikes Theater
Надлежните им додоа рок од осум дена на поранешните стопанственици, сами да почнат да ги отстрануваат објектите на плажите и поставените платформи во водите на Охридското Езеро.Фотографија: Dragoslav Dedovic/DW

Надлежните им додоа рок од осум дена на поранешните стопанственици, сами да почнат да ги отстрануваат објектите на плажите и поставените платформи во водите на Охридското Езеро, поради истечените договори за концесија уште од 2017 година. Откако не постапија по укажувањата, без електрична енергија останаа неколкуте градски плажи во Охрид, со што беа принудени да престанат со работа. Угостителските комори реагираат дека ова нема да му донесе ништо добро на туризмот, бидејќи се случува пред стартот на туристичката сезона.

„Факт е дека не ни се допаѓа. Секогаш пред сезона се случуваат овие работи. Но, пред да се руши, треба да се изготви стратегија, што всушност ќе се прави и што ќе се постигне со тој простор. Најлесно е да се руши. Тешко е повторно да се изгради и да се врати во функционалност тоа што било направено“,изјави деновиве Здравко Јосифовски, претседател на Националната угостителска комора. Тие сметаат дека станува збор за избрзано и краткорочно решение, кое ќе направи ненадоместливи штети не само за туризмот, туку и за угостителите и луѓето што живеат во тие средини. Концесионерите минатата недела побараа од општината одлагање на активностите за рушење до крајот на туристичката сезона или до изнаоѓање соодветно решение.

Но, градоначалникот Константин Георгиески е дециден дека акцијата за расчистување на Охридското крајбрежје ќе продолжи се до отстранување на последниот објект. Досега се исчистени десеттина плажи, откако УНЕСКО го објави најзагрижувачкиот извештај во кој се посочува дека на охридскиот регион му се заканува опасност да не се најде на листата на загрозени подрачја, поради нерешавањето на проблемот со нелегалните градби во заштитениот појас на Охридското езеро и во Националниот парк Галичица.

Nordmazedonien | Ohrid | Altstadt
Градоначалникот Константин Георгиески е дециден дека акцијата за расчистување на Охридското крајбрежје ќе продолжи се до отстранување на последниот објект.Фотографија: Dragoslav Dedovic/DW

На охридското крајбрежје изминатиов период се расчистија плажите на потегот од село Пештани до хотел „Метропол“, како и плажата кај Елешец. Акцијата за отстранување на платформите и објектите на плажите продолжува во градската зона, од каналот Студенчишта кон Горица 1 и плажите во делот на населбата Канео, кои се опфатени во Генералниот урбанистички план.

И Струга ќе руши, ама кога?

Додека во Охрид се кршат копјата дали е вистинско време за уривање на дивоградбите, во Струга е затишје пред туристичката сезона. Градоначалникот Размиз Мерко за ДВ најавува дека е во план да се урнат неколку диво поставени објекти на крајбрежјето, но тој цврсто стои на ставот дека не станува збор за објекти во заштитената зона. „Листата за евидентирање на дивоградбите постои од 2019 година и постојано се надополнува. Многу е важно што нема спорни обекти во заштитената зона. Во план е да се отстранат неколку платформи, бетонски ѕидови и објекти коишто се на крајбрежјето, по препораките на УНЕСКО“, вели тој.

Иако најголем дел од забелешките во извештајот се однесуваа на Радожда, Мерко е дециден дека ова е најатрактивниот дел на езерото кој е посетуван од туристите. „Ако се отстранат платформите ќе заминат и гостите“, вели Мерко, кој посочува дека целото село живее од туризам.

-повеќе на темата: Мерко за ДВ: Струга ќе добие три пристаништа до крајот на годинава

Како една од мерките коишто ќе бидат преземени за заштита на езерото, тој го посочува планот за изградба на колекторски систем кај Елен камен – за оваа идеја веќе е разговарано со Министерството за животна средина и тој се очекува наскоро да се реализира.

 

Прескокни го блокот Поврзани теми

Поврзани теми

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Nord-Mazedonien | Feierlichkeiten zum 151 Geburtstag von Goce Delcev (Goce Delchev)

Одбележување на роденденот на Гоце Делчев во тензии

Прескокни го блокот Повеќе теми
Врати се на почетната страница