Избори во Србија: Има ли друг освен Вучиќ? | Информации и анализи за Балкан | DW | 20.06.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Балкан

Избори во Србија: Има ли друг освен Вучиќ?

Пред изборите во Србија е сигурно едно: на нив ќе доминира Александар Вучиќ. Тој со години ги диктира правилата на игра. Многу негови ривали одбиваат да играат.

Српскиот претседател Александар Вучиќ не се кандидира за пратеничко место, но тоа и не е важно - на изборите в недела се работи за него. Исто како што и на сите избори во последните шест години се работеше за него. Како доминантен политичар во Србија, Вучиќ се чини е сеприсутен и вмешан секаде, тој е се’ во политичкиот живот на земјата.

Владеачката Српска напредна партија (СНС) водеше кампања под мотото „Александар Вучиќ - за нашите деца“. Кога Претседателот не ги пополнува вестите во својата официјална улога, тој лично раководи со напорите на партијата. Противниците се концентрираат на него кога се обидуваат да ја покренат на политички акции се’ помалата либерална јавност во Србија.

На парламентарните избори в недела меѓутоа многу негови ривали ќе бидат впечатливо отсутни - голема група опозициски партии одлучи да ги бојкотира изборите. Тие ја обвинуваат СНС дека ја манипулира играта во полза на про-Вучиќ таборот.

Serbien Wahlen | Wahlplakat

„Александар Вучиќ - за нашите деца“ е мото на кампањата на СНС

Ботови, работни места и гласови

Еден од опозициските лидери кој ги бојкотира изборите е Борко Стефановиќ. Левичарскиот политичар на крајот на 2018 година беше брутално претепан, по што почнаа повеќемесечни протести против владата. Осомничените напаѓачи беа фатени, но се’ уште не се осудени, со оглед на тоа што судскиот процес почна повторно на почетокот на годинава.

Во разговор за ДВ Стефановиќ предупредува дека Вучиќ го користи своето влијание врз медиумите и политичката моќ за да ги потисне критичките гласови.

„Во сите медиуми е присутен само еден човек. Нема простор за различни мислења, особено на телевизиите со национална фреквенција“, вели тој.

Serbien Borko Stefanovi Vorsitzender Oppositionspartei Levica Srbije

Стефановиќ: Сите институции се узурпирани

Владеачката партија е соочена и со обвинувања дека има армија од интернет-тролови со цел да ја шири онлајн својата порака. Во април годинава Твитер отстрани повеќе од 8.500 профили поради „неавтентична координирана активност“, која имала за цел да ја промовира „српската владеачка партија и нејзиниот лидер“. Оваа недела регионалната БИРН истражувачка мрежа објави текст со детали за онлајн менаџмент систем со кој се делат задачи и се следи работата на троловите блиски до власта во Србија.

Уште посериозни се извештаите за уцени во компаниите и јавните институции кои вообичаено ги раководат луѓе лојални на СНС.

„Сите институции се узурпирани (од владеачката партија) и луѓето под закана од губење на работно место се принудени да излезат и да гласаат. Во сите компании, па и приватните, се прават списоци со луѓе кои мора да гарантираат најмалку 5 гласови и да направат слика од своето гласачко ливче“, вели Стефановиќ, лидер на српската Левица.  

Повеќе:

Мас до Белград и Приштина: Ако сакате во ЕУ, ќе преговарате со ЕУ

САД сакаат да поентираат на Балканот

Визијата на Александар Вучиќ

Балкански автократ – можен само ако ЕУ подзамижува

Криење на „политичката слабост“

Стефановиќ и некои негови колеги остануваат надвор од трката и бараат подобри услови на изборите. Анкетите меѓутоа уште пред да излезат од предизборната трка покажаа дека нивниот партиски рејтинг е низок, така што е неверојатно дека би го поминале цензусот од 3% и би влегле во парламентот. Во истражувањето на Фактор Плус објавено неодамна, СНС имаше рејтинг од над 58%.

Аналитичарот близок на власта Саша Адамовиќ за ДВ оценува дека бојкотот е само замаглување.

„Идејата на овој дел од српската опозиција да ги бојкотира изборите е пат да се сокрие сопствената слабост од српската јавност, значи да не се покаже дека тие објективно немаат шанси на овие избори“, велит тој.

Неговите коментари се во иста насока со оние на Вучиќ од почетокот на месецов, кога тој се потсмеваше со политичарите кои бојкотираат и рече дека тие се идеална опозиција на неговата партија.

„Како бог да ми ги испрати да ми бидат противници, за да видат колку се лоши во политиката и колку не ги разбираат своите луѓе“, рече Вучиќ на еден собир.

Sergej Trifunovic

Трифуновиќ: Под Александар Вучиќ условите за избори никогаш нема да бидат подобри

Изборните услови „никогаш нема да бидат подобри“

Симболичката сила на бојкотот е дополнително поткопана од други анти-Вучиќ партии, кои одлучија да учествуваат на изборите. Познатиот актер Сергеј Трифуновиќ, лидер на Движењето на слободни граѓани, аргументира дека пандемијата на коронавирусот покажала што се случува кога владеачката партија има неограничена власт.

„Какви и да се условите за избори, а тие се сигурно страшни, можам веднаш да ви кажам дека под Александар Вучиќ никогаш нема да бидат подобри“, изјави тој во мај.

Разговори за Косово по изборите

Влошената демократија во Србија привлече внимание и надвор од границите на земјата. Најновиот извештај на Фридом Хаус покажува дека Србија од „делумно консолидирани демократи“ е спуштена во категоријата „хибридни режими“, со што се сигнализира на фрагилни демократски институции и „супстанцијални предизвици“ за граѓанските права и слободи.

Germany Munich Security Conference MSC München Aleksandar Vucic

На меѓународните сојузници им покажува пријателско лице на Белград: Александар Вучиќ на безбедносната конференција во Минхен во февруари годинава со поранешниот американски амбасадор во Берлин, Ричард Гренел

ЕУ и САД, меѓутоа, се чудно воздржани во поплаките на сметка на Вучиќ. Тоа делумно може да се објасни со тоа што Вучиќ на меѓународните сојузници на Белград внимателно им покажува пријателско лице. Вучиќ е и најважен партнер на Западот околу решавањето на најважниот надворешнополитички проблем на Србија - Косово. Србија досега успева да го држи Косово надвор од повеќето меѓународни организации со помош на својот традиционален сојузник Русија.

САД вршат притисок за нови разговори помеѓу Белград и Приштина. Поранешниот американски амбасадор во Берлин, Ричард Гренел, соопшти дека претставници на двете влади наредната недела, по изборите во Србија, ќе имаат средба во Белата куќа. Барем Вашингтон, како што изгледа, е уверен во победа на Вучиќ.