Избеганиот Груевски ги носи другите обвинети во притвор | Северна Македонија | DW | 14.11.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Избеганиот Груевски ги носи другите обвинети во притвор

Бегството на Груевски го вклучи алармот за превенирање на нови обиди за бегство, и веќе ги однесе во притвор Миле Јанакиески и Кирил Божиновски. Разочарана и гневна е јавноста, но и неговите сопратијци.

Гнев, клетви, разочараност, осуда и барање одговорност од надлежните - тоа е „коктелот“ што ѝ го приреди осуденикот Никола Груевски на Македонија и домашната јавност по бегството во Унгарија, каде побарал политички азил. На социјалните мрежи врие од осуда за бегството на Груевски: „Каде сте Македончиња, кај отидовте? Дали сега ви е појасно што е вмровски 'патриот'?“, „Криминалец беше, криминалец си остана, беден до крај“, „Ќe останел верен на каузата. А која е каузата? Дрпај, намести ги другите, и бегај!"

Повеќе: И официјално потврдено: Груевски е во Унгарија!

Неговото бегство го вклучи алармот за превентива на нови обиди за бегство и веќе ги однесе во 30-дневен притвор поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Кирил Божиновски. По барање на СЈО ваква одлука донел Кривичниот суд за двајцата осомничени во случајот „Талир“, кои се обвинети и во неколку други случаи за кои се водат судски процеси.

Токму Јанакиески вчера изрази стравување дека бегството на Груевски ќе им ја отежне ситуацијата на другите обвинети.

„Најостро го осудувам ваквиот чин, бидејќи ќе влијае негативно на судските предмети во целост, а посебно во оние предмети каде сме заедно обвинети“, изјави Јанакески за ТВ „21“. Исто стравување изрази и поранешниот вицепремиер за економски прашања, Владимир Пешевски. 

„Длабоко сум разочаран и вознемирен од овој чин, кој е за најостра осуда. Ова сериозно ги подрива сите напори што се водат за национално помирување на повеќе нивоа. Иако е тоа тешко, апелирам гневот од овој чин да не се насочува кон другите луѓе кои што се опфатени во други судски предмети и истраги. Верувам дека правдата на крај сепак ќе го стигне секого“, изјави Пешевски.

Mile Janakieski (DW/P. Stojanovski)

Миле Јанакиески е веќе во притвор

Мандатот на ново преиспитување

Со бегството Груевски целосно им ја отежна ситуацијата на неговите сопартијци засегнати од судски процеси. Тие деновиве гласаа против одземањето на неговиот пратенички мандат, не претпоставувајќи дека тој ќе им возврати на најлош можен начин. Неговиот пратенички мандат денеска повторно ќе биде тема, но на вонредна координација што ја најави претседателот на Собранието, Талат Џафери.

„Откако Груевски е во бегство имаме нова ситуација. Нелогично е тој и натаму да се третира како оправдано отсутен и да ги најавува отсуствата во неговата пратеничка група, кога самиот објави дека не е во државата, туку во бегство“, изјави Џафери.

Но, во целата ситуација најголем е срамот што тој ѝ го предизвика на Македонија. Професорот Ѓорги Спасов вели дека бегството на Груевски разочарало многу граѓани кои сметаа дека по бегството на Горан Грујовски и Никола Бошковски, власта извлекла поука од несихрнизираноста на обвинителствата со судството и полицијата и дека веќе нема да дозволи осудени лица да исчезнат без чија било одговорност.

„Делува наивно и неубедливо објаснувањето дека никој немал надлежност ниту одговорност да го спречи Груевски да ја премине границата нелегално и да побегне, а уште во петокот беше констатирано дека му се губи трагата. Поранешениот премиер и актуелен пратеник на кој му се доделени шест полициски службеници да се грижат за неговата безбедност, побегнал од земјата уште во четвртокот, а полицијата неколку дена  откако тој избегал, пред тв-екраните ја демонстрираше својата неинформираност, измаменост и би рекол неспособност, барајќи го бегалецот по неговите станови во Скопје и по багажниците на коли кои влегуваа и излегуваа од седиштето на неговата партија. Тоа тешко може да се објасни со немање надлежност и со работа според Устав и Закон“, вели Спасов.

Griechenland zwei Ex-Geheimdienstagenten aus Mazedonien vor Gericht in Thessaloniki (Reuters/A. Avramidis)

Грција како членка на ЕУ го призна амнестирањето на Иванов, и ги ослободи од вина Грујоски и Бошковски

Тој потенцира дека Груевски не е „кој било“, од оние на кои им се суди за сторени кривични дела.

„Тој е симбол на криминалот кој се правеше во Македонија сите изминати 11 години. Против него се водат судски процеси, низ кои беше важно да се докаже дека секој ќе одговара за сторените дела, дека никој не смее да се надева на бегство од правдата. Ова сега фрла сенка врз способноста на власта. Тоа ќе ги разгоре шпекулациите дека било предвидено и договарано со власта. Тоа ќе ги врати сомневањата дека за криминал ќе одговараат само 'ситните риби'. И можеби ќе ги инспирира сите останати лица на кои им се суди да го направат истиот чекор како Груевски, кога тоа е веќе така едноставно“, предупредува Спасов.

Како пример го посочува фактот дека Грција како членка на ЕУ го призна амнестирањето на Иванов, и ги ослободи од вина Грујоски и Бошковски.

„Откако веројатно и Орбан ќе ни соопшти дека му дава азил на Груевски затоа што не е убеден дека за неговиот пријател ќе има фер судење во Македонија, како што тоа ни го кажа Косово за некои обвинети кои побегнаа таму, веројатно ќе се намножат оние кои бегството од правдата ќе го сметаат за вистинско решение. Оттука, ова не е обично бегство. Ова е срам за земјата. И мала утеха ќе биде тврдењето дека полицијата не смеела да ги надгледува неговото движење ниту границата, дека судството не смеело да издаде налог за притвор без барање од обвинителството, и дека обвинителството решило веќе да не бара притвор бидејќи 'човекот не покажувал знаци дека така ќе постапи'. Уште помала утеха е тоа што такви нешта им се случуваат и на други држави, или дека со бегството на Груевски ќе станело јасно дека тој ги оставил на цедило не само 'браќата и сестрите' од неговата партија, на кои заради него им се суди, туку и неговото семејство кое нема забрана да отпатува кај што тој ќе ги повика“, критикува Спасов.

Mazedoenien, Skopje: Nicola Gruevski und Viktor Orban (Getty Images/AFP/R. Atanasovski)

Груевски првата ноќ ја поминал во хотел, а потоа се сместил во вилата на Орбан, тврди „1 ТВ“

На тест ќе биде и ЕУ

Со оглед дека Груевски побара азил во земја членка на ЕУ, на тест ќе биде ставена и Европската унија во чии вредности клучно место има владеењето на правото. Прашањето е дали Брисел ќе изврши притисок врз унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој често е критикуван заради непочитување на европските демократски вредности.

Повеќе: Како Груевски стигна до прегратката на Орбан?

Симонида Кацарска, директорка на Институтот за европска политика - Скопје (ЕПИ), не се сомнева дека случајот со Груевски и постапките на властите во Унгарија ќе бидат во фокусот на македонската, но и на европската јавност.

„Овој случај за нас јасно ќе ја отслика улогата на земјите членки во ЕУ-интеграцијата и пристапувањето. Одлуките по однос на ова прашање се тесно поврзани со улогата на Европската Унија како промотор на владеење на правото во процесот на пристапување. Од тој аспект, случајот со поранешниот премиер е тест за улогата на ЕУ и нејзините земји членки, односно за Унгарија, како модел за трансформација на овој регион. Овој случај ги става во 'непријатна' позиција македонските и унгарските власти, но и европските институции, особено Европската комисија која е исправена пред предизвикот да ги балансира своите барања за владеење на правото кон Македонија и будно да ги следи на постапките на земја членка на ЕУ, од која зависи и самата“, оценува Кацарска.

Првичните сигнали од Унгарија не се поволни. Покрај неофицијалните информации дека Груевски стигнал до Будимпешта со домашна но и унгарска логистика, „1 ТВ“ вчера, повикувајќи се на нивни извори, објави дека Груевски првата ноќ ја поминал во хотел, а потоа се сместил во вилата на Орбан.  

DW.COM

Реклама