Илегалните трки со автомобили во Берлин косат човечки животи | Панорама | DW | 03.03.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Панорама

Илегалните трки со автомобили во Берлин косат човечки животи

Илегалните трки со автомобили се главна тема во локалните медиуми во Берлин, по двете сериозни несреќи во изминатиот месец. Од надлежните се бараат мерки, но тие се немоќни да го сопрат трендот.

Порастот на илегални трки со автомобили однесе уште жртви во Берлин. Таксист и негов патник беа хоспитализирани во вторникот откако на таксито налетало „Ауди“ во квартот Моабит. Веста пристигна во исто време со полициската објава дека е уапсен 27-годишник под обвинение за убиство на 69-годишен човек при една илегална трка во центарот на Берлин, на почетокот на февруари.
Околу 41 таков инцидент биле регистрирани во главниот град минатата година, но трките се веројатно далеку почести, откако и самата полиција неделава потврди дека не може многу да стори за да ги спречи.
„И трките кои се организираат во тајност и набрзина, како и спонтаните 'ад-хок' трки во секојдневниот сообраќај можат да бидат регистрирани и документирани само во исклучителни случаи“, соопшти полицијата.

CDU Bundesparteitag in Berlin (Frank Henkel )

Франк Хенкел

„Често се работи за двајца возачи кои запираат еден до друг пред семафор“, вели Андреас Чиш, раководител на сообраќајната полиција во Берлин. „Големи силни возила со млади возачи, тогаш некој ќе ја притисне педалата за гас за да види како реагира другиот возач, неколку погледи и трката почнува- до следниот семафор“.
Во други случаи, вели Чиш, две или три лица набрзина се договараат телефонски и се среќаваат на трка. Најчесто нема публика, иако понекогаш има и други патници во возилото.

Протести и гнев

Но полициското убедување не му е многу од помош на градскиот министер за внатрешни работи Франк Хенкел, кој е под голем притисок да најде решение, особено откако демонстранти од велосипедската иницијатива организираа протест на местото каде што беше убиен 69-годишникот.
„Илегалните трки со автомобили во Тауенцин и Курфирстендам се познати веќе одамна“, вели лидерот на иницијативата Хајнрих Штросенројтер. „Министерот за внатрешни Хенкел, за транспорт Андреас Гајзел и претседателот на полицијата Клаус Кант очигледно само гледаат и не преземаат ништо“.


Хенкел инсистира дека не е така. „Верувам дека илегалните улични трки се безбедносен проблем со кој берлинската полиција се занимава веќе извесно време. Повеќепати сме разговарале за ова и полицијата реагираше“.
Решението на Хенкел досега беа построги казни и ограничување во можноста на автомобилите кои смеат да ги возат млади возачи.

Сторете нешто!

Штросенројтер ги отфрла ваквите најави. „Постојат многу германски покраини со политичко мнозинство кои сакаат построги сообраќајни правила, зошто не започнете таква иницијатива?“, прашува тој. Активистот не верува ниту во тврдењето на полицијата дека е тешко да се спречат трките. „Постои контрола на мобилните телефони, радио надзор, знаеме каде се состануваат, како се организираат преку Фејсбук, Твитер и слично- може многу повеќе да се стори“.
Но во полицијата велат дека немаат легално право да прислушкуваат телефони на потенцијални тркачи. „Надзорот е можен само за сериозни дела- киднапирање, дела поврзани со дрога, притоа и со конкретни докази, за да се добие налог од суд“, вели Чиш.
Тој исто така смета и дека големиот интерес во медиумите го пренагласува проблемот, создавајќи впечаток дека е поголем одошто навистина е. „Одеднаш сите мислат дека виделе илегална трка. Не сакам да го минимизирам проблемот, но нема потреба од мега-возбуда во медиумите“.

Поврзана содржина

Реклама