1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Илчев: Бугарија е на губитничка позиција

2 ноември 2020

Моето мислење беше дека треба да го истргуваме јазикот со историјата, затоа што нашата позиција за јазикот е тешко одржлива, а за историјата е неспорна, смета членот на бугарскиот тим во заедничката комисија.

https://p.dw.com/p/3kkQY
Nordmazedonien Bulgarien Historikerkommission
Заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовани прашања на состанок во Скопје, 16.10.2020Фотографија: Government of North Macedonia

За европското јавно мислење не е јасен бугарскиот спор за македонскиот јазик. Според европското јавно мислење, ако има држава, таа си има и јазик. Ова загледување во македонскиот јазик е губитничка позиција за нас, вели во интервју за „24 часа“ Иван Илчев, историчар, бивш ректор на софискиот универзитет „Св. Климент Охридски и актуелен член на бугарскиот тим во заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања.

Смета дека бугарската позиција за јазикот е тешко одржлива, но за историјата е неспорна. Скептик е дека ќе бидат решени спорните прашања меѓу двете земји до 10-ти ноември, кога Бугарија и Северна Македонија ќе копретседаваат со Берлинскиот процес.

„Да, да, се разбира дека ќе ги решиме, како што волкот и јагнето ќе бидат заедно во рајот“, иронизира Илчев.

Политички рокови

Иако работата на заедничката комисија е обемна и сложена, и не може да се стави под притисок на рокови, Илчев открива дека токму бугарскиот дел од комисијата бил под политички притисок со рок во кој треба да ги заврши работите.

„Не сакам да правам историски алузии, но за нас ова е вториот 10-ти ноември, откако минатата година на состанокот на бугарскиот дел од заедничката комисија со претседателот Радев, тој воено ни заповеда до 10-ти ноември да ги решиме сите спорови со нашиот западен сосед. Затоа си мислам дека во тој датум има нешто фатално“, вели Илчев.

Запрашан за одговор на изјавата на вицепремиерот Никола Димитров, дека „ако македонскиот јазик е пречка за почнување на преговри со ЕУ, тогаш Унијата не го заслужува епитетот ‘европска’“, Илчев признава дека за европската јавност тоа е нејасен спор.

Повеќе:

Захариева: Признавањето на бугарските корени го ставаат ад-акта прашањето за македонско малцинство

Дали дојде време да се каже – Доста е?!

Ќосев: Бугарите талкаат низ историјата

Доста е историја

Спор со Бугарија: Не сте тоа што мислите дека сте

„Уште пред една година, кога имаше рани дискусии во нашиот дел од Комисијата, реков дека ова загледување во македонскиот јазик е губитничка позиција за нас, бидејќи за европското јавно мислење тоа не е јасен спор. Според него, ако има држава, таа си има и јазик. Ова е прашање за дебата за лингвистите - дали овој јазик е бугарски дијалект. Немам сомнение дека македонскиот јазик е јазик што се развива на западнобугарскиот дијалект, но тој веќе доста се оддалечи од бугарскиот. На пример, мојот 30-годишен син работи во компанија што има канцеларии во Македонија, и кога тој и неговите колеги разговараат со оние во Македонија, тоа го прават на англиски јазик затоа што не можат да се разберат“, објаснува Илчев.

Тој не отстапува од ставот дека македонскиот е „вештачки јазик, создаден со позајмици од српскиот јазик и од меѓународната лексика, па еволуирал во нешто што е тешко разбирливо за повеќето Бугари“.

Од друга страна, во интервјуто самиот се повикува на спомените на д-р Петар Џидров (1876-1952) некогашен лидер на бугарската работничко социјалистичката партија, роден во Штип, од кое произлегува дека и во минатото разбирањето меѓу Македонците и Бугарите не било лесно.

„Тој (Џидров- н.з.) во своите мемоари објавени овде, споменува дека кога доаѓале да учат во Бугарија, Македонците обично го повторувале последниот клас завршен во Македонија за да научат литературен бугарски јазик“, вели Илчев.

Но, не се впушта во коментар на забелешката дека Бугарија, сепак, не сака да отстапи од сегашните позиции.

„Не знам, тоа е работа на дипломатите. Моето мислење, грубо кажано, беше дека треба да го истргуваме јазикот со историјата. Затоа што нашата позиција за јазикот е тешко одржлива, додека нашата позиција за историјата е неспорна“, смета членот на бугарскиот тим во заедничката комисија.

Работата на оваа комисија во една прилика тој ја спореди со „тренинг во боксот, кога пред натпреварот играчите напразно удираат во воздух“.

Infografik Karte Nordmazedonien und Bulgarien EN

Вистината не може да биде предмет на пазарење

Дебатата за спорните прашања е актуелна во двете земји. Вчера се огласи македонскиот Совет на амбасадори, кој смета дека на неприфатлив начин се доведуваат во прашање односот и соработката меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија со објаснувачкиот Меморандум упатен од бугарска страна до членките на ЕУ, пред започнувањето на првата меѓувладина конференција во декември, со која фактички ќе започнат и преговорите на нашата земја со ЕУ.

„Советот е зачуден зошто официјална Софија се определи за таков чин во предвечерјето кој очекуваме да започне со позитивни одлуки и оценки за нашиот напредок и спремност за старт на преговорите. Нашиот источен сосед на 31-ви октомври 2020, официјално преку странски медиум излезе и постави услови кои се практично уцена до нас како суверена и независна држава, притоа наметнувајќи непристојни прашања во вид на трговија со македонскииот идентитет и јазик и со факти од историјата“, се вели во соопштението.  

Советот на Амбасадори ја смета за непристојна заканата на Бугарија со евентуално блокирање на патот кон членството во ЕУ ако Северна Македонија не признае дека македонскиот идентитет и јазик имаат бугарски корени, како што бараат некои извори.

„Советот на амбасадори отворено, со јасен став и аргументи уште еднаш нагласува дека вистината за посебноста на македонскиот народ и македонската нација се наоѓа во светските архиви во кои се чуваат документи и факти кои се предмет на обработка  од страна на историчарите и во никој случај не може да биде предмет на пазарење од било која страна. Република Северна Македонија од 2017 година решително отвори нова страница во односите и соработката со потпишаните договори со Република Грција и Република Бугарија, и искрено започна со имплементација на значајни точки во договорите како што тоа ѝ прилега на земја со проевропска ориентација“, се нагласува во соопштението.

Притоа, Советот на амбасадори им дава отворена поддршка на претседателот Пендаровски и премиерот Заев во истакнатите позиции - дека со вакви услови и за вакви барања нема отстапки и компромиси. Но, ја нагласува улогата на Европскиот парламент и Европската комисија, и со големо одобрување ги прифаќа досегашните позитивни информации  дека патот за почеток на преговорите е отворен, а билатералните прашања и проблеми ќе треба  да се решаваат како што е тоа предвидено со европското и меѓународното право, и во духот на билатералната соработка.