Илинденски говор – меѓу традиција и плацебо | Северна Македонија | DW | 02.08.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Илинденски говор – меѓу традиција и плацебо

Пендаровски ниту ја обезличува, ниту ја одзема прославата на Мечкин Камен. Ако е грешка што нема да држи говор, тогаш е добра „грешка“. Коментар на Катерина Блажевска

Се тече, ништо не се менува. Единствено претседателот Пендаровски реши да се откаже од неговиот празничен говор во корист на говорот на единството, и веднаш се најде под рафална стрелба, не помалку жестока од онаа во Востанието што денес го славиме.

Парадокасално, ама вистинито! Еден говор кој нема да се одржи, откри дека за да ја ослободиме вистината не треба да ги скинеме само нејзините надворешни окови, туку да ги расчистиме и непотребните ореоли кои овозможуваат постојани манипулации.

Зошто гестот на Пендаровски предизвика толкава лавина од обвинувања и навреди од опозициската ВМРО- ДПМНЕ? Христијан Мицкоски на Фејсбук го праша Пендаровски: „Со кое право цензурирате традиција, тоа не го правеле ниту поробувачите, ниту комунистите, ниту најголемите негатори на македонскиот народ, посебност, култура и обичаи?“

Паднаа тешки зборови, по кои, секој неупатен би помислил дека Пендаровски цензурирал/забранил прослава на Илинден, дека ливадата под Мечкин Камен ќе биде празна - без луѓе, песни и ора, дека нема да се слушне македонската химна, дека коњаниците нема стигнат, дека споменот за Илинденците оди во заборав...

Ништо од тоа не е така. Единствена промена е што шефот на државата решил да не држи говор, а централната манифестација да започне во 18 часот, за да има време во Крушево да стигнат сите претставници на парламентарните партии кои во текот на денот го чествувале празникот во други места. Наместо повикување на единство во говор, со зборови, Пендаровски посакал присутните да демонстрираат единство на дело, на најисториското место во земјата.

Решил да не држи говор, свесен за еден факт: на граѓаните им е доста од говори. На граѓаните им е доста и од дополнителни поларизации по секој говор, кога политичарите со денови се дообјаснуваат или решаваат ребуси - кој што сакал да каже.

Мицкоски по ова прашање не е на чиста позиција. Ем вели дека „тоа е настан за народот, а не за политичарите“, ем смета дека без политичари празникот бил обезличен.

„Жалам што поради сопствениот страв од соочување со народот, големата лична суета и елитизмот сакате да обезличите настан кој не е на политичарите, туку тоа е настан на народот“, напиша Мицкоски.

Пендаровски ниту го обезличува, ниту го одзема настанот од народот. Суета и елитизам има кај некој што сака цел ден да „држи час“ и цела манифестација да ја приватизира за политички цели. Памтиме и такви фидел-кастровски говори од Крушево, по кои за 100 % било зголемено производството на нови поделби. Тоа навистина се памти, ама не по добро. И не би сакале да биде „традиција“.

Второ, од каде тврдењето „за страв на претседателот од соочување со народот“, кога тој ќе биде меѓу народот во Крушево, исто како што е меѓу народот и кога не е празник? Можеби додека Пендаровски вложува напори за единство, други се загрижени дека ако не држи говор, не ќе имаат можност да го исвиркаат нарачаните свиркачки бригади. Таму ли лежи болката? Таа ли „традиција“ ќе биде прекината, тој срамен плукачки серијал започнат од Сребра Тодевска и непрекинат до денес?

На граѓаните им е доста од натпревар која партија колку автобуси донела и чиј табор бил погласен. За жал, некои партии со години ја гледаат шансата да се прикажат како омилени меѓу народот токму врз база на произведени празнични децибели, од биланс на исвиркани опонентити и од повикување на традиција. Традиција во што?

Mazedonien Nationalfeiertag - Ilinden

Традиција е манифестацијата „Десет дена Крушевска република“. Држење политички говор не е традиција. Може да го има, може да го нема. Никој не положува цвеќе заради „традиција“, туку заради врвна почит и длабок поклон кон жртвите дадени за слободата на Македонија.

Каква „традиција“ е принципот на ротација, според кој претседателот на државата, премиерот и претседателот на Собранието секоја година присуствуваат на една од трите локации за одбележување на втори август (Скопје, Пелинце, Крушево). Тоа е рутинизирана навика, која еден ден навистина може да стане „традиција“, само затоа што не се смислило ништо подобро и покреативно. Како да се нарече „традиција“ прославата во Пелинце, место кое стана супститут за неможноста да славиме во „Св. Прохор Пчињски“? Прашањето е за што се залагаме - за релокација на вистината или на измена на нејзиниот статус во нашиот појмовен апарат? Ќе се постигне единство кога ќе се разбере дека „помалку може да биде повеќе“. Не само во смисла - колку помалку говори - поголема релаксираност. Не е неважно и дали еден ден плукачите и свиркачите ќе стивнат заради партиска наредба или затоа што општеството веќе стекнало политичка свест и култура дека тоа не води никаде. Кога ќе дојде денот таа пракса да запре, тогаш ќе го имаме најискреното празнување, без оглед дали со говор или без него, бидејќи севкупниот амбиент самиот ќе говори за нас.